
Во новото издание на „Трилинг“ разговараме со Весна Георгиева-Свртинов универзитетска професорка, проф. д-р Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнал и писателката Оливера Ќорвезироска.

„Светската економија години наназад се соочува со кризи, но последниве години тие како да се се позачестени и потекнуваат од различни извори. Ако почнеме од глобалната финансиска криза 2008-та година, па должничката криза во еврозоната, па пандемијата, војната во Украина, енергетската криза, да не ги заборавиме и оние тензии помеѓу големите политички сили, па се до денешната ситуација – војната во Блискиот Исток, на некој начин ние добиваме претстава дека светската економија е се во понеизвесна средина и дека е погодена од шокови од различна природа, од геополитички, финансиски, енергетски, па до здравствени.
-Затоа мора да размислуваме на малку поинаков начин, едноставно да сфатиме дека овие кризи можеби веќе не се исклучок, туку претставуваат и правило, и од тука натака да преземаме соодветни мерки и да бидеме поподготвени и поотпорни за некои кризи коишто можеби ќе ни се случат во иднина“, изјави во „Трилинг“ универзитетската професорка Весна Георгиева-Свртинов, говорејќи за перманентните кризи на глобално ниво и дали може како држава да ги насетиме и интервенираме порано.
Говорејќи за тоа доколку кризата трае на подолг рок и какви би можеле да бидат економско-финансиските импликации, Георгиева-Свртинов смета дека војната во Блискиот Исток нема само безбедносен и политички ефект, туку има и економски ефект којшто веднаш се почувствува.
„Ова е особено значајно, бидејќи ова е регион којшто е клучен во снабдувањето на светската економија со нафта и гас. Неминовно е ако има конфликт во ваков регион и војна во случајов, дека ќе дојде до дестабилизација на пазарите. Прво заради неизвесност и страв дека ќе дојде до намалување на понудата. Ако се намалува понудата тогаш веднаш знаеме дека се зголемува цената, така што со порастот на цената на енергенсите тоа ќе се пренесе и врз останатите цени, како што беше ситуацијата со војната во Украина пред неколку години. Така е заради тоа што нафтата е главен ресурс во речиси сите економски активности“, вели Георгиева-Свртинов.
Осврнувајќи се на зачестеното прашање, како овие глобални движења и овој конфликт би се одразил врз Македонија, Георгиева-Свртинов смета дека нашата земја не може да претрпи директни импликации, бидејќи немаме директни трговски врски со Иран.
„Индиректно може да се одрази преку глобалните пазари, односно преку цената на нафтата кое се почувствува деновиве. За сега немаме пораст на останатите цени. Инфлацијата ја држиме под контрола. Но ние не смееме да заборавиме дека само пред неколку години имавме и двоцифрени стапки на инфлација. И оттука е стравот да не се соочиме пак со сценариото на увоз на инфлација, токму заради таа енергетска зависност. Сега за сега јас не очекувам промена на монетарната политика“, смета Георгиева-Свртинов.

„Очекувањата се големи бидејќи долго време се соочуваме со состојба на јавно-обвинителство кое не успеа да одговори на својата задача, а тоа е да обезбеди борба против криминалот и владеење од тој аспект.
Многу ниската доверба кои граѓаните ја искажаа кон ЈО, како и за проблемите коишто во одредени истражувања самите обвинители ги искажаа – дека станува збор за влијанија на нивниот начин на работење, но и на недоволното етичко работење, мислам дека првата задача на г-дин Савески ќе биде да го постави, уште на самиот почеток, ЈО како целосна организација, да почива на темелите на интегритет, на отчетност, одговорност во своето работење. Значи да се воспостават јасни критериуми според кои ќе се оценува и работењето и ефикасноста, меѓутоа и како ќе се оценува или ќе се обезбеди интегритетот во самата институција“, изјави во „Трилинг“, проф. Слаѓана Тасева околу тоа што би било прв тест, како и очекувањата од новиот Јавен обвинител, Ненад Савески.
Тасева смета дека покритични и поголема недоверба постои ви работењето на ЈО отколку во судовите.
„Во судовите работата е јавна. Таму се знае дека има трговија со влијанија, но и застој на чување на предметите, одолговлекување на постапките“, вели Тасева, и додава дека Савески мора да влезе во бескромисна борба против корупцијата.
„Тој едноставно нема друг избор. Савески треба да биде реален, дека не може да се бори со висока корупција, скап криминал, без доволно ресурси“, вели Тасева.

Романот „Три Марии“ се занимава со последиците на грешките во моментот на случување, а и што е грешка? Грешка не е некој престап што знаеме дека се случува, туку грешка е можеби погрешен избор, погрешна одлука. Во овој роман нема осуда“, вели за „Трилинг“ писателката Оливера Ќорвезироска.
„Перспективата на романот е од страната на жените. Романот го напишав во три различни гласа, едната Марија ја раскажав сезнајно, втората Марија ја раскажав во прво лице, и третата во второ лице, и различниот пристап на раскажувањето, со различна раскажувачка позиција, мислам дека ги осветлува психологиите на жените од различни аспекти.
-Ова е своевиден омаж на Славко Јаневски и неговиот познат роман „Две Марии“ којшто долги години беше и лектирно издание во средните училишта. Мојот роман не е римејк, не е продолжување на романот на Славко Јаневски, но секако е еден вид чествување на неговото дело, а преку него и чествување на делата со коишто ние сегашните писатели сме израснале“, вели Ќорвезироска.
Според неа проблемот со читањето останува, иако имаме висок квалитет на книги што ги продуцираме.
„Не можете да сокриете нечитање. Тоа се гледа. Невоспитувањето општо, необразованието и нечитањето се многу видливи категории. Тие не се кријат“, вели Ќорвезиро.
„Целото издание на „Трилинг“ погледнете го во видеото