(ВИДЕО) Во Трилинг со д-р Дудучки, Ангелка Пеева Лауренчиќ и проф. Шишовски

➡Во магазинот „Трилинг“ разговаравме со Ангелка Пеева Лауренчиќ експерт за креирање на имиџ и менаџер на „Имиџ ПР”, д-р Мице Дудучки невропсихијатар и универзитетскиот професор Јордан Шишовски. ➡Во рубриката „Знаење што менува“ со Елена Трајковиќ сертифициран тренер по Мајкрософт во Семос Едукација.

Во Трилинг гостуваат Ангелка Пеева Лауренчиќ експерт за креирање на имиџ и менаџер на „Имиџ ПР”, д-р Мице Дудучки невропсихијатар и универзитетскиот професор Јордан Шишовски.

Во рубриката „Знаење што менува“ со Елена Трајковиќ сертифициран тренер по Мајкрософт во Семос Едукација.

Фото: Трилинг / д-р Мице Дудучки

„Додека работев на ВМА важев за Д-р Хаус по прашање на дијагнозата, бидејќи се занимавам и со социјална психијатрија, така што на вашето прашање како би го окарактеризирал македонскиот психо-профил да одговорам со една кратка дијагноза, односно акроним од дијагнозата на македонското општество, а тоа е МАММА синдром, во превод малигни архетипски македонски мазохистички автодеструктизам“, вели за магазинот „Трилинг“ д-р Мице Дудучки.

„Веројатно оваа дијагноза звучи малку опширно, меѓутоа содржани се сите елементи за нашата општествена стварност.

-Зошто малигни? Затоа што сето ова што се чини од осамостојувањето до денеска, сето тоа е крајно дегутантно и во социјална и во психолошка, во емоционална, во деонтолошка, во било која смисла. Носи со себе еден општ пад на сите општествени вредности. Архетипски изгледа дека на некој начин во колективниот геном ни е вградено дека кубурата ќе ни се најде за некои лоши времиња и дека наведнатата глава сабја не ја сече, односно тој наш следен елемент – мазохизам, како да ни е вграден колективното свесно и несвесно. Исто така како да боледуваме од Стокхолмски синдром, нашите злосторници, на домашните мислам пред сѐ, како на некој начин да ги возљубуваме, да ги идеализираме, да ги обожаваме, што е апсурд, меѓутоа тоа е стварност, додава д-р Дудучки. и додава дека има недостаток на емпатија, разбирање, човекољубие пред се знаење , умеење, способност, кредибилност.

-Човек кој има естетски критериуми вградени во себе нема да ја уништува и загадува околината во која живее. Не може Скопје па и другите градови во Македонија да се претворат во една депонија и во ментална и во физичка смисла. Естетиката не значи само нешто убаво, туку чинење нешто што ќе биде индивидуално и општествено корисно, добро, убаво, пријатно и за окото и за душата, смета Дудучки.

За тоа зошто станавме се поагресивни, депресивни, анксиозни, па помалку и апатични, д-р Дудучки вели дека еден дел тоа се должи на влијанието на медиумите, било печатени, телевизија, социјални.

„Мојата сопруга е професор во пензија и на еден состав „што би сакале децата да бидат“, малите кумановчани одговориле дека би сакале да работат во Ирак и Авганистан, еден дел сакале да бидат фудбалери, а еден дел од девојчињата би сакале да бидат Јелена Карлеуша. Не е проблем што Јелена Карлеуша, зборувам како архетип, како патерн, не знае кој е Достоевски, проблем е што ние знаеме која е Јелена Карлеуша. Проблем е што ни се сервира кич, шунд од најдолен вид. Вистинските вредности, знаењето, науката, културата, уметноста, вистинската музика, сето тоа е на маргините потиснато од сите оние негативни влијанија и од нашата општествена стварност и негативни влијанија од т.н западна култура“, вели д-р Дудучки.

Околу колумната која пред една деценија ја има напишано каде вели дека „на градовите им се потребни волонтерски организации од експерти, бизнисмени, родители, културни дејци кои ќе даваат поуки и ќе бидат коректив на сите глупави урбани решенија“, д-р Дудучки вели дека со години им говори на градоначалниците дека во советите имаме делегатски систем.

„Па нели тоа не чинеше? Наместо советите да бидат од стари, умни, со искуство, со стручен, научен, искуствен бекграунд ние ставаме деца што само лепеле плакати и трчале за партијата. Немам ништо против младите луѓе, но треба знаење, треба луѓе со умеење од инфраструктура, од геополитика, урбанизам, хортикултурно уредување, наука, спорт, уметност, култура, правосуден систем, меѓународно право, од сите сфери на општествено живеење. Во секоја општина сум сигурен дека има волонтери, луѓе, кои своето знаење, умеење, искуство бесплатно ќе го дадат за некој проблем што ќе се јави во средините. Значи се тоа се решава со знаење, а не со декрет. Не се решава со универзални експертутки од општа пракса. Значи за се ги бива, а за она што треба да го работа се ко моето презиме – дудуци.

-Затоа велам – нема да имаме лезилебовиќи кои ќе одат само да испијат кафе во општината и да кренат рака. Нема да имаме паразити во надзорните и управните одбори. Тоа не е потребно. Ќе има од самата фирма, од самата компанија ќе има стручњаци кои ќе ја контролираат работата на менаџерскиот тим“, смета Дудучки.

Фото: Трилинг / д-р Мице Дудучки

Д-р Мице Дудучки е и еден од иницијаторите за помош на родителите и децата од кочанската трагедија. Во „Трилинг“ говореше и за тоа како се санираат психолошките трауми во овој град.

„Со синот и неговите колеги донесовме одлука не тие трауматизирани деца, родители, семејства да доаѓаат на клиника или во нашите ординации, туку ние да бидеме во тие први редови. Како воен лекар порано, како невропсихијатар бев на боиштето како лекар доброволец и таму ги решававме оние психо-трауматизирани, на првата борбена линија и таа доктрина ја применивме и сега. Отидовме со цел на тие деца да им пружиме имедијатна, брза, стручна помош, психолошко-психијатриска и младите психолози работеа и во Кочани, но и на клиниките. Покрај креветот на пациентот, на болниот од опекотини, од трауми, од гушење ние им помагавме. Е сега која е хипокризијата? Ние донесовме одлука тие луѓе, социјалните случаи, бранителите, инвалидите, децата и семејствата на настраданите, децата со посебни потреби да ги лекуваме бесплатно. Замислете која е гадоста од Фондот – ние можеме тие деца да ги прегледаме бесплатно, ама тие не можат да ги земат лековите кои одат на позитивна листа и за кои нивните родители плаќаат доприноси, затоа што лекарот бил приватен лекар, затоа што договорот со Фондот истекол. Нека им служи на чест. Јас тие глупости и лудости ги критикувам, но исто така и Лекарската комора која не мрда со прст“, смета Дудучки.

Фото: Трилинг / Ангелка Пеева Лауренчиќ

„Секоја кампања било каде во светот, не само балканска, не само кај нас е израз на тоа милје – контекстуално, социјално, културолошко, начинот на којшто се комуницираат работите, начинот на којшто се обраќаме меѓу себе. И затоа добрите политички кампањи, скоро без исклучок мора да ги работат луѓе коишто се дел од тоа милје, за да може да се разберат со гласачите, односно со купувачите коишто треба да го купат кандидатот, односно да гласаат за или против некого“, изјави во магазинот „Трилинг“ Ангелка Пеева Лауренчиќ, експерт за креирање на имиџ и менаџер на „Имиџ ПР”, говорејќи за тоа дали во Македонија изборните кампањи се израз на нашето тековно, културолошко, социолошко па и образовно ниво.

Прашана за тоа колку оваа кампања е доволно поткована врз основа на теми, прашања и проблеми кои навистина ги засегаат обичните граѓани, Пеева Лауренчиќ вели дека локалните избори генерално се најжестоки, најагресивни и повеќеслојни политички комуникации за разлика од парламентарните или претседателските.

„Вие имате голем број на кандидати, многу општини, различни контексти во секоја општина и различни јазици на комуникација и заради тоа можеме да кажеме дека ако сакаш да ги следиш сите тековни комуникациски стратегии за сите општини, тоа е скоро невозможно затоа што се разликуваат, затоа што поинаков е тонот и начинот на комуникација. На пример земете Центар, Карпош, Ресен, Струмица, Штип – се тоа е различно. Немате една стратегија за сите. Имате различна стратегија во секоја општина. Од друга страна веќе не важат истите правила за политичка комуникација како што било пред 10, 15, 20, па и 30 години. Се размножија многу брзи канали на комуникација и многу различни канали на комуникација со гласачкото тело. Ќе забележите дека веќе ги нема тие големи, кабасти митинзи на плоштадите, веќе ги нема огромните собири и масовки, туку се оди на еден друг тип на комуникација со гласачкото тело и повеќе е телормејд или обликувано согласно интересната група на гласачи, односно обликувано согласно потребите на гласачите за одредена општина“, смета Пеева Лауренчиќ.

За орлите, врапчињата, загарите, предавниците, криминалците, неспособните и урбаната мафија и дали партиските лидери всушност им ја киднапираа кампањата на кандидатите за градоначалници, бидејќи на сите митинзи најчесто доминираа претседателите на партиите, Пеева Лауренчиќ вели дека тука има две работи кои треба да се разграничат.

„Прво – дозата во комуникациите и како гласа македонското гласачко тело воопшто. Да почнеме со второто. Од тоа што го видовме како резултат на овие локални избори, јасно и недвосмислено е дека македонското гласачко, тука го сметам севкупниот број на гласачи во Македонија, гласаа најчесто кон политичка партија. Сѐ уште ни треба време да излеземе од матрицата и да гласаме за човек, затоа што и овие резултати тоа го покажуваат. Ако е тоа така, а е така, тогаш политичките лидери недвосмислено ја користат можноста да го зголемат фундусот на гласачи во дадена општина со нивното присуство, а со оглед дека се доминантни во политичката арена, понекогаш го крадат шоуто на самите кандидати.

-Од друга страна, црната кампања или невоспитаното однесување и реторика на одредени поединци, групи, политички субјекти кон кандидатите од другата страна, дури може да биде контрапродуктивно кон тој што тоа го испраќа како порака. Како антибиотик – ако имате доза од 5 мл. може и ќе ви помогне ако испиете во точна доза и во точно време, но ако испиете цело шише веројатно дека ќе се отруете. Така и со овој тип на непристојна кампања или црна кампања, кампања под нивото на моралниот и етичкиот момент, може обратниот ефект да го даде кон тој што ја испраќа“, вели Пеева Лауренчиќ.

Фото: Трилинг / Ангелка Пеева Лауренчиќ

Прашана за оцена за политичката сцена во Македонија, таа смета дека ние генерално треба да размислиме околу тоа кој се може да влезе во политика, за да остане нивото на доверба во политичарите доволно за да можат со авторитет да ги водат процесите.

„Што се политичарите? Политичарите се менаџери на одредена општествена целина. Ние сега што бираме – бираме градоначалници коишто се менаџери на општината. Треба да ја менаџираат општината, како во една компанија. Менаџерот треба да ја менаџира компанијата. Како дома, тој што носи пари треба да размисли како да ги подели, што да инвестира, да купи, кога да земе кредит за да семејството добро функционира. Тоа се градоначалниците. И во тој правец многу е битно да имаме добар избор и таа сцена да има повеќе ѕвезди, наместо да тргнеме во битка со некакви потпросечни познавања од областа којашто треба да ја работите утре. Ние впрочем таа лекција видливо ја научивме со градоначалничката во Скопје“, додаде Пеева Лауренчиќ.

„Пред 30 години многу жестоко ќе застанев на тоа дека демократијата треба да се брани по секоја цена и сѐ уште стојам на тој став. Но денес од оваа дистанца сметам дека правата коишто произлегуваат од демократијата секогаш треба да бидат проследени со обврските што истата таа демократија ги носи. И ние под плаштот на демократијата инсистираме само на правата, а многу малку на обврските. А обврските значат дисциплина, ред, почитување на законите и креирање на процедури и систем на функционирање на секое ниво. Во тој контекст ќе останам на таа позиција дека, да точно, не е измислен подобар систем. Точно дека тоа е владеење на мнозинството коешто го преставува просекот, зошто мнозинството секогаш е просек. Прашањето е што е просек во одредено време, на што филозофски може да дебатираме – дали оваа генерација Z е попаметна од мојата генерација Х. Значи тоа е просекот. Мојата генерација била таа што била актуелна пред 30 години, а ова сега е новата генерација. Која е попаметна? Што е просекот денес? Затоа ќе се вратам на тоа што на почетокот го кажав – ние бираме менаџери, односно градоначалници на општините, ние бираме влада, бираме министри, пратеници, за да излезат од просекот, да размислуваат подобро од тоа што мнозинството може да го испорача како барање, желба. Да инсистираат на обврските, на дисциплина, системот и следењето на правото и правната држава“, вели Пеева Лауренчиќ.

Фото: Трилинг / проф. Јордан Шишовски

Имиграцијата е многу горлив проблем во современата политичка сцена, посебно во Западна Европа. Ова е многу комплексен феномен којшто има повеќе нивоа. Од една страна имаме бегалци од војни. Ние имаме искуство – бегалците од војната во Косово, над 300 000 луѓе беа акомодирани, беа згрижени, потоа беа вратени назад. Бегалци од војната во Босна, сега имаме и мал број од Украина. Тоа е хумана страна којашто на некој начин е привремена. Има и меѓународни организации што помагаат и тн. Имате друг тип на имиграција кога луѓето сакаат да одат некаде. На пример некој сака да живее во Скопје, го сака градот, ги сака луѓето и доброволно доаѓа да живее во Скопје.

-Меѓутоа она што се плашам дека сега се случува, според овие преговори за коишто се збори, е нешто што би го нарекол присилна имиграција. Значи луѓе тргнале, сакале, сакаат да живеат во Лондон или Манчестер и заради политички игри се враќаат и присилно се носат тука да живеат. Така што за нив самите бегалци ова е проблематичен аспект. Од друга страна за мене е проблематично што се тргува со луѓето како да се некаква стока што треба да се разменува за некакви кредити и во таа смисла е многу проблематично. И конечно, проблемот на масовната имиграција е проблем на западните земји коишто самите си го направија и сега сакаат да го решат и да го претурат кај другите земји. Ние ниту сме избрале миграција, ниту пак имаме капацитет. Нашите институции немаат капацитет ниту за нас да обезбедат еден квалитетен живот“, изјави за магазинот „Трилинг“, универзитетскиот професор Јордан Шишовски за тоа како гледа на повремените најави за можно отворање на бегалски кампови, имајќи предвид дека Македонија на неколку наврати има искуство со прием на азиланти.

Запрашан зошто доминира политичката лојалност и клиентелизмот наместо систем на нови демократски стандарди, Шишовски вели дека ние е наоѓаме во систем на нестабилност.

„За жал, ние 30 години не успеавме да изградиме соодветно владеење на правото. И кога имате систем на безвредности, значи систем во кој правилата важат само за послабите, а за оние што се поврзани не важат правилата, тогаш имаме систем на нееднаквост и тогаш луѓето се ставени во некаква примарна состојба, во состојба на борба за голиот живот, во којашто тие се борат да дојдат до ресурсите или да си ги задржат ресурсите преку познанства, и за жал преку лојалност кон оној што го обезбедува лебот. Тоа создава еден систем на клиентелизам и на антидемократски вредности“, смета Шишовски.

Фото: Трилинг / проф. Јордан Шишовски

Говорејќи за тоа дали на политичарите во преден план им е иднината и интересот на државата и граѓаните или личниот интерес, професорот Шишовски вели дека за жал овој систем за кој што зборуваме е системски.

„Значи не станува збор дека политичарите се некои странци. Ние не робуваме некому од надвор. Политичарите се нашите соседи, комшии, и не станува само збор за политичари. Станува збор за директори во јавни институции, за вработени во јавни институции. Тоа се наши соседи, комшии, пријатели. Сите учествуваме во јавниот живот. Секој пат кога ќе му пресечеме некому пат на улица, кога ќе се пикнеме „само да прашам“ преку ред ние го кршиме системот. Значи системот не е нешто што е далеку, што е од другата страна, ние сме самите системот. Ако ние не се почитуваме едни со други, ако ние не работиме дослојно на нашите работни места како добри работници во нашата работа, тогаш системот ќе почне д се распаѓа. Во античката демократија имаме „идиотес“ и „политес“. Идиотес се луѓе коишто се занимаваат со својот интерес на сметка на јавното добро, политес се луѓе што се занимаваат со јавното добро. Во моментот кога ние се обидуваме за еден квадрат да ја зголемиме нашата куќа на сметка на соседот, на сметка на зеленилото, ние спаѓаме во оваа прва категорија на луѓе коишто го рушат системот“, смета Шишовски.

Говорејќи за состојбите во Скопје и најверојатно новиот градоначалник, и дали по Данела се ќе биде исто само без на, професор Шишовски вели дека Арсовска како праг за споредба не е многу висок, посебно овие 30 години.

„Не би ја лоцирал одговорноста во една личност, која што секако се покажа како крајно неспособна. Попрво би ја лоцирал одговорноста во цела серија на луѓе коишто имаат амбиција која не оди подалеку од нивниот личен интерес. Данела не го чисти ѓубрето. Постојат директори на јавни претпријатија коишто она ги поставува, директори на културни институции коишто она ги поставува, а чијашто што сама нивна амбиција не оди подалеку од личните интереси и фотелји.

-Ако ги гледаме историите на градовите после Втората светска војна, на пример Лондон и Берлин, тие биле фавели посебно на почетокот на индустријализацијата. Скоро во ниеден случај не гледаме спасител којшто доаѓа и ги решава сите проблеми. Секогаш гледаме будење, јавна свест, граѓаните се будат и почнуваат да се бунтуваат“, вели Шишовски.

Прашан зошто за овие четири години дозволивме главниот град да ни биде во колапс и дали Скопје прерасна во голема депонија, професорот вели дека највидливиот аспект е со ѓубрето за кое се пишува и зборува.

„Но јас би сакал да зборувам за друг аспект на ѓубрето. Ѓубрето не е само она ѓубре што го фрламе, ѓубрето може да биде визуелното ѓубре, рекламите. Излегувате во град и насекаде гледате реклами со вулгарности и се и сешто, светкање и тн. Под ѓубре можеме да говориме и за звучна загаденост, на свирежи, на гласна музика и тн. И под ѓубре може, за жал, еве и како архитект морам да кажам нешто, дека и како архитекти, архитектите создаваат архитектонско ѓубре. Гледаме нови згради кои повеќе личат на затвори отколку на вистински згради. Јас ја нарекувам таа Minecraft архитектура, со неколку квадратчиња, со евтини пластични прозорчиња, исполнети со цевки и кабли од сите страни, негрижа за зеленилото, и тоа е ѓубре. Турбо-фолкот е исто така ѓубре. Така што ова зависи од градските власти, пред сѐ од ГУП-от и ДУП-от, меѓутоа тие не ги прави некој таму, туку самите граѓани. Врз основа на своето право на град имаат право да влезат во институциите и да бараат подобар урбанистички план“, вели професор Шишовски.

Фото: Трилинг / Елена Трајковиќ

Елена Трајковиќ е софистициран Microsoft тренер во Семос Едукација. Таа веќе ги инспирира студентите и професионалците со својот свеж пристап и исклучителна енергија. Дипломирала на ФИНКИ, насока компјутерски науки и инженерство. Учествувала во развој и имплементација на интерни решенија за компании, за што е наградена со две признанија за иновативност. Важи за една од најинспиративните предавачи во областа на IT дата анализа и вештачка интелигенција. Нејзината професионалност, зрелост и јасниот начин на објаснување и овозможија да одржува обуки на голем број компании.

Целото издание на магазинот „Трилинг погледнете го во видеото.