Грозоморните две убиства кои ја потресоа македонската јавност беа првата тема во вечерашното гостување на евроамбасадорот Дејвид Гир во „Трилинг“.
Како и сите бев шокиран од овие страшни убиства. Можам само да замислам во моето срце како се чувствуваат блиските на обете жртви и нивните пријатели, во случајот со Вања и нејзините соученици. Страшна ситуација. Но, извршени се апсења, истрагата е во тек, како што знаете во такви околности не е соодветно да го коментирате случајот или пошироките импликации од истиот, започнува Гир.
Тој додава дека со голема внимателност го следат настанот и вели дека сочувствува со оваа трагедија.
Евроамбасадорот даде свое мислење околу патот на нашата држава кон ЕУ.
Патот кон ЕУ се состои од реформи, а во срцето на реформите е воспоставување на систем каде ќе владее правото на земјата. Така што секако, не смее да се случи ЕУ интеграцијата да биде на сметка на владеење на правото. Напротив единствениот начин на кој оваа држава би се зачленила во ЕУ е низ реформи вклучувајќи ја и областа на владеење на правото, рече евроамбасадорот Гир за „Трилинг“.
Тој потенцира дека Евроинтегрција значи почитување на правото. Околу лошиот извештај кој го доби нашата држава од ЕУ и проблемите во правосудниот систем, Гир го образложи својот став за судскиот систем и отвори сомнеж дека бизнисот се меша во судството.
Причината за ниската доверба во судството е искуството во системот кој или бил неефикасен или имало политичко, финансиско-бизнис мешање во него, вели Дејвид Гир и додава дека судството во блиска иднина мора да подлежи на реформи.
Евроамбасадорот се осврна и на волјата за реформи.
Она што е најнеопходно од се е политичка волја да се спроведат вистински реформи во сите области за граѓаните да можат да почуствуваат да имаат систем, онаков каков што заслужуваат, потенцира Гир.
Околу претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, а сличниот на Црвенковска и Дамева за политичко влијание во судството, Дејвид Гир вели дека
Треба да биде јасно дека нема простор за политичко или бизнис-финансиско влијание врз судскиот систем. Било тоа да е врз врховниот суд или врз пониските судови, обвинителството или судскиот совет, заклучува тој.
За уставните измени Гир е јасен дека „не постои план Б“.
Да започнеме со уставните промени. Како што знаете, имаше опширни дискусии по ветото на Бугарија во септември 2020 г. кои резултираа со договор во јули 2022 г. дека земјата ќе може да напредува по својот европски пат иако постои условот за промена на уставот. Мислам дека е тоа огромна шанса за земјата. Тоа е шанса да се напредува кон она што го сакаат луѓето, да се напредува кон подобра и попросперитетна иднина, да се напредува кон иднина каде младите не си заминуваат, туку можат да изберат да живеат овде, да работат овде, да основаат семејства овде. Почиста, побезбедна, попросперитетна С.Македонија како дел од ЕУ. Како резултат на таа одлука, го започнавме скрининг процесот и тоа се одвиваше многу добро. Како што веројатно знаете, скрининг процесот всушност ќе заврши оваа недела и земјата се покажа добро. Ова е голема шанса, шанса да се остави минатото, споровите, разликите зад земјата и да се гледа напред и да се каже „сакаме да напредуваме кон ЕУ“. Не постои план Б. Овие промени мора да се реализираат, вели евроамбасадорот Дејвид Гир.
На прашањето „што ќе се случи доколку се пропушти оваа шанса на македонскиот пат кон ЕУ“ евроамбасадорот даде прецизен одговор дека доколку државата не ги изгласа овие уставни измени ќе заглави во ќорсокак. Тој вели дека се надева дека ќе има политичка волја да продолжи државата кон европскиот пат.
Евроамбасадорот Гир даде свое видување и за опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Знам дека ВМРО-ДПМНЕ во различни наврати сугерираше дека можеби ќе успее повторно да преговара за некаков договор или пак да преговара за преговарачката рамка, или да изнајде некое друго решение. Тоа е нивна работа. Според мене, твоопшто не е реалистично да се гледа на тоа на таков начин. Ако лидерите веруваат дека постојат алтернативи, треба да се многу јасни кои се тие алтернативи. И треба исто така да покажат како тие се реални, и како можат тие да го постигнат резултатот кој тие го посакуваат, заклучува Гир.