
Жителите на скопската општина Аеродром утрово се разбудија во облаци чад и неподнослива миризба што се шири низ населбата. Учениците кои побрзаа на првиот час, денеска ќе дишат токсичен воздух.
Најверојатно, причината е вчерашниот голем пожар што избувна на депонијата Вардариште, кој, според граѓаните, и денеска продолжува да чади и да испушта густ чад. Миризбата особено силна беше ноќеска околу полноќ, а утрово од терасите кои се свртени кон Вардар се забележуваше низок облак од чад, појава која во Ново Лисиче е стандардна во есенските месеци, кога маглата ја гуши населбата.
Од раните утрински часови, воздухот во овој дел на градот е загаден и тешко се дише, а граѓаните се жалат дека мирисот е присутен и во нивните домови.
Ситуацијата повторно го отвори прашањето за сериозните последици од постоењето на дивата депонија Вардариште, која со години претставува еколошка бомба во срцето на Скопје. Граѓаните бараат надлежните институции итно да реагираат и да го решат проблемот кој сериозно го загрозува нивното здравје и квалитетот на животот.
Повиците за блокирање на бул „Србија“ и АСНОМ, во близина на мостот „Близнак“ се сѐ погласни.