
(ВИДЕО) Во Трилинг со Трендафилов, Туфегџиќ и Трајановски
➡Иако цените и трошоците за живот континуирано растат, минималната плата во Македонија останува една од најниските во регионот. Си играат ли Владата и работодавачите пинг-понг со работниците? Дали со искажување на револтот на улица работниците ќе стигнат до целта? Македонија ја отвора вратата за 10 илјади странски работници. Дали навистина немаме работоспособно население или никој веќе не сака било што да работи и за било каква плата, разговараме со претседателот на ССМ Слободан Трендафилов. ➡Судијата Ристов водеше постапки во кои беа обвинети политичари, бизнисмени и луѓе со значителна моќ и влијание меѓу делителите на правда. До Судскиот совет имало претставки со наводи дека одредени предмети свесно се задржуваат во фиока, додека во истовремено се бара мито за нивно решавање. Дали оваа индиферентност на Судскиот совет е доволен индикатор дека конечно треба да се ресетира кадровскиот потенцијал во правосудството? Дали судијата поседува информации со кои може да повлече и други крупни риби? Дали со новиот Кривичен законик ќе се надмине правната хаварија со измените направени во 2023 година и дали измените значат и построга казнена политика или се работи само за козметички решенија“, во „Трилинг“ го прашуваме поранешниот судија и адвокат Владимир Туфегџиќ. ➡ Од целосна реформа и нов почеток до враќање чекор назад за преиспитување. Што и треба на СДСМ за повторно да стане релевантна политичка партија? Власта тврди нема да има предвремени избори, опозицијата смета дека потезите кои владата ги прави се токму во таа насока. Возможна ли е внатрепартиската конгресна опструкција меѓу Социјалдемократите? На овие и други теми, разговараме со Александар Трајанoвски потпретседател на СДСМ.
„Владата и работодавачите си играат со работничката судбина, со работничката пот, со работничката мака. И си играат многу долго време. Затоа времето кога разговаравме, а ти ни велеа договорете се, а ни е ќе прифатиме се ќе се договорите вие, заврши. Тие не се договорија до 31.12.2025 година и револтот го изнесуваме на улица, затоа што ако сакаат да ве слушнат на маса мора да ве слушнат од улица. Тоа што го прават е не само што си играат со работничката судбина туку и со работничките животи.
-Ако Македонија останува на дното со висината на минималната плата, тогаш едниве уживаат, а другиве трпат. Не знам каква е таа политика, без оглед дали е на работодавачите, односно газдите или на владата, да ги имате најсиромашните работници и да водите најсиромашна држава, и патем да се фалите на интервјуа со таквата состојба“, вели во интервју за „Трилинг“ претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

„Ние нема да се откажеме како што не сме се откажале во минатото а го барале тоа од нас. Минатата година бараа од нас да се откажеме, не напаѓаа за да се откажеме. Се обидуваа да не спречат со разно-разни мерки да престанеме да бараме, да престанеме да протестираме. Во Владата размислувањето е дека само ССМ бара зголемување на платите на работниците и дека работниците добро живеат во Македонија. На газдите исто така пречка им е ССМ затоа што укажуваме на таква состојба. Но ние нема да се откажеме и покрај сите притисоци. Ќе организираме и нови протести, нови блокади и на прагот сме на генерал штрајк во јавниот и приватниот сектор. Ако ним им одговара 33% од вкупниот број на вработени да живеат со плата под 31,200 денари, колку што е прагот на сиромаштијата, ние не можеме да го дозволиме тоа“, вели Трендафилов.
Прашан со какви притисоци се соочуваат, Трендафилов вели дека цела 2025 година се обидуваа да го дискредитираат ССМ.
„Ние нема да потклекнеме. Се обидуваа да не спречат да излеземе на улица, правеа упади во синдикалните организации, вештачки направија репрезентативен жолт синдикат за да стане партнер на власта и на работодавачите. И покрај тоа не им успеа да не замолчат“, додава Трендафилов.
Околу изјавите на министерот Дурмиши дека нема да потклекнат под синдикалниот притисок, и дека останува на ставот – во март зголемување на минималната од 1.500 на 2.000 денари, Трендафилов вели дека тоа што е важно да знаат во владата и работодавачите е дека никој не им прави притисок освен работниците, затоа што работниците не можат да си дозволат да ги прехранат семејствата.

Прашан за оценка на изјавата на претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески кој вели „ние можеме да одиме со какво сакате зголемување на минималната плата која утре може и да не ја добиете“, првиот човек на ССМ вели дека поразително е што едни исти луѓе 26 години не ги иселија само работниците од Македонија со ваквите ставови, туку ги иселија и целите нивни семејства.
Македонија ја отвора вратата за 10 илјади странски работници. Прашан дали навистина немаме работоспособно население или никој веќе не сака било што да работи и за било каква плата, Трендафилов вели дека денес веќе никој не сака да работи било што и за било колку, затоа што работниците имаат избор.
„Ако не го најдат изборот тука, многу лесно можат да го најдат некаде во нашето опкружување или во Западна Европа. Но тоа што е поразително е тоа што владата и работодавачите, а веќе и претседателот на Стопанската комора кажа дека не им се потребни толкави квоти за странски работници, дека треба да се искористи домашниот потенцијал. Вие да сакате да ги замените домашните квалификувани работници со неквалификувани или нискоквалификувани работници, кои не познаваат јазик, претставува увоз-извоз. Ќе ги донесат во Македонија, ќе им платат транспортни трошоци, храна и сместување, а истите ќе им заминат во некоја странска држава“, вели првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов.

„Фокусирани сме на она на што треба да бидеме фокусирани како раководство, како општински организации, а тоа е претстојниот Конгрес каде што ќе треба да биде претставена новата програма, новиот концепт и да се слушне мислењето на делегатите, да се слушнат позитивните работи, нормално секогаш сме тука и за негативните работи. Мислам дека Конгресот ќе помине во најдобар ред и за тоа се спремаме, вели во интервју за „Трилинг“ Александар Трајанoвски потпретседател на СДСМ.
Прашан околу некои изјави дека Конгресот би можел да пропадне, како и ставовите на Шилегов и Деспотовски каде се најавува можен раздор во партијата, Трајановски го исклучува таквото сценарио.
„Во претходниот период направивме безброј разговори, консултации, сите делегати се искомуницирани. Тврдам дека не ни станува збор за некакво пропаѓање или саботирање на Конгресот. Сите делегати ќе дојдат затоа што таму е местото каде што треба да се дебатира. Треба да се разговара, тоа ќе биде еден отчетен Конгрес за минатите локални избори, така што секој ќе си го каже својот збор. Сметам дека доколку и има некое незадоволство или има несогласување, Конгресот е простор каде што се тоа треба да се рефлектира, прикаже.
-Излегувањата во јавност на претходни наши сопартијци, како што се Шилегов и Деспотовски не би ги коментирал затоа што за мене е излишно да се коментираат наши сопартијци кои бараат оставка на ова раководство, или ја напаѓаат партијата со цел – стани ти да седнам јас. Не го прифаќам тој начин на конверзација и не го прифаќам воопшто тој начин на размена на идеи преку социјални медиуми, напаѓања преку социјални медиуми, или пак излегување по телевизии и плукање по СДСМ.
-Јас се познавам со господинот Шилегов, бил во структурите на СДСМ, бил градоначалник, бил во извршниот одбор до последните парламентарни избори каде што имавме катастрофален резултат, така што одговорноста е сечива, а не само на поединци“, вели Трајановски.

Говорејќи за тоа дали е точно дека се откажале од од дел поранешните високи функционери како Игор Ивановски, Гордан Георгиев, Костадинов, Трајановски вели дека никој од никого не се откажал.
„Претседателот Филипче има разговарано со сите, така што подадена е рака на секого. Нивно е да одлучат дали се препознаваат во овој концепт или ќе седат на страна. Така што СДСМ не е откажан од никого. Но ние како партија не може да трпиме атак од поранешни функционери кои добиле се од СДСМ и тој атак да остане од нас игнориран. Во еден аспект како партија мора да се заштитиме, но и да дадеме одговор на неаргументирани напади. Ќе го спомнам господинот Јован Деспотовски. Излегуваше по социјални медиуми, го напаѓа претседателот Филипче, раководството дека ја уништува системски партијата, што е апсолутно неточно. Ако некој стварно мислеше дека после онаков пораз на парламентарните избори во кои беа дел сите, а и господинот Деспотовски како функционер, ќе освоиме голем број на општини, тогаш за мене е политички лаик, вели Трајановски.
Прашан на што ги темелат тврдењата дека Шилегов и Деспотовски се продолжена рака и одработуваат за ВМРО-ДПМНЕ, Трајановски вели дека минатиов период трпат повеќе напади од сопартијци отколку од владејачката партија.
„Само по себе се наметнува дека гол дел од тие напади може да се и инструирани. Јас не кажувам со 100% сигурност дека тоа е така, но по се што гледаме како се одвива, како медиумите ги пренесуваат тие напади, особено провладините медиуми, ќе видите дека можеби има некоја симбиоза што искрено не сакам ни да поверувам дека е така, затоа што јас тргнувајќи од себе лично, со целиот кредибилитет, никогаш не би ја нападнал партијата која ми овозможила во еден период од животот да бидам тоа што сум“, вели Трајановски.

Околу отворениот фонт против медиумите, Трајановски вели дека линчот што го трпат како партија од провладините медиуми, од провладините новинари ја нарушува цела етика.
„Прво се нарушува новинарската етика. Второ, ние сите сме луѓе со фамилии и нон-стоп да бидете нападнати, да ја дефокусирате јавноста со тоа каде бил или кога претседателот на партијата отишол на одмор, мислам дека е дегутантно и мислам дека и на народот тоа веќе на некој начин му станува одвратно. Тоа не води никаде, тоа е еден линч кој се надевам дека ќе изгуби од интерес. Фокусот на провладините медиуми е претседателот Венко Филипче затоа што не испорачуваат ништо. Се се крие зад атакот. Се прави класичен дефокус и ние сме цел на линч. Дали е тоа од провладини медиуми или од новинар сеедно. А сега гледате дека и од наши сопартијци“, смета Трајановски.
За убеденоста на СДСМ дека власта се спрема за предвремени избори, Трајановски вели дека ако наназад се погледне владеењето на ВМРО-ДПМНЕ ќе се забележи дека ретко кога владееле цел мандат.
„Секогаш на половина се распишувале предвремени избори. Како пракса може да биде и сега, но не мора да значи, но кога ќе видите во каква ситуација е моментално државата, дека се спрема синдикален протест, има закочување кај минималната плата, имате за прв пат затворен трезор на 15 декември, имаме буџетска дупка која е веќе 2 милијарди евра, имаме закочено враќање на ДДВ од 120 до 150 милиони евра по компании, тоа се укажува владата нема да има друг начин и ќе мора да распише предвремени избори доколку сака нешто да промени.
-Ние сме подготвени за предвремени избори. Не би сложил со констатацијата дека сме разединети како партија ако еден, двајца или тројца наши бивши функционери излегле на телевизија и барале оставка од претседателот Венко Филипче со цел они да седнат на тоа место“, вели Трајановски.

Говорејќи околу европскиот пат, Трајановски смета дека суетите треба да се закопаат за државата да оди напред.
„Треба да се разговара, да се отвори една широка дебата, да видиме што може да промени и каде може да бутнеме. Ние во моментов се соочуваме со можност да станеме паралелен играч. Значи да не сме внатре во процесот и да одиме спрема ЕУ, туку да бидеме покрај процесите и едноставно Европската унија да изгуби интерес за нас. Тоа е нешто најопасно што може да ни се случи. Во моментов сме изолирана држава. Отвораме конфликти со сите наши соседи, отвораме конфликт со Грција на затворено прашање, отвораме конфликт со Бугарија, единствено оската ни е движечка и тука се држиме цврсто со претседателот Вучиќ. Ние сме тие што треба да форсираме дијалог и со Бугарија, со цел да најдеме заеднички јазик да може да тргнеме напред, да отвораме кластери, да се приближиме до ЕУ“, вели Трајановски.

„Она што треба да се поздрави е работата на Јавното обвинителство (ЈО) и во таа насока и во таа смисла сите ние треба да имаме она што се вика општествена одговорност, говорам за луѓе кои работат во правосудството, судии, јавни обвинители, адвокати и да го поддржат обвинителството во борбата против корупцијата. Нема да навлегувам во анализа на предметот, затоа што како професионалец и пристојноста ми налага да ја почитувам пресумпцијата на невиност и на крајот на краиштата одбраната е работа на судијата и на неговиот бранител.
-Ние треба да отвориме прашања после овој случај за она што е суштина, а суштината е во тоа дека ние треба да ја идентификуваме малата група на луѓе против кои се бориме, бидејќи борбата против корупцијата подразбира дека вие мора да го имате дефинирано противникот, односно таргетот. Овде се работи за група на луѓе кои имаат криминоген ДНК, луѓе на кои утре да им дадете 10.000 евра судиска плата или обвинителска, тие ќе го прават истото. Овде имаме работа со луѓе кои мобилизираат и регрутираат нивни истомисленици од редот на судиите, јавните обвинители, адвокатите, мешетарите секако, и имаме работа со луѓе кои веднаш преземаат мерки и активности во насока на мобилизирање на нивни истомисленици од редот на полицијата заради лична логистика и заштита“, изјави во „Трилинг“ адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ, говорејќи за обвинението на судијата Ѓоко Ристов, каде во куќа на неговите родители беа пронајдени 350.000 евра заѕида во ѕид и додава дека таа мала група на луѓе е извор на сите проблеми и недоверба во судството.
„Факт е дека постои мала група на луѓе во судството која се занимава со криминални активности. Ние тоа треба да го прифатиме како реалност. Тоа е група на луѓе која е извор на недовербата, група на луѓе која со своето однесување ги ремети нормалните текови и нормалното работење на нас адвокатите. Група на луѓе која влијае на обичниот судија кога нема аргументи да образложи осудителна пресуда, тој сепак ќе донесе осудителна пресуда, бидејќи прва помисла му е – не сакам да ме зборат дека сум земал пари. Значи до тој степен е сето тоа изместено и ова што јас го говорам е равенка со една непозната и таа треба да се најде на главната маса во Републичкото јавно обвинителство, за да се направи јасна стратегија, методологија и пристап откако ќе се идентификува она што е проблем во судството“, вели Туфегџиќ.

Прашан дали случајот со судијата Ристов всушност ја потврдува потребата од ветинг во судството, Туфегџиќ вели дека е потребно да се има стратегија во борбата против ова зло.
„Концептот и стратегијата ќе го добиеме откако ќе го идентификуваме противникот. Се работи за луѓе кои навидум се принципиелни. Он има принцип дека не контактира со адвокати, мене лично нема да ме прими, во обврска сум да му се обратам писмено и тн., а во исто време истиот човек го гледаме на некој снимка со некој обвинет од актуелен предмет, седи во празен ресторан и тн. Сега јас да прашам, со кој писмен поднесок ти се обратил тој за да оствари средба некаде надвор. Сакам да кажам – јас сум за него потенцијално опасен човек затоа што тој не препознава во мене она што тој го има како ДНК, односно криминогениот ДНК. Нема сигурно да ми се обрати и да побара од мене 20.000 евра за да ми реши предмет. Знае што ќе се случи – прва фаза АНБ, втора фаза катастрофа. Значи они регрутираат луѓе со нивни мајндсет и така работат. Се создава привид дека ова се изолирани случаи, што не е точно. Можеби се создава некаков привид, но тврдам и гарантирам дека тие луѓе меѓусебно комуницираат“, вели Туфегџиќ.
За тоа колку изнесува „тарифата“ за да се заврши работа, адвокатот вели дека тоа е долго и широко прашање.
„Јас сум четири години адвокат. Можам да кажам дека овие луѓе за кои говорам, односно се зборува од судски извори во судските ходници, тарифата веќе стана јавно достапна информација и е издигната до некое ниво што само не е составен дел во некоја од одредбите во судскиот деловник. Така што тарифите се различни во зависност од тоа што и на кого треба нешто да се заврши. Но небитна е висината, битно е дека таа реално функционира и постои“, вели Туфегџиќ.

Прашан дали не е симптоматично што пред одреден период за осомничениот судија имало барање до Судски совет да се реагира и тогаш од таму останале имуни на повиците, а се зборувало дека станува збор за одолговлекување на судски случаеви, држење во фиока, примање мито, Туфегџиќ смета дека проблемот е во ингеренциите и надлежноста на Судскиот совет.
„Проблемот е во тоа што Судскиот совет треба да постапува по допрен глас. Проблемот е во тоа што Судскиот совет тогаш постапувал по конкретен предмет и го казнил судијата, но Судскиот совет не мое да остане нем и глув на она што ние го знаеме. Што значи ако и јас тоа знам, тогаш тоа е невозможно да не го знае и Судскиот совет. Решение гледам во тоа да некој од членовите на Судскиот совет да побара измена на Законот за Судски совет, каде што ќе се преземе обврска во рок од 48 часа по поднесена пријава за корупција против судија, да го извести Јавниот обвинител, а јавниот обвинител во рок од 24 часа да постапи. Можеби тука малку ќе се размрдаат работите, а од друга страна да не му се стави багаж на Судскиот совет да биде истражен орган, туку тоа да го преземе тој што е единствено овластен за гонење сторители на кривични дела. Ние ова зло мора да го исечеме од корен“, смета Туфегџиќ и додава дека реформата во Судскиот совет е неизбежна тема.
„Јас сум скептичен дека новите членови на Судскиот совет ќе успеат да наметнат некој нов квалитет. Една од членките лично ја познавам, меѓутоа доколку ние не видиме за кратко време дека тие направиле нешто ново, некој нов квалитет и продолжат да функционираат по досегашната матрица, тогаш ќе останат запишани како едни обични членови на Судски совет“, вели Туфегџиќ.
Околу тоа дали со новиот Кривичен законик ќе се анулираат оние пропусти од минатото, Туфегџиќ вели дека како работна група каде што и тој член, и за новиот Кривичен законик и за измените во Кривичниот законик го имаат дадено нивното мислење.
„Нашиот став беше да ги вратиме состојбите пред измените и тоа го направивме. Кривичниот законик, она што е предложено од нас како работна група е понатаму дадено во процедура. Меѓутоа ние како работна група не можеме да влијаеме на девет или десет пратеници кои одлучиле да си прават свој кривичен законик и буквално да елиминираат некои делови од само ним познати причини. И ако е тоа така, министерот за правда, воопшто не треба да ни го троши времето, да не ангажира во некаква работна група во која и јас и останатите колеги ќе бидеме само еден декор, а всушност измените на Кривичниот закон ќе ги донесат девет или десет пратеници. Некои делови од законот се комплетно масакрирани, извадени се цели ставови, пасуси, така што во тој дел ќе кажам само една работа – на државата е да одлучи дали ова ќе биде нормална правна држава, каде што секој човек ќе има пред сѐ правна сигурност или нема да биде“, вели Туфегџиќ.
Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото