Град Скопје за 3 месеци го зголемил јавниот долг за 2 милиони евра. Гостивар, Делчево и Тетово се најзадолжени градови. Македонската влада одлучи да издвои 250 милиони евра финансиска поддршка за општините за спроведување и реализација на капитални проекти.
Од друга страна, градежната експанзија не стивнува. Зеленило се помалку низ македонските градови. Скопје се гуши во смет, а во централното градско подрачје граѓаните се почесто се сведоци на дивеење, сообраќаен хаос и гласна музика.
Скопјани неодамна беа сведоци на хулиганство и дивеење на група млади луѓе во игралиште наменето за најмладите, до кога ќе се толерира ваквото однесување?
Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски во гостувањето на „Трилинг“ вели дека на вакви случки се сведоци веќе неколку години наназад, за кое цело време апелираат со цел подигнување на јавната свест кај родителите, но и кај дечињата од Општината сите заедно да се грижат за јавното добро.
– Како општина и во минатото но и сега континуирано имаме одредени активности кои се со цел овие појави да ги минимизираме. Неколкуте средби што ги имавме и во минатото каде се правеа координирани акции со МВР, кои привремено се организираа и вродија со плод, ќе ги организираме и во наредниот период. Имавме средба со началникот на СВР Скопје и со груп луѓе каде разговаравме за малолетничката деликвенција, ноќниот хаос, гласната музика, неправилно паркираните возила…Последните 7 дена се започнати координирани акции каде МВР е постојано на терен, има зголемен број на полициски службеници на повеќе локации во Општината каде се соочуваме со повеќе проблеми. Тоа вродува со плод но такви акции треба да продолжат, вели Градоначалникот.
Зошто овој проблем подолго трае и дали нема доволна соработка меѓу Општините и полицијата, односно кој потфрла, Герасимовски вели дека сите заедно треба да се вклучат за решавање на истиот.
– Како Општина имавме доста предавања по училиштата со цел подигнување на јавната свест заедно и со МВР имавме акции на терен каде заедно ги посетувавме парковите, за да влијаеме врз однесувањето на младите. Наредниов период покрај акциите со МВР, се договоривме и пајакот да работи прекувремено, за решавање на проблемот со паркирањето. Дополнително преземавме неколку иницијативи, имавме средби со социолози, психолози, луѓе стручни во сферата заедно да почнеме кампања која ја планираме од септември, со почетокот на учебната година, каде ќе се прават трибини, обуки и на децата и на родителите за подигнување на свеста. Правници заедно со стручни лица почнуваат подготвување на законски измени, како што е Законот за родителство, за основно и средно образование, малолетна деликвенција…Целта е да се стават поголеми казни за уништување на јавното добро и преку општествено одговорна кампања да ги социјализираме младите и тука да се вклучат и нивните родители, вели Герасимовски, додавајќи дека оној што ќе направи штета на било каква урбана опрема, на зеленило, осветлувањето…преку општествено одговорна работа да го санира сето тоа со цел ресоцијализација.
Градоначалникот на Центар посочи дека нивната цел со овие мерки не е да се уништи ноќниот живот во центарот на Градот.
– И ние сме излегувале, но целта е да воспоставиме целосен ред во самата Општина и сигурен сум дека тоа ќе го постигнеме, истакна тој.
Прашан за киднапирањето и убиството на малата Вања, која беше земена од центарот на Скопје и за безбедноста на младите, градоначалникот вели дека воопшто не знае како е воопшто возможно некој да посегне по млад живот и некој да го организира сето тоа.
– До каде отиде општеството и до каде отидоа луѓето со нивните размислувања. Во делот на базбедноста, таму има поставено камери, ние бевме во целосна координација со МВР како општина да помогнеме во тој случај, јас бев во комуникација со мајката на Вања за да најдам начин да помогнам. Жално е тоа што се случи и недозволиво е во иднина некој да посегне по млад живот. МВР си ја заврши работата, верувам дека и набрзо ќе се реши случајот, но младиот живот нема да се врати и тоа е жално, порача Герасимовски.
Најавени се 250 милиони за развој на општините, но зошто општините немаат капацитет за самоодржливот? Герасимовски смета дека најверојатно тоа е од лошото менаџирање на самата општина и наследените долгови од минатото.
– Иако минатата влада ги покри дел од долговите кои се таложеле со години. Не се 250 илиони, оваа година се 100 милиони кои ќе се доделат за проекти на самите општини. Во координација сме со Министерството за локална самоуправа и со владата. Имавме состаноци со министерот на кои ние како градоначалници дадовме одредени предлози и наши размислувања како да се отпочне и заврши целата постапка во делот на критериуми, како да се распределуваат финансиските средства итн. Ние како општина имаме подготвено неколку проекти кои верувам дека ќе ни бидат одобрени, одговори Герасимовски.
За тоа дали е поразителен податокот дека ниту една македонска општина нема инвестициски рејтинг а 12 општини се со блокирани сметки, градоначалникот на Центар истакнува дека од кога тој е во општината, самиот буџет е во одлична состојба.
– Гледаме со реализација на крајот на годината да исцрпиме што повеќе средства, затоа што тие средства се во буџетот за реализација на проекти, не да стојат на општинската сметка и тоа го правиме со години наназад. За жал имавме едно извршно решение, судска постапка која траеше десетина години и каде што општината се задолжува на одредена фирма да исплати 2,5 милиони евра. Јас не дозволив како во минатото да бидат извлечени средствата и да биде блокиран општинскиот буџет. Набрзо по самата судска одлука направвме брз ребаланс каде што одредени финансиски средства од одредени проекти кои ни ги закочија одредени институции, ги пренаменивме од сметката за да не биде истата блокирана. Моја цел е сите финансиски средства кои ги имаме на сметката да ги реализираме преку проектите кои се ставени во програма и во самиот буџет за оваа година, изјави Градоначалникот на Центар.