(Видео) Данела Арсовска нападната од 30 луѓе додека проверувала дивоградба во Чаир

Градоначалничката е примена во Ургентниот центар во ГОБ „8 Септември“ со контузии од тупаници и клоци. Нападот се случил спроти полициската станица „Чаир“.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска е физички нападната при извршување на работни задачи во Чаир. Кон неа биле упатени и вербални закани од повеќе лица, а Арсовска била примена во Ургентен центар во ГОБ „8 Септември“ видно вознемирена и со контузии од удирање со клоци и тупаници. Прегледана е од специјалисти.

Од Кабинетот на Арсовска изјавија дека била нападната од 30 луѓе додека била на увид на дивоградба на Бит Пазар спроти Полициската станица „Чаир“. Вработени од Град Скопје кои биле со неа на увидот велат дека најстрашно е што нападот се случил пред полициската станица, а станува збор за дивоградба која неколкупати е пријавувана кај надлежните институции.

Информацијата ја потврдија од Министерството за внатрешни работи од каде соопштија дека инцидентот се случил на улицата „Кумбара“, а случајот бил пријавен во СВР Скопје во 12,15 часот.

„На 11.07.2025 во 12,15 чaсот од страна на А.Ј. во СВР Скопје пријавено е дека при извршување работни задачи на ул. ‘Кумбара’ физички била нападната градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и дека повеќе лица ѝ упатувале вербални закани. Истата не сакала да поднесе пријава за настанот по што се упатила во ГОБ ‘8 Септември’ за укажување лекарска помош“, информира МВР.

Во изјавата по излегувањето од болница Арсовска рече дека нападот се случил во присуство на полицијата, но дека полицајците само гледале, па и се гушкале со напаѓачот. Место да го приведат веднаш откако почнал да се заканува вербално, а потоа физички да ги напаѓа, тие му оставиле половина час, според неа, да го слушаат како на телефон кажува како ќе ги убие сите еден по еден, од нејзиниот тим и од семејствата. Арсовска притоа тврдеше дека напаѓачот се јавил на дваесетина луѓе во МВР и дека поради тоа се чувствувала загрозена, констатирајќи дека очигледно во некои делови од Скопје МВР нема контрола и не функционира.

Сопственикот, како што рече, го затекнале како гради и како стигнал до трета плоча од објектот, а немал никаква документација и никој не интервенирал иако имало пријава.

„Краде струја, краде вода, не платил ни денар, ни данок ни комуналии, нема никакво одобрение, ниту документи“, ја опиша состојбата Арсовска, а за реакцијата на полицајците кои само го оддалечиле еден метар напаѓачот рече дека „стоеле, гледале, толерирале, па и охрабрувале.“

Претходно Арсовска објави дека МВР одбило да ги прими пријавите за физички напад врз советничката Ирена Витина, што се случил деновиве од страна на полициски службеник. Во објава на социјалната мрежа Фејсбук, Арсовска тврдеше дека полицискиот службеник бил фатен при, како што посочува, на „незаконско приклучување на водоводна мрежа“ на ЈП „Водовод и канализација – Скопје“.

„Уште еден ден во Македонија. Само да знаете каде живеете. МВР вчера одбиваше да ги прими пријавите од Град Скопје за физичкиот напад од нивен службеник врз жена“, напиша Арсовска.

Според тврдењата на градоначалничката, засега ниту една институција не изразила осуда за инцидентот, кој, како што вели, претставува напад врз жена службено лице, советничка во Градот.