
(ВИДЕО) Во Трилинг со Орце Ѓорѓиевски, Ристевска Јорданова и Ајдини Јегени
➡Во новото издание на Трилинг разговараме со со Орце Ѓорѓиевски кандидат за градоначалник на Скопје, Малинка Ристевска Јорданова експерт за ЕУ интеграции и актерката Теута Ајдини Јегени добитничка на наградата „11 Октомври“.
Во новото издание на Трилинг разговараме со со Орце Ѓорѓиевски кандидат за градоначалник на Скопје, Малинка Ристевска Јорданова експерт за ЕУ интеграции и актерката Теута Ајдини Јегени добитничка на наградата „11 Октомври“.

„Една од причините за да се кандидирам за градоначалник и да станам градоначалник е дека Скопје во моментов не е метропола, односно ние сме многу далеку од оние стандарди и услови кои што треба да ги исполнуваме и создаваме како град, за граѓаните за нормално функционирање.
-Скопје е генерално руинирано изминатиов период. Дополнително во сето тоа влијаеше ангажманот на Арсовска, не за да ги подобри состојбите туку за да го доуништи градот, изјави за магазинот „Трилинг“, кандидатот за градоначалник на главниот град, Орце Ѓорѓиевски за тоа дали после повеќе три децении државотворност може да говориме за Скопје како за метропола.
Ѓорѓиевски вели дека тој бил првиот којшто влегол во конфликт со Арсовска и прв и се извинил на јавноста што дал поддршка за неа на минатите локални избори.
„Де факто таа е кардинална грешка и јас сум тука да ги поправам состојбите.
-Но кога говориме за немање на основни елементарни услови за живот тоа не е само изминативе четири години. Ние 30 години наназад немаме систем на функционирање во главниот град и затоа сме се довеле денес во ваков крах. Јас на моите настапи во изминатиов период не говорам за Луна паркот којшто планирам до јуни 2027 да е готов или не говорам за нов крак жичарница до средно Водно, не говорам за Универзална сала или некои други поголеми проекти. Јас говорам за тоа дека граѓаните немаат основни хумани услови за живот, а тоа е – недоволно и нередовно собирање на смет, микро депонии буквално на секој ќош, немањето на доволен број автобуси и тие што ги има доцнат, што значи дека ние од малите проблеми коишто го гушат нашиот народ во Скопје, не можеме да разговараме денес за поголемата слика, односно за проекти од поголемо значење за сите Скопјани. Не доволно на скопјани само да им организирате културни настани. Треба првенствено да им ги обезбедите основните хумани услови за живот, да имаат нормално, пристојно живеење во 21 век“, вели Ѓорѓиевски“.

За тоа како планира да се справи со урбаната мафија и со градежната експанзија која создава сериозен проблем во Скопје, Ѓорѓиевски вели дека тој како градоначалник на Кисела вода веќе покажал како тоа се прави.
„Јас мислам дека покажав како тоа се прави во Кисела вода. Прв што ќе го спомнам е меѓународниот конкурс за Расадник каде што требаше да има 99 згради, а сега нема згради. Во Црниче и Пржино откако јас сум градоначалник нема издадено одобрение за градба со повеќе од четири станбени единици. Во минатото на одобрение за градба на куќа по 28, 32, 40 станбени единици се издаваа. Истата пракса ќе биде и во градот Скопје, вели Ѓорѓиевски и додава дека за евентуален мораториум на одреден период за изградба на згради ќе одлучи заедно со неговиот тим од урбанисти, експерти кои ќе работат со него, потенцирајќи дека неговиот концепт е градот да се шири, но во периферија.
Прашан дали доколку има ингеренции за уривање дали ќе урива дивоградби, вклучувајќи го и Чаир и други општини Ѓорѓиевски дециден – Да.
Говорејќи за тоа дали се точни одредени информации дека доколку стане градоначалник на Скопје веќе има договор дека најголемиот дел од јавните претпријатија ќе припаднат на луѓе од ВЛЕН и ЗНАМ, Ѓорѓиевски вели дека таков договор ниту има ниту пак некој разговарал за такво нешто.
„Во неумешноста да понудат решение, одредени политички партии измислуваат одредени состојби и визии за во перспектива. Сакам да кажам дека јавно претпријатие нема да биде приватизирано од моја страна. Ова одговорно го тврдам. Прв противник за тоа сум јас. Одговорно тврдам дека до сега се нема разговарано за евентуални директорски места, затоа што сите сме силно фокусирани да на што поголем број на наши сограѓани им ја презентираме нашата програма и визија за главниот град. После изборите ќе следи период кога ќе треба да се делува брзо во однос на кадровата политика, но на сите позиции ќе има лица коишто ќе бидат приближно спремни на она сум јас, да дадат се од себе за да нормализираме процесите и да ги подобриме условите во Градот Скопје. Јас нема да си дозволам луксуз да јас работам по 18, 19 часа во денот, а некој друг поради одредени коалициски договори да биде на позиција затоа што мора да биде. На градот Скопје му требаат работници. Јас сум работник и ќе дадам се од себе“, вели Ѓорѓиевски.

„Во правото на ЕУ има два чекори коишто се едногласност – почетокот на процесот и крајот. Крајот на процесот е фактички едногласност бидејќи треба договорот за пристапување да биде ратификуван од сите држави членки. Овие предлози веќе три-четири години наназад стануваат се поактуелни, не само во невладиниот, туку и од страна на државите членки. Таков предлог имаше од Австрија, нон пејпр Словенија – Германија. Значи правно тоа е возможно затоа што правото на Унијата е многу базично што се однесува до пристапувањето. Проблемот е што тоа е веќе еднаш е донесено со едногласност од земјите членки и ќе треба со едногласност да се смени. Значи ќе треба сите да се согласат за да преминат на некаков вид на квалификувано мнозинство, а повеќе опции се тука во игра – дали квалификуваното мнозинство коешто веќе го знаеме или некое коешто ќе бара уште поголема согласност од земјите членки“, вели Ристевска Јорданова.
За тоа дали смета дека постои реална волја, подготвеност од Брисел да дадат своевидни гаранции во делот на она што македонската страна го бара – гаранции дека после уставните измени нема да има нови барања од официјална Софија, Ристевска Јорданова вели дека за неа е воопшто проблем барањето на гаранции, а не дефинирањето на такви гаранции, затоа што ние не зборуваме за какви гаранции станува збор или какви бараме.
„Само се зборува гаранции. Проблемот е во тоа што бугарската страна веќе се што можеше како гаранција дека тие ќе влијаат на секој иден чекор веќе го вметна во официјалните документи на ЕУ – заклучоците на Советот и преговарачката рамка. Тоа не значи дека нема враќање назад, затоа што доколку има политичка волја од страна ЕУ се е менливо. Тоа не мора да биде со менување, туку со нов документ. Еве пример ќе дадам – Србија и Црна Гора имаа веќе преговарачки рамки по старата методологија, но кога се усвои новата методологија, беше донесен дополнителен документ со кој што се кажа дека се согласиле и тие и државите на членки на нив да се применува новата методологија и како таа ќе се применува. Значи секога постои начин кога има политичката волја. Проблемот е во немањето, во моментов, на доволно политичка волја, ниту во однос на проширувањето воопшто да влезе квалификуваното мнозинство во сите меѓу чекори, ниту пак во однос на Македонија.

Прашана дали може да се каже дека сме ставени маргините на интересот на Брисел, па и на Вашингтон, Ристевска Јорданова вели дека иако е тежок збор маргинализација нема да контрира на таа констатација.
„Мислам дека за еден дел сносиме и сами вина затоа што едноставно дозволивме некои наши национални интереси да се погазат и се поделивме внатрешно по повеќе линии. И веќе кога внатрешно сме поделени секој од страна којшто има интерес, како некои соседни држави, тоа го искористија и се наметнаа во ЕУ. Вториот фактор е што Европската унија едноставно прагматично гледаше да оди чекор понапред и ако нешто политички неа не чинеше многу таа постапуваше по тоа. За жал нашата политичка цена ние ја поставувавме прениско досега“, смета Ристевска Јорданова.
Како членка на Советот за национална безбедност кај претседателката Сиљановска Давкова, Ристевска Јорданова вели дека хибридните напади не биле, а треба да бидат, односно ќе бидат тема на разговор на ова тело.
За тоа кои би биле индикациите дека сме под безбедносен ризик, Ристевска Јорданова како членка на Советот за национална безбедност кај претседателката Сиљановска Давкова, вели дека надлежните институции треба да дадат информации за тоа кои се елементите врз кои се дошло до заклучок дека сме цел на хибриден напад.

„Секојдневно читам немили настани. Можеби не сум ги пробала лично, но сето тоа што се случува околу мене јас го прифаќам лично бидејќи тука живеам, тука растат моите деца и внуци. Не мислам дека имаме некој голем напредок. Напротив, сега има земено замав.
Околу посланието „Оставете ги драмите на театарските штици и дали денес може да бидеме индиферентни, рамнодушно кон сето она што ни се случува, трагедии, несреќи, разочараност, Ајдини Јегени вели актуелни се војни низ светот, актуелни се немили настани во нашето општество и тоа една испорака кон народот да не се биде индиферентен.
„Ние говориме но не знам колку има слух за тоа и колку допира до оние кон кои е наменето. Ние секогаш ќе бидеме бунтовни, но народот треба малку да се разбуди и да размислува на друг начин. Секој со својата професија, со своите можности да придонесе. Би требало да се променат многу работи, и јас лично преку моите ангажмани некако се мачам да извадам на виделина се она што се случува во општеството. Ние знаме да говориме гласно со нашите драми и трагедии кои ги имаме како продукции во нашите куќи, но тие кои треба да го слушнат ретко доаѓаат. Можеби и доаѓаат но само на пет минути да се сликаат и си бегаат.. Мислам дека тие повеќе треба тоа да го следат и знаат за да би допрело некако“, вели Ајдини Јегени.
Околу нејзината изјава „актерството ме научи да оживеам човечки судбини, да го разликувам добриот од лошиот, да знам кој е добриот, а кој лошиот човек и дали нејзиниот пристап придонесува да се разбијат некои од стереотипите во општеството, Ајдини Јегени вели дека со нејзината возраст, со нејзината сигурност, со големиот багаж кој го има, навистина ја има научено сето тоа да го види.
Ајдини Јегени смета дека дисциплината, културата, професионализмот недоволно доминираат воопшто вклучително и театарот.
„Недоволно затоа што мислам дека и во театарот нема таква дисциплина. А целата кривица, ќе започнам од самата моја матична куќа, е во тоа што не се потпомогнува културата, не се инвестира во неа. Јас тука ќе го цитирам познатиот режисер Паоло Маѓиели кој вели „многу е евтина културата, но многу е скапо да имаш некултурен народ, затоа што тој и не знаеш колку ќе те чини“, смета Ајдини Јегени.
Таа вели дека клиентелизмот и трката по парите на некој начин ги изместија вредностите.
„Се прави бизнис и во уметноста. Јас сум многу среќна за себе затоа што никогаш не прифатив да правам бизнис со мојата професија. Не прифаќав и тогаш кога имав најмногу потреба да земам некој денар и да проживеам. Ми се случувало и да имам 20 евра плата кога во едно време преминав во Албанскиот театар во Приштина заради лични околности. Ми се нудеше да играм во едни мали претстави кои добиваа многу , но беа безвредни. Успеав да се воздржам и сум горда денеска на тоа. Затоа што со време вредноста некако ќе се покаже ќе излезе на виделина.
-Вредностите се изместени, бизнисот е корумпиран. На лесен начин се станува бизнисмен, а уметноста останува на истото место. Во времето кога немаше хонорари, живеевме од само една единствена плата, немаше можност да ти ја одземе некој улогата. Сега можеш да се вметнеш некаде, да се прикупиш. Оставаш некоја претстава во својот матичен театар која навистина вреди, а играш во некој безвезна серија. Добро е да се работи, да имаме продукција, но тие да бидат навистина на свое место, а за нив треба средства, а средствата некој треба да ги плати“, вели Ајдини Јегени.
Политиката за свои поени е онаа што создава поделби, анимозитет еден кон друг, вели Ајдини Јегени.
„Највинова е политиката. Обичниот човек не е. Јас живеам во една околина каде сме опкружени Македонци, Албанци, но таму нема никакви поделби. Ние со децении живееме заедно и никој Теута не ја гледа како Албанка, ниту пак ќе ја гледа некако поинаку“, вели Ајдини Јегени.

-Во последните неколку години често разговарам за Вештачка интелигенција (ВИ) со луѓе од различни позадини. Некои од нив се страствени информатичари кои со мене сакале да ги споделат своите идеи и трудови, а некои се повозрасни луѓе коишто се возбудени што почнале да користат ЧетГПТ.
-Тоа што можам да го приметам во сите овие разговори е всушност љубопитноста на којашто сите ја имаме за ВИ. Ова оди од една крајност на целосен оптимизам и примена, до друга крајност којашто е стравот дали роботите ќе не заменат.
-Ние во Семос едукација долго време размислувавме како да ги споиме овие две сфаќања на едно место. Од една страна сакавме да ги поддржиме ентузијастите со нивната желба а знаење и напредок, а од друга страна сакавме да покажеме дека стравот од вештачка интелигенција не треба да постои и дека таа е всушност само уште една алатка којашто во иднина ќе ја користиме исто како што ги користиме компјутерите денес.
-30 за 30 нуди повеќемесечна претплата, да може да погледнете 30 кратки обуки по цена од 30 евра. Цената ја избравме симболично затоа што ние 30 години нижиме успеси, а вие може секоја обука да ја погледнете по цена од едно евро кога вам ви одговара. Убавото во овој пристап е тоа што ви нуди еден поглед кон целосниот свет на ВИ и како таа се користи. Обработивме различни примери, од тоа како да ја користите за да донесете подобри финансиски одлуки, како да ја направите свој личен асистент, работни примери во маркетинг, продажба, финансии, човечки ресурси, но исто така одговоривме и технички прашања како што се – како се развива ВИ, како се создава модел за ВИ и како да ја користите безбедно.
-Кога веќе споменав безбедност, би сакала да посочам дека е битно од каде ги добивате вашите информации за ВИ. Денес на пазарот постојат многу комерцијални алатки кои се за широка употреба но не ги заштитуваат вашите лични податоци како тајни. Односно тоа што може да се случи е вие да внесете некоја информација за вас и подоцна некој друг да има пристап до истата. Затоа ние во Семос едукација кога ја создававме платформата 30 за 30 внимававме на деталите, се консултиравме со искусни професионалци во секоја област и тоа што ви го нудиме е внимателно одбрано и издржано.
-Со правилно користење вештачката интелигенција може да биде од огромна помош, а правилната употреба ние се потрудивме да ја објасниме на лесен и разбирлив начин, за секој од вас да може да ги следи сите 30 обуки на различни теми, вели Кристина Тасева, AI LEAD во Семос едукација.
Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски, погледнете го во видеото