„Зошто системски закон за редуцирање на многуте регулаторни тела кој се носи со двотретинско мнозинство се донесе преку ноќ? Без Влада, без јавна консултација, без дискусија, тоа отвора многу прашања. Еден ваков закон бара повеќе внимание и дискусија. Измените сами по себе не кажуваат ништо. Реорганизација на системот само се прави, еден облик на управна организација се трансформира во друг. Сите инспекторати се изземени од надлежноста на овој закон. Нови институции има малку. Она што го добиваме се само нови министерства, суштински не можеме да процениме дали поефикасно ќе се работи“ – вели универзитетскиот професор од Правниот факултет – Драган Гоцевски во најновото издание на Трилинг.
Гоцевски напомена дека имавме 16, а сега ќе имаме 20 министерства и вели дека „цели сектори ќе се преземаат, во првиот бран тешко е да се види што ќе се случи. Веројатно ќе има потреба од нови раководители, од нови унапредувања и вработувања. Не верувам дека со механичко преземање на цели сектори ќе кажат – сега сме доволно“.
„Процесот на систематизација и реорганизација треба да се заврши за 6 месеци. Мора да признаеме дека некои решенија се рационални“ вели Гоцевски.
Професорот не очекува драматична промена со законските измени.
„Укинати се само институти и заводи“ вели тој.
Гоцевски смета дека „клиентелистичкиот начин на вработување е многу ефективен, она со што сега ќе се соочиме е дефицит на луѓе кои ќе сакаат да влезат во јавна администрација, наназад последниве години се повеќе места се пополнуваат со веќе вработени во јавниот сектор. Од 2017 почна се помалигно е губењето на кадри“.
Во врска со тоа дали институциите ќе се сервис на граѓаните, неговиот став е „Од почеток имаме власт која и без Влада носи одлуки. Дали ќе бидат продуктивни институциите ќе зависи од агилноста и посветеноста на носителите на јавните функции. Доколку се посветени, можеби ќе имаме и резултати. Многу тешко е да се даде цврста квалификација“.
Професор Гоцевски за укинувањето на институции смета дека треба да има намалување, но треба да се направи добра анализа.
„Бројот на институции е голем, не преголем. Проблемот е што не е продуктивен. Напорите околу дигиталната трансформација, гледаме само дека се ветувања. Бројот на вработени може да се намали“ вели тој.