„Општините не можат да бидат самоодржливи поради повеќе причини – фискалната децентрализација, преземаме надлежности, а не добиваме финансирање за истите. Персоналниот данок на доход кој што доспева до општините е 6%, а во Европа или во регионот, далеку повисок е данокот. Генерално проблемите се поврзани со централната власт. Не мора да се сакаме, ама мораме да функционираме заедно. За жал, имавме затворена врата од претходната Влада“ – вели Орце Георгиевски – претседател на ЗЕЛС и градоначалник на скопската општина Кисела Вода.
Георгиевски вели „ние ги нотиравме забелешките, покажавме сериозен прогрес како општини. Состојбата и односите со владата, од почеток се гледа желбата да се помогне на општините. Владата не му помага на Орце, туку им помага директно на граѓаните“.
„Не може во едно населено место прво да се асфалтира, па потоа да се работи подземна инфраструктура. Не може Владата да гради училиште по личен избор на министерот, треба систематски пристап. Многу се важни преземањето на примерите од развиените европски градови“ вели Георгиевски.
Смета дека „секоја општина има одреден број на средства кои и следуваат. Нема да има фаворизирање на општини. Верувам дека до крај Владата ќе прави рамномерен развој. Нас ни е потребно да се врати довербата во институциите, за да се спречи иселувањето“.
Градоначалникот на Кисела Вода кој рече дека веќе има 95% од проектите во неговата програма за средствата кои ќе ги добијат од централната власт вели „треба да има реперкусии за секој кој несовесно постапува и не ја користи шансата од Владата да се реализираат проекти кои треба да се за решавање горливи проблеми. Во комуникација сум со сите градоначалници. Треба да се има проектна документација, сите се генерално подготвени, во септември ќе аплицираат. Индивидуалното ангажирање од градоначалкникот ќе биде клучно за реализација на овие проекти. Треба да се најде законски начин одговорноста да понесува и градоначалникот. Добар е моделот градоначалникот да може да биде отповикан со 2/3 мнозинство на Советот“.
Георгиевски рече дека со ова алудира на Данела Арсовска.
„Алудирам и на неколкумина други градоначалници низ државата. Да 4 години ги поминете во хибернација, треба да се сносат одговорност многу порано од завршувањето на вашиот мандат. Поради тоа имаме голем проблем во Град Скопје – генерален хаос. Блокиран јавен транспорт, Скопје не било никогаш понечисто“ вели Георгиевски.
За поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски кој остави зад себе неколку проекти во главниот град, а во чие време беше проектот Скопје 2014, Георгиевски вели дека нема ниту една судска разрешница за овој проект, иако имаше сомнежи за криминал и корупција, а „СДСМ спроведуваше класичен политички прогон“.
За тоа дали ќе биде идниот градоначалник на Скопје, Орце Георгиевски вели „сметам дека би бил добар градоначалник на Скопје, би дал се од себе, но за тоа ќе реши партијата, ќе се прават анкети, има време за истото“.
За гасификацијата во главниот град, смета дека „се уште може да се спроведе. Верувам и дека може да се реши сообраќајниот хаос. Гасификацијата е вистински начин сите домаќинства да се загреваат со евтин реагенс без да се загадува животната средина. Главниот загадувач бизнис сектор, домаќинства и депонии. Верувам дека по промената на Арсовска ќе се промени ова, може да се изнајде решение за секој проблем“.