Искра Гешовска, историчар на уметност, теоретичар на книжевност, креатор на независната културна сцена, иницијатор на неколку платформи за активизам на уметниците во регионот.
Се закити со медалот „Гете 2024“, кој заедно со уште двајца уметници, од Чиле и од Мексико, го доби на почетокот на месецов.
Таа во најновото издание на Трилинг за признанието ќе рече „креаторите на културните политики кај нас можеби малку неодговорно се однесуваат кон културната дипломатија. Во секое предизборие, како и во ова, многумина зборуваат за културна дипломатија, но не гледам дека тоа се ефектуира на некој начин“.
Гешовска за тоа што значат слободата и солидарноста во регионот токму во овој период вели „Тие се најважното нешто за мене, слободата секако има граници, кога зборувам мислам на создавање на зони, автономни, кои ќе се спротивставуваат на други зони на моќ и кои ќе ги преиспитуваат. Слободата е нешто што бара сериозна организација за да може да развие утописки нови патеки. Солидарноста, пак, е нешто кое сериозно ни се измолкнува. Сите зборуваат, но не гледам како интерферираат. Затоа ни се важни да се создадат енклави на единство на различностите“.
Според неа, она што е особено важно е што „такви зони ние се обидуваме да развиваме меѓународно“.
„Верувам дека дисензусот и отпорот се клучните нешта кои можат да одржат вибрантна заедница. Отпорот е да ги забележите црните дамки на тепихот, во денешно време постои автоцензура, заради таа тивка репресија. Демократијата треба сериозно да се преиспита кај нас, таа е под знак прашање. Образование кое поттикнува поданичка култура не може да се движи напред, тоа станува општество на опресија затоа што сето тоа е под флоскули за слободата, демократијата. Не да се биде поданик. Ова што ни се случува последниве 30 години е девастирачки, исклучиво негување на поданичка култура која ги брише сите вредносни вертикали, но сето тоа не треба да не обесхрабри да инсистираме на приказната на отпор, а како ќе се бориме – треба да се договориме“ вели Гешовска.
За тоа денес што е знак на идентификација, името или општествените вредности, вели „Општествените вредности, без дилема. Јас мислам дека крајно време е секаде во светот да се напуштат тие етнонационални наративи, идентитетски приказни. Тие се погубни. Јас сметам дека тоа се беспредметни дебати, секој интимно се идентификува со нешто, верувам во едни интеркултурни идентитети. Зарем не беше доволно она што се случуваше во Втората светска војна? Или водат во манипулативни популистички наративи кои ја потхрануваат поданичката култура. Создаваат нестабилност“.
Гешовска вели дека „менталната корумпираност ме прави тажна, она што ме ранува е кога ќе видам алчност и желба за себепромоција преку дискредитација и лажни наративи за другиот, постојаното унижување на поинаквиот кое создава простор за испразно позиционирање. Интегритетот на луѓето станува евтина роба, тие и самите не водат сметка, важно е само да се преживее“.
Според неа, кај нас „секогаш некој друг е виновен, во Југославија беа Белград, Загреб и Љубљана виновни, па сега сите соседи ни се виновни, никако да научиме дека мораме прво себе си да се преиспитаме. Критичката анализа мора да почне од себе. Позицијата на жртва е погубна, а гледам дека политичките елити доаѓаат на власт предизвикувајќи кај заедницата улога на жртва“.