(Видео) Давитковски: Страв ми е дека одиме кон банкрот држава, ние имаме „африканска влада“

„Реформите не ги правиме за Европа, ги правиме за нашите граѓани. СДСМ е урбана партија, која воглавно го собира кремот од урбаните средини. Таа го губи тој карактер, а ВМРО-ДПМНЕ почна да поприма карактер на урбана партија“ вели професор Борче Давитковски во најновото издание на Трилинг.

Давитковски вели „Од никого не слушнав како ќе ги вратиме долговите, ние сме презадолжена држава. Страв ми е дека одиме кон банкрот држава. Долговите граѓаните ќе ги плаќаат, ќе се скратат пензиите, немаме национално добро кое би го продале за да се платат долговите“.

„Нема да се дрзне Мицкоски за веднаш да го смени Уставот, но по некоја година ќе види дека единствен излез е да се смени Уставот. Не ми е јасно зошто досега не направија компромис со СДСМ и ДУИ, Бугарите мора да влезат во Уставот. Ние ја молиме Европа, а не таа нас. Мора да одиме по тој диктат“ смета Давитковски.

На прашање како да се состави „рационален владин кабинет, професорот вели „Ние имаме `африканска влада`, имаме многу министри без ресор, имаме потпретседатели на Влада иако секаде во светот еден е потпретседател на Влада. Нашата Влада брои 26-27 луѓе. Влегуваат луѓето во политика за одредени бенефити, најголем работодавач кај нас е јавниот сектор. Мицкоски ќе добие врел костен во поглед на јавна администрација, а да не зборам за забелешките во правосудство“.

„Во Македонија ништо не може да ме зачуди. Новата влада може да е и полоша од оваа“ смета Давитковски.

За јавната администрација вели „околу 170.000 луѓе се во администрација, секој сака да ги вдоми своите партиски војници. Решение е да се врати во Клинички центар да има само еден директор, до 2006 година така се менаџираше, секој оддел имаше шефови. 32 директори сега – тоа е само за партиско пазарење“.

„Партиските лепачи на плакати се ставаат само да примаат плата, во здравството има околу 22.000 вработени, околу 10.000 се `бели мантили`, останатите се администрација. Затоа се оптоварува и буџетот“ смета Давитковски.

Највисоките политички врхушки во Македонија обично остануваат нечепнати, смета професорот.