
Во новото издание на „Трилинг“ соговорници се д-р Лазар Јовевски, професор по трудово право, Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт, Зоран Љутков, министер за култура и туризам и новинарот Борјан Јовановски.

„Секое барање на работниците треба да се земе предвид. Секое нивно барање сериозно треба да се разгледа и ако се ставиме во нивните чевли, секое нивно барање е оправдано, затоа што станува збор за права коишто се однесуваат на повисок стандард, на подобра живеачка, на достоинствена работа и тн. Меѓутоа дел од правата кога се бараат, особено од аспект кога зборуваме за социјален дијалог или за колективни преговори, колективно преговарање, многу често се зема предвид една премиса, а тоа е што е реално, што е можно да се оствари во дадениот момент соодветно на самите услови на пазарот на труд, самата економија и другата преговарачка страна.
-Ако го разгледуваме македонскиот контекст, што е тоа што во Македонија денес може да биде реално, според мене овие барања коишто сега беа изложени се под знак прашалник. Имавме една хронологија на барања, коишто се легитимни, но дали можат и како се применливи во реалноста денес. Имавме барање од 450 евра зголемување на минимална плата којашто еволуираше во 500 евра, за да сега веќе се поставува на дневен ред прашањето за 600 евра минимална плата. Поентата ми е дека ако ја гледате таа хронологија на барањата за минимална плата ќе дојдете до една констатација дека на почетокот, во 2024-та беше 450 евра, за да по изборите биде 500 евра, за од пред неколку месеци се стави на дневен ред 600 евра. Дали за толку многу се зголеми живејачката, статистиката треба да покаже. Меѓутоа, зголемувањето на минималната плата има една, би рекол запирка која е многу важна и којашто треба да ја разбере македонскиот работник, но генерално и македонскиот граѓанин. Суштинското барање според мене, не е во тоа да се зголеми минималната плата, туку да имаме реален раст на сите останати плати. Ако повторно гледате хронолошки, во последните неколку месеци наназад, барањето за зголемување на минималната плата се дополни од страна на еден од синдикатите и со раст на сите останати плати. Претходно такво барање не постоеше, односно 2024, 2025-та се говореше за минимална плата и раст на минимална плата како главно барање на еден од синдикатите“, вели за „Трилинг“ д-р Лазар Јовевски, професор по трудово право, околу тоа дали се издржани барањата на работниците за зголемување на минималната плата на 600 евра.

Прашан дали доколку се постигне евентуален договор за зголемување на минималната плата тоа би придонело и за зголемување на инфлацијата Јовевски вели дека во овој дел статистиката е неумолива и секогаш кога Владата на Македонија со административна мерка ги зголемуваше платите, имаме вртоглаво зголемување на инфлацијата.
Говорејќи за тоа дали постои можност како модел во кој сите би биле задоволни државата да излезе во пресрет од типот да ги субвенционира придонесите, Јовевски вели за тоа да се реализира државата треба да обезбеди финансиски средства.
„Министерството за финансии треба да каже дали согласно буџетската рамка може или не може да се обезбедат тие средства. Дали државата може да го направи тоа сега е под голем знак на прашање, затоа што финансиски државата е истоштена од претходните години. Не се работело како што треба, се правеле финансиски дубиози на различни начини, во различни институции, по различни основи и сега доаѓаме до ситуација дека можеби ќе може да се финансира, но ако земеме нов заем, ново задолжување“, вели Јовевски.
Прашан дали би било добра мерка замрзнувањето на платите на функционерите, професорот смета дека е мудро да се види, да се размисли оваа година платите на функционерите да се стават во мирување.
„Но треба да се знае дека во 2026 година платите во Македонија ќе растат по различни основи, пред се преку минималната плата. Тој тип на раст на минималната плата ќе имплицира раст во голем број на потсектори во јавниот сектор.
-Аспектот на минималната плата во Македонија ќе има вистинско значење, ако како пред повеќе години во делот на минималната плата влегуваа околу 120.000 вработени, сега се сведени на нешто околу 20.000 вработени“, вели Јовевски.

„Минималната плата е прашање кое не се утврдува од страна на работодавачите. Минималната плата во Македонија е прашање коешто се утврдува од страна на државата. Има закон за минимална плата и законот вика дека минималната плата ја поставува Владата, по насока на тоа што ќе каже економско-социјалниот совет, но никаде законот за минимална плата не кажува дека тоа што економско-социјалниот совет ќе се договори или нема да се договори е обврзувачки.
Минималната плата е во надлежност на Владата, така што тоа што Владата не сака да ја покачи минималната плата, тоа е чисто одговорност само на Владата. Не е тоа на бизнисмените, не е тоа на синдикатите, туку е на Владата. Нашата Влада не сака да ја покачи минималната плата. Не само сега. Веќе година и пол не сака да ја покачи минималната плата. Едно од идеолошки причини – затоа што се десничарска Влада и ВМРО-ДПМНЕ низ историјата никогаш не било на страна на работниците, никогаш не било на страна на сиромашните, никогаш не било за социјала, за покачување на плати, за борба против сиромаштија. Тие секогаш биле на страна на бизнисмените“, изјави во „Трилинг“ Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт, за тоа дали е можно да се стигне до прифатливо решение околу барањата на ССМ, од кое и државата и работниците, но и бизнис заедницата ќе бидат задоволни.
Говорејќи дека минатата година имавме едвај 65% реализација на капитални инвестиции и кои се причините за ваквата слаба реализација на овие инвестиции, а и натаму имаме релативно висока стапка на инфлација, плус тоа дека годината ја започнавме со ново задолжување од 1 милијарда преку десеттата еврообврзница, Јовановиќ вели дека капиталните инвестиции се рак рана во Македонија и постојано реализацијата е ниска.
„Причината е едноставна – секоја Влада во Македонија на капиталните инвестиции не гледала како на средство за развој на државата, туку гледала како на маркетинг средство. Значи само да се фалат, ќе го направат новиот буџет, ќе се испофалат – ќе направиме автопат, ќе направиме пруга, болница … постојано се фалат. Истите приказни, истите проекти ги повторуваат. Чебрен и Галиште 50 пати веќе го слушаме изминативе години. Истите проекти постојано ги повторуваат, рециклираат за да се фалат дека тие се градители и на крајот од годината ништо од тоа не се реализира, затоа што Владата нема капацитет да ги решава тие проекти затоа што не им е важно.
-Не дека не можат. Ако сакаат да ги направат. можат да ги направат, но не сакаат да ги направат затоа што немаат некоја директна корист од тоа. Можноста да спечалат од тоа е релативно ограничена, така што тоа е главната причина зошто капиталните инвестиции не се реализираат. Тука е потребен голем ресет околу задолжувањето. Ова задолжување од 1 милијарда евра сега што го направија за мене не е ништо невообичаено, сосема нормално, затоа што оваа Влада има еден голем проблем. Таа сака да троши, има големи апетити, сака да качува пензии, сака да гради проекти во мали општини, а од друга страна не сака даги зголеми приходите, односно не сака да ги оданочи големите фирми, не сака да воведе прогресивен данок, дури и оној солидарен данок што го воведе претходната Влада тие го поништија, така што апсолутно не сакаат да ги зголемат приходите“, вели Јовановиќ.

„Она што е многу важно е дека каматната стапка на оваа нова еврообврзница е повисока од старата. Значи состојбата не е добра и само ќе се влошува. Макро-економски ако видиме, ние имаме шест години по ред, од 2021 до сега фискален дефицит кој ни е над 4% од БДП. Според новиот закон за буџети имаме фискално правило коешто вика дека дефицитот мора да биде под 3%. Владата нема никаква намера дефицитот да го стави под 3%, така што нема никаква дилема дека долгот ќе продолжи да расте, но она што за мене е најстрашно, а многу малку се говори во јавноста, е дека во оваа година, според буџетот што го донесоа пред месец дена е предвидено да се потрошат 350 милиони евра за камати на долгот. Значи не говориме за враќање на главници, еврообврзница, туку само за камати. Тоа е повеќе пари отколку што даваме за борба со сиромаштијата. Така што тој долг или ќе расте се повеќе и повеќе. Она што мислам дека ќе се случи е дека Владата, можеби не оваа година, но веќе наредната, ќе мора да ги зголеми даноците, со тоа што ќе ги зголеми оние даноци што најмногу ги погаѓаат сиромашните, а тоа е ДДВ. Веројатно ќе го зголемат ДДВ-то од 18% на 20%, и веројатно ќе го зголемат придонесот за пензиско осигурување и треба да видиме какви ќе бидат реакциите на јавноста на такво нешто“, смета Јовановиќ.

„Многу добро знаат моите колеги дека совршено добро познавам каква е состојбата внатре. Веројатно заради тоа сум еден од најнапаѓаните министри за култура – затоа што совршено добро ја познавам состојбата во институциите. И кога почнувате да правите реформи, кога почнувате да ги подобрувате работите, тогаш веројатно се појавува проблемот кај неработниците“, изјави во „Трилинг“ министерот за култура и туризам Зоран Љутков, говорејќи за се почестите критики од колегите.
Околу обвинувањата од Синдикатот на културата за системско непочитување на колективните договори, намалување на платите на културните работници за 3%, до целосно игнорирање на законските обврски од страна на Министерството за култура, Љутков вели дека голем дел од членовите на СКРМ не се сложуваат со овие ставови.
„Не можеме на Фејсбук постови да реагираме. Некој си седнува и на секои два-три дена си пишува некаков пост. Како може јас да не ги почитувам законите? Зарем некој ќе помисли дека министерот за култура, којшто доаѓа од фелата, којшто доаѓа од Драмски театар, којшто одлично ги познава состојбите ќе оди против своите колеги? И тоа постојано го зборувам на моите колеги, затоа што тоа што се случува сега во СКРМ, тоа не е фер бидејќи тоа не е точно. Тоа се шпекулации. И бидејќи многу често ги повикувам на состаноци, доаѓале и никогаш не сакале да разговараат на оваа тема – да ги подобриме условите. Никогаш. Морам да објаснам, во ниту еден момент како министер за култура и како човек и како актер не сум застанал против колективниот договор за култура. Напротив, мислам дека е еден од најдобрите колективни договори во Македонија“, вели Љутков.

Осврнувајќи се на протестот на ССМ каде членови на Синдикатот за култура се придружија, Љутков вели дека не знае зошто они би протестирале.
„Не ни видов кој бил, но не ни знам зошто би протестирале. За повисоки плати? Ниски се платите? Имаме одлични плати во култура. Навистина мислам дека се одлични платите во културата. Можеби треба да бидат уште подобри, треба да го отвориме колективниот договор, треба да ги поправиме работите внатре. Поминати се три години од кога колективниот договор е истечен. Треба да потпишеме нов колективен договор. Треба да разговараме за подобрување на условите, но од другата страна нема одговор на таа тема“, вели Љутков.
Околу 800-те тужби и што доколку половина од тие бидат во корист на Синдикатот, односно дали се има предвид какви финансиски импликации ќе има врз буџетот, Љутков вели дека е потребно да се остави да заврши процесот.
„До сега има некаде околу 15-16 за кои Основниот суд иа донесено пресуди, но тие се дадени на Апелација, направени се без вештачење и се донесени адхок. Еве сега Апелација го тврди спротивното. Да оставиме да заврши процесот. Да не прејудицираме. Јас не прејудицирам ништо. Сум ја направил правилната пресметка во консултација со сите релевантни институции. Сме донеле како треба да изгледа пресметката на плата. На никого не му е намалена платата. И никогаш не сум направил нешто спротивно на колективниот договор што го имаме во култура“, смета Љутков.

„Разумот на крајот секогаш победува. Он има кризи, паѓа, бива надвладуван од лагата, од неразумноста, но на крајот разумот сепак победува. Особено во овој период на геополитички земјотрес од сериозни размери кој се случува, со многу рихтерови степени, и луѓето кои не следат редовно геополитика, чувствуваат дека не можеш да бидеш изолиран, не можеш да останеш на страна.
-Погледнете го случајот со Велика Британија. Таму поддршката е веќе над 60% да се вратат во ЕУ. Велика Британија беше жртва на еден референдум, на бројни дезинформациски кампањи, но на лагата и се куси нозете. Британците сами видоа што се изгубија, кои се бенефити ги изгубија. Сега кога една Велика Британија станува свесна дека сепак ЕУ е подобро решение отколку да бидеш на страна, по мене логично е и едно општество какво што е нашето да се буди тој, во најмала рака, инстинкт на преживување. Интуицијата вели дека не можеш да останеш на страна. И во таа смисла, мислам дека во голема мера е значајно тоа што го гледаме во нашето опкружување. Црна Гора и Албанија започнаа преговори и веќе може да се види како во тие две земји се случуваат работи кои ние како граѓанство ги посакуваме“, изјави во „Трилинг“ новинарот Борјан Јовановски околу тоа на што се должи порастот на поддршката за членство на Македонија во ЕУ.

„Јас ја разбирам емоцијата на нашите граѓани, ја споделувам и јас, сите ние сме разочарани од моментот што после Преспанскиот договор, кога очекувавме дека влегуваме во НАТО и започнуваме преговори за членство се случи тој список на бугарски барања. Но морам да кажам дека тој анимозитет кон Бугарите се дуплираше, триплираше врз база на една дезинформациска кампања и на база на лаги.
-На пример, не постои бугарски вето. Гледам дека има едно расположение во Македонија кое се создава, дека во ЕУ ќе се менува правилото на одлучување, дека не треба консензус во надворешната политика и дека со квалификувано мнозинство ќе се носат тие одлуки. Тоа во нашиот случај нам ништо не ни менува, бидејќи ние немаме вето од Бугарија. Ние со Бугарија имаме постигнато договор. Тој договор е дел од преговарачката европска рамка и нема вето кое Бугарија треба да го оттргне, туку има Европски совет кој евентуално би требал да ја промени европската рамка, во што не верувам дека од Европскиот совет ќе навлегуваат.
-Втора работа е тоа едно претерување околу македонскиот јазик, дека македонскиот јазик е негиран и тн., што е повторно една дезинформација, бидејќи и претседателката на Европската комисија самата рече дека едвај чека да има уште еден јазик во ЕУ, со што ќе се збогати тоа лингвистичко богатство на Европската унија. Беше потпишан договорот за ФРОНТЕКС експлицитно на македонски јазик, при што тој договор е потпишан и од бугарскиот министер за внатрешни работи, така што останува она дека само во Бугарија ќе се користи тоа „македонскиот јазик согласно уставот на Република Македонија“, кој патем е нешто што е договорено во 1999 година, во владата на Љупчо Георгиевски, во кој учествуваше и Антонијо Милошоски, кој сега некако е најзагрижениот за македонскиот јазик“, вели Јовановски, околу сѐ уште присутниот анимозитет кон Бугарите и Бугарија.

„Фактот што сме мала земја, која социо-економски сѐ уште е кревка, а особено кревка кога е соочена со едно турбулентно време на глобалната сцена, мене ме изненадува што ние во Македонија немаме пожива, подинамична, поинтензивна полемика околу тоа што правиме.
-Јас сум поборник за наша интеграција во ЕУ, но не велам дека Европската унија е смрт или живот. Но особено владејачката елита, ако веќе нема намера да ја прифати европската преговарачка рамка, во која се состои барањето за внесување на Бугарите во Уставот, мислам дека не само што е коректно, туку има и одговорност на јавноста да и понуди концепт, да каже кои се проекциите, каде одиме, што ќе правиме, можеме ли ние да опстанеме вон ЕУ, можеме ли ние да опстанеме како некое изолирано острово вон Европската унија, со лоши односи со Бугарија, со односи кои се на биолошки минимум со Грција, слични односи со Албанија.
-Морате во некој момент да понудите некои опции. Еве на пример нека е БРИКС, но дајте да разговараме јавно, да отвориме една полемика колку е тоа воопшто реална опција. Можеме ли ние во БРИКС? Што добиваме од БРИКС? За ЕУ точно знаеме. Знаме за фондовите, гледаме што се случи во Хрватска откако стана земја членка на Европската унија.
-Мене ми што немаме дебата кога ќе се деблокираат средствата од ИПАРД. Сега во јануари требаше да има повик од кои над 100 семејства би можеле да развијат мали и средни бизниси, да вработат луѓе во руралните средини, што е доста значајно за една мала земја како Македонија. Тие средства се блокирани заради корупција во нашите институции. И сега ние воопшто не разговараме кога тоа ќе се одблокира, што се прави на тој план. Немаме информации, а тоа се гратис пари кои можат да бидат на располагање на нашите граѓани“, вели Јовановски.
Прашан дали сме одржливи на подолг рок како држава надвор од ЕУ, Јовановски се сомнева дека тоа е можно.
„Ако ги погледнете сите тие турбулентни периоди во историјата, најчесто страдале и исчезнувале малите народи“, вели Јовановски.
Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото.