
Во „Трилинг“ разговараме со отец Милан Ѓорѓевиќ, пејачот Ѓорѓе Васиќ / Џина Папас – Џокси, писателката Фросина Пармаковска и Дарко Велков од „Вработување HR Solutions“.

„Јајцето претставува симбол на новиот живот, на живот кој се раѓа и кој воскреснува, затоа е поврзаноста со празникот на воскресението Христово. Воскресението што ние го празнуваме е воскресение на бого-човекот, кој ги повикува луѓето да станат богови по благодет. Секое крштение е учество во смртта и воскресението Христово“ вели отец Милан Ѓорѓевиќ за Трилинг.
Тој вели дека „Философијата е нешто што не води кон мудроста, тоа е начин на живот, тоа е она што ни го нуди христијанскиот подвиг. Спокојот може да го разбереме во различни значења. Многу често тоа е инстант спокој, во христијанството спокојот е поврзан со мирот. Да имате мир значи да бидете во мир со останатите“.
„Не можете да имате внатрешен мир ако не бидете во мир со бога и со луѓето околу вас“ – вели отец Ѓорѓевиќ.
Тој посочува дека „кога зборуваме за милоста, ние посочуваме кон благодатта. Црквата има двојна улога во историјата во која живееме. Примарното е заедница на верните, црквата е телото христово. Црквата секогаш ќе биде тука да го преобрази времето, тоа е нејзината главна улога“.

Песната „На Велигден сум се заљубил“ веќе 36 години трае благодарејќи на народот. Јас честопати зборам дека тоа е сепак песна од народот за народот“, вели Ѓорѓе Васиќ / Џина Папас-Џокси, говорејќи за популарноста и присутноста на песната особено пред Велигденските празници.
Околу новите изведби на песната Џокси вели дека најверојатно луѓето процениле песната дека истата не е наметлива.
„Таа е многу едноставна, многу љубовна. Многу лесно можеш да дојдеш до неа, односно да се најдеш во неа. И тоа сметам дека е главната причина зошто народот ја има прифатено таа песна. Згора на сето тоа, поголемиот дел од музичарите проценуваат дека можат да направат нова верзија. Да, таа можеби има веќе десетина верзии, меѓутоа од година во година се по некоја нова се јавува. Како оваа година што се јави Александар со Дац во нивната верзија, и ова што го направи ТФТ продукција од Канада со нивната акапела, односно црковна верзија.
Џокси, говорејќи за неодамна објавената акапалеска верзија, вели дека бил малку загрижен дали ќе помине како што треба или не, но самите реакции на слушателите и гледачите предизвикале голем број на позитивни коментари.
„Тоа значи дека повторно песната допрела до народот, онака како што треба да биде. Во овој случај користен е црковен хор за да ја реализираме таа песна. Чинам дека искористивме многу убав повод – 130 години од изградбата на храмот Св. Димитрија во Скопје. Храм кој датира уште од 13-ти век, меѓутоа храм којшто со текот на вековите стално бил пален и рушен, меѓутоа 1886-та година целосно бил срамнет со земја. Но со донации од народот 10 години се градел и од 1896-та година до ден денес го гледаме онака како што е изграден тогаш. Што значи дека пак народот е двигател на она што се вели верба во Бога“, смета Џокси.

Говорејќи за мислењето дека „На Велигден сум се заљубил“ стана празнична химна, Џокси вели дека ако 36 години опстојува во текот на Велигденските празници, може да се каже дека тоа е празнична, не званично црковна, меѓутоа народна празнична химна.
Џина Папас-Џокси вели дека Велигден, настрана духовното, го врзува со неговата баба Уранија.
„Оние години во времето на СФРЈ, црквата немаше никакво централно значење и сите беа комунисти, или ако не, грото барем. Моите да, моите беа. И кај нас во фамилија немаше што да се вапсаат јајца, да се оди во црква, или да се оди по куќи како што има обичај во Тетово. Значи мојата баба Уранија ќе ме земеше за рака, бидејќи во Аеродром на приземје, ние преку прозор бегавме за да одиме во црквата „Архангел“ во Автокоманда. Бегавме преку прозор со јајцата во ќесето пред црква, ќе се помолевме, ќе се вратевме назад и никој ништо не знаеше за тоа. Тоа е една од сликите која ме има поттикнато за да размислувам да направам песна. Втора слика е што баба ми пред умирање ми кажа дека дедо ми Димитрија три пати праќал стројници по неа баш за Велигден, затоа што Велигден како централен верски празник по селата е број еден. Значи таа година сите се собирале во црковниот двор и нормално, тука се дружеле, се пеело, се играло и има уште три-четири слики кои влијаат врз мене за да можам да ја направам песната. Тоа е она што мене највеќе ме поттикнало за да ја направам оваа песна“, вели Џокси.

„Преродбата, значи симболиката, би била не само лична преродба која се случува на рамниште на главниот лик, на ликовите во романот, туку и на колективната преродба, на преродбата на нашето општество којашто мора да ни биде мотив за сите понатаму“, изјави во „Трилинг“, писателката Фросина Пармаковска, околу тоа колку во романот „Кривата Дијана“, меѓудругото, акцент е ставен на грешка, несреќа, трагедија, траума, вина, истрајност, болка, издржливост, и колку ова коинцидира со Христовото воскреснување, и дали може да се најде симболика во книгата со празничните пораки кои најчесто доминираат за време на Велигден.
Прашана за мислење зошто не успеваме по повеќе од 30 години самостојна држава да ги извлечеме поуките од грешките кои постојано ги правиме, Пармаковска вели дека е стварно прашање зошто нас, и тоа на толку мало парче земја во толкава магнитуда ни се случуваат толку страшни работи.
„Не знам зошто се повторуваат тие работи. Со тоа треба да се занимаваат повеќе науки, но ние како писатели, меѓудругото и наша должност е да го опишеме тоа, да ја опишеме реалноста во којашто живееме.

Осврнувајќи се на македонската реалност, и за тоа во каква реалност живееме, Пармаковска вели дека реалноста кај нас е таква – на грешки, на шаблони.
„Јас се надевам дека помладите генерации ќе научат некои лекции. Ние досега требаше да ги научиме. Јас пак ќе повторам дека од позиција на писател, тие апели и занимавање со реалноста, со мигот, со овде и сега, можат да помогнат кон некое насочување, некое подигнување на свеста, но и секој поединец може да се вклучи“, смета Пармаковска.

Прашана за „Кривата Дијана“ каде поднасловот е „романот на верижната вина“ и акцент е ставен на реалните општествени и индивидуални трауми, и дали постојано си ја префрлајќи си ја вината од еден кон друг, од една на друга институција, бегаме од решавање на проблемите, Пармаковска вели дека по примерите така изгледа.
„Јас имам тенденција на крајот од романите да дадам некоја надеж, некоја ведра порака. Во овој роман се завршува тој циклус. Затоа и верижна вина на ниво на поединецот и на општеството се затвора тој круг, со некоја надеж дека ќе биде подобро.
-Во нашето општество тој круг се затвора и отвора. Но ќе повторам дека јас лично верувам дека може да излеземе од тој круг. Нам ни се случија навистина страшни трагедии коишто не смеат, немаме веќе луксуз да се повторат“, вели Пармаковска.

„Мора да разбереме дека се појави инфлација во целиот свет и да разбереме дека ова е светски тренд, но и ние сме затекнати од сето тоа што се случува. Инфлацијата во целиот свет направи притисок кај сите нас. Гледаме дека има поскапување на цени и секоја држава различно се снаоѓа“, изјави во „Трилинг“ Дарко Велков од „Вработување HR Solutions“ говорејќи за податокот дека од една страна имаме недостиг на работна сила, а од друга страна луѓето бараат зголемување на платите.
„Треба да ги задржиме најдобрите луѓе и веројатно да почекаме да се стабилизира малку кризата, иако лично чувствувам дека веќе има подобрување во однос на ланската и прекланската година, бидејќи тој тренд беше навистина многу страшен и беше како домино ефект. Плашејќи се дали ќе имаат луѓе, неприродни понуди се даваа коишто македонскиот бизнис не може да ги издржи, а од друга страна луѓето навистина имаат стварно големи притисоци со ценовните шокови. Оваа година малку е подобро и треба да направиме ревизија на тоа што се случи и треба да размислиме за еден петгодишен или десетгодишен план, како да ги задржиме луѓето и како луѓето да ги задржат компаниите, не е само едната страна. Во денешно време да има некој да работи во стабилна компанија навистина е многу битна работа. Во ова време – невреме јас би сакал да ги пофалам претприемачите бидејќи стварно тешко се плива. Не е баш лесно“, смета Велков.

Осврнувајќи се на феноменот дека од една страна се намалува невработеноста, но се намалува и бројот на вработени, Велков вели дека има повеќе фактори кои влијаат на ваквата ситуација.
Од наш аспект гледано ние навистина немаме проблем со кандидати и секогаш имаме добар кандидат за некое работно место, но генерално, според мене, самите индустрии ја менуваат и својата технологија и од сите извештаи што доаѓаат, многу работни места ќе ја изгубат смислата на тоа што го имале до сега и треба да се појават нови компетенции“, вели Велков.
Човечкиот капитал преспоро се прилагодува на новите движења, оценува Велков.
„Знаеме дека вештачката интелигенција доаѓа, и знаме дека треба да направи некаде околу 85 милиони работни места, а 120 милиони треба да се изгубат. Ќе ви кажам еден пример: Порано имаше телеграф и телефонија, денеска го нема тоа. Луѓето со тие компетенции би требало да се пренаменат во сосема друга индустрија. Јас тука гледам, за жал, многу фактори зошто ние сме малку неспремни. Луѓето треба да имаат брзи, кратки курсеви со коишто ќе се обучат за премин. Не знам дали знаете дека најголем дел од луѓето над 55 години воопшто немаат ни желба да бараат работа, а ги има на список. Можеби треба да се работи со нив. Треба да се убедат дека они се луѓе коишто изградиле држава. Се што гледаме околу нас тие генерации го направиле. Гревот е да ги изгубиме, и мора да се работи со тие категории на луѓе, да добијат некакви компетенции коишто може да помогнат во денешните технологии. Но за жал тука сме слаби. Од новите генерации скоро никој повеќе не сака да работи тешка индустрија. Сите сакаат на лаптоп да биде и да биде некаква канцелариска работа.

Прашан што ги брка од кај нас квалификуваните кадри, Велков вели дека има разговарано и со помлади, но и со постари луѓе и различни фактори се во прашање.
„На младите не им сметаат толку тука условите, туку авантура е во прашање. Сакаат да видат како е надвор, бидејќи интернетот си го направи тоа што си го направи. Вие во сегашно време за две секунди може да видите како е да се живее во Финска, како е да се биде на било која плажа во светов, и се е транспарентно и достапно. Тоа многу ги смени работите. Така што авантурата е еден од факторите што младите ја сакаат. Второ е што немаат пристап до компаниите на начинот на којшто треба да имаат. Првото работно место треба да е кај нас, а не надвор. Тоа е наша грешка, вели Велков.

Осврнувајќи се на вештачката интелигенција (ВИ) и дали истата би предизвикала затворање на одредени професии, намалување на бројот на кадри, Велков вели дека ова е дебата која цел свет ја дискутира, односно колку ВИ помогне, а колку ќе одмогне.
„Целта на самата вештачка интелигенција во принцип е да ни го олесни животот, но секако дека има и теории кои не звучат добро и навистина имаме страв сите, дури и јас имам страв. Мислам дека пребргу се случува, а луѓето не се спремни за ВИ. Прашање е што ќе прават тие што нема да се прилагодат, тие милиони работни места. Мислам дека ќе има голем ефект. Еве да земеме од автоиндустријата, такси индустријата. Ако земе во вид дека за 10 години ќе имаме такси без шофер, цела една работна професија можеби нема да има – возач на такси возило. Тоа истото може да се мултиплицира и во камионите коишто се автономни. Во моментов во Кина има т.н темни фабрики, каде што нема вработени, туку се е автоматизирано и нема ни светло. И ако побарате на интернет ќе видите дека тоа се огромни, мегалофабрики, коишто немаат светло и нема вработени. Но не секоја индустрија тоа го може, и не секоја ќе може да биде заменета со вештачката интелигенција.
-Јас сум убеден дека како што ќе се развијат нови, така ќе се појават па и нови потреби, а луѓето коишто ги немаат компетенциите коишто во моментов ги бара пазарот, на нив дефинитивно ќе им биде потешко. Значи пребрзо се смени пазарот на труд и пребрзо светот се промени. Затоа кажав дека имаме смена на генерации и смена на технологии во моментов“, додава Велков.
Погледнете го новото издание на магазинот „Трилинг“.