(ВИДЕО) Во Трилинг Со Мециновиќ, Ѓорѓиевски, Шукова и Иванова

Во магазинот „Трилинг“ со кандидатите за градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски и Амар Мециновиќ и потпретседателката на СДСМ Каја Шукова која беше и кандидат за градоначалник на метрополата. За подемот на фриленсерството гостува Елена Иванова од Импакт Фондација. Дамјан Ѓоргиевски е соработник на Семос Едукација. Со него планираме да влијаеме и да ја унапредиме индустријата на на гејминг, да понудиме нови обуки во оваа индустрија и са најдеме клиенти кои ќе вработуваат луѓе од Македонија, слушатели на Семос Едукација.

Во магазинот „Трилинг“ со кандидатите за градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски и Амар Мециновиќ и потпретседателката на СДСМ Каја Шукова која беше и кандидат за градоначалник на метрополата. За подемот на фриленсерството гостува Елена Иванова од Импакт Фондација. Дамјан Ѓоргиевски е соработник на Семос Едукација. Со него планираме да влијаеме и да ја унапредиме индустријата на на гејминг, да понудиме нови обуки во оваа индустрија и са најдеме клиенти кои ќе вработуваат луѓе од Македонија, слушатели на Семос Едукација.

Амар Мециновиќ

„Со сета почит кон мојата против кандидатка г-ѓа Каја Шукова сметам дека мојата платформа резонира со оние луѓе кои го дадоа својот глас за неа. Така што јас отворено ги повикувам во вториот круг да го дадат својот глас за мене и генерално да се гласа опозициски во случајот на Град Скопје затоа што тоа е потребно на Македонија, дури и од една побуда за демократизација на целите процеси, затоа што апсолутната власт на ВМРО-ДПМНЕ гледаме дека во изминатава година дена не става во некоја ситуација на подјарменост на сите интереси под интересот на ВМРО-ДПМНЕ. Така што здраво е за општеството ВМРО-ДПМНЕ да нема апсолутна власт“, вели Мециновиќ.

Мециновиќ смета дека младите како никогаш досега излегоа на изборите и го дадоа својот глас.

„Младите веќе не се апатични во оваа држава. Напротив, младите се вклучени во политиката преку Левица и тие ја препознаваат Левица како своја опција. Јас секогаш внимавам какви констатации давам, но за прв пат ќе кажам нешто за коешто сум апсолутно сигурен – откако ќе поминат изборите, кога ќе дојдат пресметките по демографски групи како се гласало, јас сум сугурен дека младите се со нас. Тие се разбудени како никогаш досега. По мои претпоставки апстинирале партиски гласачи“, вели Мециновиќ.

За тоа кој е виновен за ова што ни се случува последниве неколку години, Данела Арсовска или ВМРО-ДПМНЕ, Мециновиќ вели исклучиво ВМРО-ДПМНЕ.

„Јас како поранешен советник во градот Скопје сум присуствувал на стотина седници кадешто сум видел експлицитно каква е политичката волја на ВМРО-ДПМНЕ во поглед на главниот град. Така што ВМРО-ДПМНЕ го има блокирано секој обид за нормално функционирање на Град Скопје преку Советот, но и преку надзорните, управните одбори на јавните претпријатија. Јас сум присуствувал и на седници каде што и по девет месеци не се гласале планови за работа на претпријатијата, каде што не се гласале програмите на претпријатијата, каде што не се гласале вработувања таму кадешто требало, така што имаше целосна блокада и хендикепирање на претпријатијата. Но, мора да се посочи дека во изминатите неколку години буџетот и завршната сметка на Град Скопје ја гласаат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ заедно. Така што треба да се запрашаме зошто овие партии го гласаат буџетот и сакаа голготата да помине, ако после цела година не гласаа ништо што е продуктивно за градот“, вели Мециновиќ.

Тој смета дека за Скопје да биде чисто, зелено, без смет, отпад потребни се силни комунални претпријатија.

„Јас ќе посочам дека ништо од ова не се случува туку така. Сето ова има умисла позади. На 10-ти септември премиерот Мицкоски ни обелодени кој е големиот план зад ова што се случува четири години, а тоа е приватизирање на комуналните претпријатија. Значи со години се работи на будење на резигнација кај скопјани кон комуналните претпријатија, на градење на перцепција дека тоа се нефункционални претпријатија за да се оправда нивното приватизирање. Ние сметаме дека тоа не смее да се дозволи затоа што тоа ќе значи дека фирмите кои ќе стопанисуваат со тие дејности повторно ќе бидат во политичка и семејна спрега со политичарите“, вели Мециновиќ.

Тој е дециден дека на Скопје му е потребен нов ГУП.

„Тој ГУП треба да сфатиме дека треба да го изготват градски власти, научна фела и нашите граѓани ослободени од приватните интереси и интересите на инвеститорите, на урбаната мафија која веќе ни го има креирано хаосот во којшто живееме. Тоа значи дека треба да одбереме политичка опција која не е во спрега со овие приватни интереси. Јас отворено ќе кажам, доколку ВМРО-ДПМНЕ победи, затоа што ВМРО-ДПМНЕ е урбаната мафија, тогаш урбаната мафија ќе ни го изготви ГУПО-от. Јас сметам дека во Скопје постои многу научен, човечки потенцијал кој преку еден инклузивен процес кој ќе биде комплементарен од една страна преку научни студии и ослободена научна фела од политички притисоци, и од друга страна непосреден контакт со нашите граѓани. Тоа значи дека ГУП-от ќе мора да се прави во еден инклузивен процес, така што сите маала и општини ќе бидат прашани теренски, затоа што никој не може подобро да ни каже што му е потребно во неговиот непосреден простор од самите граѓани коишто живеат во тој простор“, смета Мециновиќ.

Прашан за тоа дали доколку стане градоначалник ќе донесе одлука за мораториум за градби, и дали дивоградбите ќе ги урива или легализира, Мециновиќ со одговор:

„Дивоградбите се еден феномен кој ретко каде го има на континентот. Мислам дека ние сме некако ендемски. Дивоградбите не смеат да постојат. Јас како градоначалник сметам дека градот не треба да дава амин на никаква дивоградба, на тоа сето треба да се работи во комбинација со МВР. Така да МВР треба да биде тој кој ќе постапува проактивно заедно со обвинителството по однос на тие дивоградби во координација со градот. За дивоградбите сметам дека треба да се поделат во две категории, а тоа се таму каде живеат луѓе и таму каде што се прават пари т.е комерцијални објекти. Треба веднаш да почнеме да ги уриваме комерцијалните објекти кои се дивоградби, а понатаму да разговараме за таму каде што луѓето живеат“, вели Мециновиќ.

Орце Ѓорѓиевски

„Јас сметам дека добро знам да ги организирам и решам проблемите, така што, како што најавив, во првите 72 часа, јас одговорно тврдам дека градот ќе биде исчистен и ќе се направи една голема генералка која што нема да ја направи само градот туку тука ќе помогнат сите општини. Тоа е организација. Ние изминативе четири години не сме имале координативен состанок со градот Скопје. Тоа е недопустливо без разлика кој на која политичка партија и припаѓа. Јас како претседател на ЗЕЛС мислам дека покажав изминативе години како треба да функционираме сите заедно кога станува збор за интересот на граѓаните. Јас во тие 72 часа освен што целосно ќе ја пуштам на располагање целата механизација на градот Скопје и јавните претпријатија, ќе ги повикам да се вклучат и сите општини, но и да се вклучат општествено одговорните компании. Сите ќе излеземе. И граѓаните ќе излезат“, вели за магазинот „Трилинг“ кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, прашан за тоа како планира да ја исчисти метрополата во првите 72 часа.

За тоа како планира да се справи со урбаната мафија и со градежната експанзија која создава сериозен проблем во Скопје, Ѓорѓиевски вели дека тој како градоначалник на Кисела вода веќе покажал како тоа се прави.

„Јас мислам дека покажав како тоа се прави во Кисела вода. Прв што ќе го спомнам е меѓународниот конкурс за Расадник каде што требаше да има 99 згради, а сега нема згради. Во Црниче и Пржино откако јас сум градоначалник нема издадено одобрение за градба со повеќе од четири станбени единици. Во минатото на одобрение за градба на куќа по 28, 32, 40 станбени единици се издаваа. Истата пракса ќе биде и во градот Скопје, вели Ѓорѓиевски и додава дека за евентуален мораториум на одреден период за изградба на згради ќе одлучи заедно со неговиот тим од урбанисти, експерти кои ќе работат со него, потенцирајќи дека неговиот концепт е градот да се шири, но во периферија.

Прашан дали доколку има ингеренции за уривање дали ќе урива дивоградби, вклучувајќи го и Чаир и други општини Ѓорѓиевски дециден – Да.

Говорејќи за тоа дали се точни одредени информации дека доколку стане градоначалник на Скопје веќе има договор дека најголемиот дел од јавните претпријатија ќе припаднат на луѓе од ВЛЕН и ЗНАМ, Ѓорѓиевски вели дека таков договор ниту има ниту пак некој разговарал за такво нешто.

„Во неумешноста да понудат решение, одредени политички партии измислуваат одредени состојби и визии за во перспектива. Сакам да кажам дека јавно претпријатие нема да биде приватизирано од моја страна. Ова одговорно го тврдам. Прв противник за тоа сум јас“, вели Ѓорѓиевски.

Каја Шукова

„Не е прашањето дали очекувавме или не очекувавме ваков исход од изборите. Ние секако настапивме со реална програма и во Скопје и во општините низ Македонија – она што им е потребно на граѓаните за да се вратат во најголем дел функциите, особено во Град Скопје. Но да не заборавиме дека не очекува втор круг и дека во вториот круг има 16-17 општини кадешто се бориме за градоначалничко место, така што сметам дека ова не е дебакл на СДСМ земајќи предвид колку гласови освоивме на парламентарните избори виз а ви излезноста која се движеше околу 60% и сегашниот број на гласови виз а ви излезноста која се движеше околу 49%.

-Продолжуваме со процесот на консолидација на партијата. За нас 2024-та беше тежок изборен циклус, треба време за консолидирање. Критиките деновиве коишто ги слушаме во јавноста, секако оние коишто се добронамерни, само ќе ни помогнат во понатамошна анализа и консолидација како треба да се одвиваат работите во партијата“, вели за магазинот „Трилинг“ кандидатката за градоначалник на Град Скопје и потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова.

Прашана дали Социјалдемократскиот сојуз всушност стана маргинален политички фактор, Шукова вели дека тие како партија се лидери на опозицијата.

„Гласовите на ниво на држава го покажуваат тоа. Сѐ уште имаме најмалку дупло повеќе гласови од Левица којашто се обиде да се прикаже како лидер на опозицијата. Тоа апсолутно не е точно. Простата математика покажува дека лидер на опозицијата е СДСМ. Мислам дека сите анализи и констатации во спротивна насока не се точни“, вели Шукова.

Прашана дали како потпретседателка СДСМ лично чувствува одговорност и дали смета дека треба да поднесе оставка, Шукова вели дека секако секој треба да чувствува лична и морална одговорност после ваков изборен резултат.

„Јас и во интервјуата што ги давав и пред изборите велев дека ние започнавме еден процес на консолидација којшто траеше 14-15 месеци и тоа е многу краток временски период имајќи предвид со каков изборен резултат се соочивме во 2024 година. Сметам дека треба сѐ уште да работиме на нашата консолидација. Во однос на она што го имавме како почетна точка во 2024 година веднаш после изборниот циклус и она што успеавме да го направиме во овој период очигледно е дека не е доволно, меѓутоа оди во правилна насока“, вели Шукова.

Прашана дали СДСМ е виновна што денес Мицкоски има апсолутна власт, Шукова смета дека тоа не може да се стави во еден таков единствен контекст.

„Не верувам дека само СДСМ е виновна за она што се случува во државата. Впрочем не сме ние единствената опозициона партија во државата, а за жал сѐ уште најголем дел од критичарите се занимаваат само со СДСМ, не се занимаваат со другите опозициони партии. Мислам дека во најголемиот дел сѐ уште се владее со популистички мерки коишто системски не и прават добро на државата и тоа ќе се покаже во една временска рамка. Впрочем тоа се покажува и во економските показатели кои ги гледаме во изминатите месеци, без разлика од кој тип се. Секако дека има влијание како СДСМ се однесува како опозициона партија, но повторно ќе кажам – нашите политики се добронамерни и се во интерес на државата. Не се во интерес на популизмот и во добивање на глас плус а тоа да не е во интерес на граѓаните и на државата“, вели Шукова.

За тоа дали во вториот круг ќе даде поддршка за кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, Шукова вели дека став во однос на тоа прашање сѐ уште немаат.

„Партиското раководство ќе заседава овие денови. Се прават анализи, треба да видиме какви се резултатите по општините и најскоро ќе ја информираме јавноста по однос на ова прашање“, вели Шукова.

Околу одредени мислења дека д-р Маја Мојсовска на овие избори била „пуштена низ вода“ и дали партијата ќе застана со поддршка за Стевчо Јакимовски во Општина Карпош, Шукова вели:

„Никој од нас не е пуштен низ вода. Ние сме изградени личности со сопствени кариери и точно знаевме во каков изборен циклус влегуваме. Влеговме чесно, со чесни програми коишто требаше да им покажат на граѓаните дека имаме проекти и мерки коишто треба да ги подобрат состојбите. Во однос на поддршката за Стевчо Јакимовски сѐ уште немаме изградено став и за тоа ќе ја информираме јавноста во деновиве што доаѓаат“.

Прашана дали по локалниве избори избори и понатаму гласно ќе бараат предвремени парламентарни избори, Шукова вели дека тоа е процес којшто неминовно, најверојатно во краток временски период ќе треба да се случи.

„Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ покрај тоа што не покажа резултати во Град Скопје и општините во него, а повторно ја доби поддршката од граѓаните, неминовно е дека во одредена временска дистанца најверојатно ќе треба предвремени парламентарни избори. Она што го кажуваме е дека како партија сме спремни и за таков еден процес, без разлика дали тоа ќе е случи за два, три, пет месеци или можеби за една година“, вели Шукова.

Прашана дали за не не е поразителен фактот дека кандидатот на владејачката партија во Кочани доби поголема поддршка, во ситуација кога во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ се случува една таква национална трагедија, Шукова вели дека тука работите ги гледа од морален аспект.

„Јас би се запрашала на кое ниво ни е моралот во државата, а особено можам да речам и во Кочани. За мене тоа беше податок кој што едноставно и три дена после изборите не можам да го прифатам, особено заради тоа што таму се случи една сериозна трагедија во којашто загинаа многу млади животи. За мене е непоимливо како можеше во еден таков контекст кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ да добие таква поддршка. Но тоа е прашање за една поширока дебата, не само на ниво на Кочани туку и пошироко во државата“, вели Шукова.

Елена Иванова

„Ние мислиме дека фриленсерите се на некој бројка од 10 000, но тоа е шпекулативна бројка и се држиме до неа за да ни биде некаква рамка која што кога ќе измериме ќе знаеме колку сме згрешиле или сме биле блиску. Последните години единствениот начин да измериме колку фриленсери имаме се нивните профили на дигиталните платформи каде што нудат некаква работа. Тоа го правиме симултано со повеќе дигитални платформи, но ја земаме предвид и најголемата дигитална платформа „UpWork“.

-Мислиме дека тоа е слобода на работа, односно слобода на трудот, една нова нестандардна форма на вработување која во Македонија сѐ уште не го носи статусот на вработување. Не е толку важно кога државата ќе се прилагоди на новиот тренд се додека се работи на тоа. Овој тренд не е лесен за фаќање. Многу земји во светот полека се адаптираа, не само според бројката колкава е критичната маса на фриленсерите, туку и според сопствениот капацитет да се адаптира на нивните потреби. Некогаш и за многу малку луѓе можат да се направат неколку промени, на коишто и ние во моментов работиме, за да може да се охрабрат новите фриленсери да се појават“, вели во магазинот „Трилинг“ Елена Иванова, Импакт фондација.

-Јас сакам да потенцирам нешто друго. Да се биде фриленсер е една многу широка категорија на професии, звања и активности коишто можат да се завршат на дигиталните платформи. Во Македонија има фриленсери што многу заработуваат. „Импакт Фондација“ ги мапира нив, ги зема за ментори, особено тие што сакаат да вратат на заедницата и да обучуваат нови фриленсери. Мислиме дека тоа е начинот на којшто можат да се спроведат нови почетници на платформи. Начинот е да им се покаже патот, а не самите да пробуваат, бидејќи тоа често завршува со ниски цени за квалитетен труд“, вели Иванова.

Прашана за тоа колку еден фриленсер може најмалку да заработи а колку најмногу, Иванова вели дека најниската сума е пет долари, за задачи како внесување на податоци во некакви големи датотеки.

„За најмногу е интересно кога некој фриленсер завршува задача која што не се мери во часови, тие ги викаме zero hour contract, тогаш тој може да ја стави цената која што пазарот ја бара. Тука има дури и постојани договори, значи месечни договори коишто се потпишуваат преку платформите и овие фриленсери коишто најмногу заработуваат работат и некои модерни професии, особено комплицирани како machine learning, како blockchain development, и тие се договараат за месечни надоместоци со некој клиент кој им нуди постојани договори. И таа заработка е голема“, вели Иванова.

Говорејќи за последните податоци од истражувањата на Меѓународната организација на труд дека во земјава се потребни две ипол години за лице со завршено образование да најде работа во согласност со образовниот профил и токму ова време на чекање е причина младите да размислуваат за иселување или преквалификација за работа на дигиталните платформи, Иванова вели дека тоа е веродостојно и тука се разгледуваат македонските работодавачи.

Говорејќи за импактот на развојот на вештачката интелигенција врз овие фриленсери, Иванова вели дека има повеќе прогнози.

„Мислиме дека најниските, најлесните задачи ќе се спроведуваат со помош на вештачка интелигенција и овие фриленсери ќе мора да се преквалификуваат. Но исто мислиме дека фриленсерите се најадаптибилните луѓе на пазарот на труд коишто брзо учат и самите почнуваат да користат ВИ и алатки на ВИ за својата работа што ја завршуваат. Самите тие ќе бидат поспремни, побрзи и поконкурентни на пазарот“, вели Иванова.

Прашана зошто даночниот систем не ги препознава македонските фриленсери, Иванова вели дека македонските фриленсери за да можат да направат прилив од страна, истиот не секогаш можат да го примат на своите трансакциски сметки во Македонија.

„Не можете на американски клиент да му речете ајде сега плати ми, еве ти го мојот SWIFT IBAN код. Значи тоа не функционира. Отвораат сметки во странство и тоа не е за да направат по секоја цена даночна евазија, туку затоа што не можат поинаку да го спроведат приливот. Од друга страна, за да бидат конкурентни кај американскиот клиент, често пати тие сакаат да ја скратат таа процедура на плаќање, но и да изгледаат кредибилно отвораат компании во Америка, односно отвораат LLC коишто се само за да можат да ги примаат тие приливи, а не заради даночна евазија“, вели Иванова.

Дамјан Ѓоргиевски

Дамјан Ѓоргиевски е соработник на Семос Едукација. Со него планираме да влијаеме и да ја унапредиме индустријата на на гејминг, да понудиме нови обуки во оваа индустрија и са најдеме клиенти кои ќе вработуваат луѓе од Македонија, слушатели на Семос Едукација.