Државните болници се борат со недостиг од лекари. Трендот на заминување на медицински персонал продолжува. Алармантен егзодус на лекари.
Податоците откриваат загрижувачки трендови – годишно околу 250 луѓе во бел мантил го напуштаат јавниот здравствен систем, а од друга страна, подолг период не им се решава статусот на приватните специјализанти. чиј број изнесува околу 500.
Доктор Александра Георгиева, претседателка на здружението на приватни специјализанти во гостувањето во „Трилинг“ вели дека, како секој приватен специјализант, во моментот кога ќе стане специјалист, односно кога ќе го заврши процесот на специјализација, лицето нема работно место, односно е „слободен стрелец“ на пазарот на трудот, каде може да ги понуди своите кометенции таму каде што се бараат односно тоа е во приватното здравство.
Ние сме една од ретките држави во кои имаме приватни и државни специјализанти, а според Георгиева, тоа е „исклучителен феномен“.
– Приватни специјализанти на глобално ниво постојат само во Македонија, Албанија и Косово. До пред некое време постоеше и во Србија, но се направи трансформација на сите специјализанти. Сега и таму нема, па така ова се трите последни земји во светот кои препознаваат приватни специјализанти, истакнува таа.
Околу 14.000 евра приватните специјализации чинат за 6 месеци. Земаат плата околу 26.000 денари, за разлика од државните кои земаат околу 45.000 денари плата плус дежурства и стигнуваат до 1.000 евра. Дали е парадоксално специјализант да зема плата од 26.000 денари?
– Апсолутно, таа мерка започна во 2018-та година кога 26,000 беше нешто благо над просечна плата во Македонија. Но денеска во 2024-та, просечната плата е околу 40.000 денари, но приватните специјализанти останаа на тие 26.000. Дополнително им беше укинато здравственото осигурување, па така ниеден приватен специјализант во државата, доколку не си плаќа сам на ФЗОМ, не може да се лечи во институцијата каде што специјализира, односно каде што и самиот лечи пациенти. Ние внимателно ги следевме изјавите на актуелниот министер Таравари, каде говореше за укинување на приватните специјализанти, односно некоја дискусија која би сакал да ја покрене со деканот на Медицинскиот факултет во Скопје. Важно е да кажеме дека приватни специјализации нема само на Медицинскиот факултет во Скопје, има и на Штипски и Тетовски, нивната бројка континуирано расте бидејќи нерационално се распишуваат конкурси со огромен број на приватни специјализации бидејќи тие се исклучително лукративни за факултетите. Факт е дека еден приватен специјализант во текот на својата специјализација дал над 14.000 евра на факултетот за плаќање на својата едукација, истакнува Георгиева.