(ВИДЕО) Во Трилинг со Таравари, адвокатот Тумановски и пијанистот Имери

Во „Трилинг“ разговараме со Арбен Таравари од Алијанса на Албанците, адвокатот Александар Тумановски и пијанистот Дино Имери.

„Не верувам дека враќањето на Груби би било некаков потрес. Коинциденција или случајност е во ист датум 23.02.2021 се врати Мијалков. После пет години на истиот датум се врати Артан Груби. Добро е што се јави во судот и обвинителството и се надевам дека ќе има транспарентен и правичен судски процес“, вели Арбен Таравари одговарајќи на прашањето колку враќањето на Артан Груби би предизвикало политички  потрес во Македонија.

Според него секој којшто згрешил пред законот треба да одговара.

„Не очекувам некакви спектакли. Лошо е кога луѓето бегаат од правдата, а во исто време можно е да излезеш невин. Но ако е виновен треба да одговара и точка“, додава Таравари.

Осврнувајќи се на тоа дали е можен договор помеѓу Артан Груби, ДУИ и актуелната власт, Таравари се дистанцира од тн. конспирации.

„Битно е дека г-дин Груби ќе се појави во судскиот процес, и треба да одговара или да ја докаже својата невиност. Не би сакал да влегувам во конспирации дали е договорено, дали позади неговото доаѓање стојат некои центри на моќ или некои политичари во Македонија. Времето ќе покаже. Јас велам дека добро е што се врати“, вели Таравари.

За Таравари чудно е што после 14 месеци бегство од Македонија, Обвинителството, одреден дел од МВР и АНБ дале извештај дека не е безбеден во затворот и затоа е пуштен во домашен притвор.

Таравари не сака да навлегува, како што вели, во внатрешните случувања во ДУИ.

„Знам дека ние и сега, а и порано многу сме го критикувале Артан Груби за тоа како владееше и се однесуваше во владата 2020-2024-та. Тоа се веќе внатрепартиски превирања и случувања во ДУИ, коишто не би сакал да ги коментирам“, вели Таравари.

Фото: Трилинг / Арбен Таравари

Прашан дали после враќањето на Груби ќе настане раскол кај интегративците, Таравари вели дека тоа е отпочнато откако Меџити излезе како фракција.

Но, како што вели, ВЛЕН е неодржлив проект.

„Јас на почетокот верував во тој проект и како АА се приклучивме, и од ЛЕН, стана ВЛЕН. Земавме 107.000 албански гласови, без министри, без вработувања, без директори, без заменици министри. Тоа беше на 8-ми мај 2024 г. Сега со цела поддршка од владата, ВЛЕН на овие избори во советнички листи, земаа 91.000, значи 16.000 гласови помалку од кога бевме во опозиција.

-И ДУИ отиде во опозиција. И тоа е добро за државата, за Албанците, за ДУИ. И на нив им требаше период во опозиција за да се реформираат“, вели Таравари.

Фото: Трилинг / Александар Тумановски

„Ние како бранители секој пат се залагаме да нема притвор. Тоа е најнепопуларната мерка и треба да се користи како последно средство, кога се бараат мерки за лицата да бидат обезбедени во текот на постапката. Сега ние имаме создадено пракса, и покрај тоа што имаме одлуки од Стразбур, кои ги доведуваат во прашање постапките што се водат кај нас, односно дека постапките се водени или многу лесно се определува притвор, и кога се определува нема доволно образложенија. Или кога се даваат наводи дека лицето би се дало во бегство, ние немаме претходно како индикатори дека тоа лице сакало да бега, имало намера да бега.

-Ќе го земам примерот со Црна Гора и примерот со претседателката на Врховниот суд, која што преку телефонски линии, кои беа прислушкувани, истражните органи имаа сознанија дека таа пред да почне во акцијата каде ќе биде осмничена заедно со својот син, договарала одбрана со свој адвокат во Белград и купила авионски карти.

-Тие се индикаторите кога обвинителот ќе појде кај судијата, кога првично се бара притвор, дека некое лице сака да презема одредени дејствија за судот да се увери во барањето на самиот обвинител.

-За разлика од кај нас, тоа не е така. Ние над 90% во постапките имаме – дека, или доколку би се дал во бегство. Значи немаме ништо конкретно дека тоа лице би посегнало по таквото нешто“, вели за „Трилинг“ адвокатот Александар Тумановски, околу прашањето дали зад враќањето на Артан Груби се крие и политички договор.

Прашан за оценка дека од една страна АНБ и полицијата заклучиле дека Груби не е безбеден во „Шутка“, наспроти мислењето на директорот на затворот кој смета дека најбезбедно место за екс – вицепремиерот всушност е затворот, а не дома, Тумановски вели дека оправдани се реакциите на директорот на затворот и тука се поставува прашањето што со другите затвореници, и дали тие се безбедни таму.

„Со ова се прави една селекција на лица за коишто се апострофира дека тие не би биле безбедни. Прашањето е дали е сега безбеден во својот дом? Сметам дека Груби е побезбеден во притвор отколку дома, бидејќи таму мониторингот е 24 часа, има посебни ќелии, мерката притвор може да определи да биде сам, така што има можност тоа да се направи. Од друга страна, ние како држава треба да тежнееме, веќе ако ги упатуваме во куќен притвор, со алки да се направи мониторинг и да се следат дали би се дале во бегство. Кај нас, стастистичкиот податок покажува дека куќниот притвор е малку застапен. Од денешна перспектива, годините наназад, од извештаите на ЈО, стои дека ќукниот притвор е се помалку застапен и по тоа излегува дека привилегирана група на луѓе добиваат таква мерка.

Осврнувајќи се на тоа за што би можел да се гони Груби, имајќи предвид дека на седницата на Владата каде се носи одлуката околу државна лотарија одлуката е колективна и дали сите ќе одговараат, Тумановски вели дека предметот е во истрага и обвинителот постапува за да утврди дали само Груби е одговорен или и другите членови на Владата коишто одлучувале по однос на тоа прашање.

На прашањето дали Груби од осомничен за економски криминал всушност станува соработник на тајните служби, Тумановски вели дека БЈБ при МВР ја има улогата да се бори со економскиот криминал во државата.

Тумановски вели дека на Македонија и е потребен Јавен обвинител којшто ревносно би влегол во борба со криминалот.

„Обвинителот којшто ќе дојде треба да го ревидира досегашниот начин на работење“, вели адвокатот Тумановски.

Фото: Трилинг / Дино Имери

-За мене моментот на вежбање, музицирање, работа на една партитура е радост, не е жртва. Затоа би кажал дека тој долг пат не го почувствував толку како тежина и не очекував верификација, не очекував потврда од светот за мене, и на еден апсурден начин, всушност потврдите почнаа да доаѓаат сами по себе, без јас да ги бркам. И така, 20-32 година кога имав, стигнав во 10-те најдобри пијанисти во Европа. И на таа возраст тоа е една ситуација која колку што може да ви даде, може и да ви земе, Нашето општество, нашата јавност, е прашање колку ги препознава успесите на луѓето коишто живеат тука, творат тука. Повеќе тоа се зема како здраво за готово. Јас го искористив тоа за дополнителна мотивација“, изјави во „Трилинг“ Дино Имери, за тоа како изгледало неговото градење во реномиран, успешен, докажан и признаен пијанист, дома и надвор од границите на Македонија.

Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото.