
„Заедничкиот концерт со Бајага беше идеја на ‘Авалон’. Ние договаравме за мој концерт, они договарале концерт со Бајага, и дошле на идеја дека не би било лошо да се спојат тие два програми во едно и на луѓето за карта за еден концерт да им се дадат два. За мене тоа беше многу племенита идеја. Во ова време кога се е само земај, земај, некој да даде двојно за цената на чинење на еден концерт за мене е одлична идеја. Во секој случај публиката профитира“, изјави во „Трилинг“ пејачот и композитор Владо Јаневски.

„Јас не мислам дека нашата публика се оптеретува многу со нас. Нашата професија е многу специфична и публиката не не мисли многу на дневна база. Има добри и лоши страни. Без премногу филозофски расположен, јас мислам дека публиката си го тера својот секојдневен живот. Ако земеме еден просечен граѓанин, тој животот си го тера со своите дневни проблеми, главоболки, кредити, здравствени проблеми, со децата во школо… Значи денот на обичниот човек е преполн со прагматични, практични проблеми што треба да се решат. И во тоа едно дневно лудило на социјално општење, во смисол на преживување обезбедување што подобро за фамилијата, за себе една сигурност, за децата, за домот, малку кој размислува за музика, уметност, филмови. Денот примарно е со преживување, со егзистенција, создавање.
-Но доаѓаат периоди во секој од тие луѓе каде што одеднаш се случуваат екстремно тажни ситуации и екстремно среќни ситуации. На пример, тој човек којшто е опседнат со дневната борба за својот опстанок и на своето семејство, му доаѓа период кога му умира некој драг, кога му се случуваат лоши работи, кога му е тешко, кога му фали некоја личност, кога е потресен од се, тогаш му треба околу себе да најде некое решение за тоа прашање. На работното место платата, егзистенцијата се една тема, но кога животот ќе нанесе вакви ситуации – трагични, тешки, болни, човекот се врти околу себе да види дали тоа што тој го чувствува, таа беља и јад, дали некој друг болува од тоа. И тука доаѓаме ние. Исто и со среќните моменти. Кога човек ќе се заљуби, па срцето ќе му пукне од убавина и е среќен што се држи за рака – во таквите моменти доаѓаме ние. Од маргина се ставаме во фокусот, затоа што во такви ситуации луѓето се сецнуваат и се вртат наоколу и викаат „чекај чекај, дали ова што јас го чувствувам е ненормално или има уште некој. Тогаш доаѓа поезијата во музиката, љубовните текстови, каде што луѓето наоѓаат потврда дека не се сами на овој свет и така им е полесно.

Прашан зошто чаирскиот сокак, односно зошто ја продал куќата во Чаир и се одлучил пред пет години да се пресели во Гевгелија, Јаневски вели дека Гевгелија многу во склоп со неговите сегашни потреби.
„Не велам некогашни потреби. Пред 15 -20 години мојата тогашна дефиниција за среќа беше – што поголема журка, што поголема забава, што повеќе девојки. Но како што оди времето и работата на себе и оваа нова среќа за која што сега говорам се состои токму во спротивното од порано.
-Во Гевгелија немам никакви ритуали. Нема ништо во Гевгелија. Јас ја одбрав Гевгелија затоа што знаев дека ќе ми годи што не знам никого, што не се случува ништо и што тоа ќе ми остави 24 часа само за мене. Тоа е несфатливо за некои луѓе и затоа избегнувам да разговарам на таа тема, бидејќи се коси со нормалното сфаќање. Но јас секогаш сум бил чудак на некој свој начин. Мојата формула за среќа јас не ја наметнувам никому. Јас не гледам ништо лошо во тоа што мојата формула за среќа не се поклопуваа со туѓата. И затоа Гевгелија ја одбрав. Не познавав никого, немав никакви блиски пријатели, немав ништо во тој свет, но денот е мој и тоа ми е најголемото богатство што го имам, И кога сум газда на сопствениот ден…тоа за мене е неописливо богатство“, вели Јаневски.
Осврнувајќи се на периодот после неговиот настап на Евровизија во 1998-та година, и двете години каде што нема ни трага ни глас од него, како и изјавата дека после смртта на Тоше Проески не сака да настапува надвор Македонија, Јаневски вели дека после Евровизија имало големи превирања.
„Тоше се појави ’98-ма и јас со него добив нова надеж дека сепак е можно нешто. Но оној момент кога сфатив дека мојата сопствена земја ме плука и ме оцрнува за тоа што сум имал лош пласман на Евровизија бев затекнат со реакцијата на луѓето. Јас бев пресреќен на Евровизија. Тие три минути прв пат на таа сцена се пее на македонски јазик. 150 милиони одеднаш слушаат како македонскиот јазик звучи, како Македонецот изгледа. И мислев дека тоа е супер промоција на државата и на себе. Кога сфатив дека толку многу плукање ме начека во Македонија, реков ова мора да поминат две години за да изветрее. Бидејќи мене не ми паѓаше на памет да објаснувам. Значи имав избор – или ќе се впуштев во одење наоколу и објаснување на сите, сфатив дека е илузорно и губење на време да им објаснувам на луѓето дека јас сум имал супер настап, дека песната била одлична и дека поените коишто водат до пласман е друга приказна“, вели Јаневски.

„Некаде крајот на јануари, почетокот на февруари, тие неколку дена кога границите на сите земји од Западен Балкан беа блокирани, ние како компании имавме големи штети. Како прво тој протест, односно тоа затворање на границите, од страна на нашите не беше прифатено како виша сила, што значи дека обврските за ние да ги доставиме нашите производи кон клиентите во Европа останаа на нас, и заради тоа имаше многу специјални транспорти, авионски транспорти, кои беа организирани за странските компании овдека да не го застанат производството на БМВ, на Мерцедес, на Фолксваген и многу други производители во Европа. Штетите, зависно од компанија, беа во стотици илјади евра, а за некои сигурно надминаа и над милион евра, бидејќи зависи од волуменот на производот.
-Ќе ви кажам еден пример, во автомобилската индустрија во Македонија, Србија и БиХ, околу 110.000 луѓе работат во т.н ТИР1 или ТИР2, добавувачи од таа индустрија. А доколку ова се повтори или потрае малку подолго од претходниот пат, можам со сигурност да кажам дека влијанието на европската економија, на сите оние локации каде што се произведуваат автомобили, без разлика дали е тоа Западна или Источна Европа, ќе бидат многу поголеми отколку она што се случи на почетокот на украинската криза или пак кога беше блокиран Суетскиот канал. И затоа треба да се изнајде некое прагматично решение кое ќе ги задоволи сите оние безбедносни очекувања и ризици кои Брисел ги гледа, но истовремено и економски, бидејќи претежно овие компании кои се наши клиенти се лоцирани во ЕУ“, изјави за „Трилинг“, претседателот на Советот за странски инвестиции и директор на странска компанија, Виктор Мизо, говорејќи за последиците од топло-ладно политиката на Брисел во однос на транспортот со суровините.

Осврнувајќи се на тоа зошто за девет месеци минатата година има драстичен пад на странските инвестиции, односно за четири пати помалку во однос на 2024-та и на што се должи ваквиот негативен тренд, Мизо вели дека има неколку фактори.
„Прво, за вредноста на инвестициите во 2024-та треба да се направи една анализа и структура. Голем дел на тие инвестиции – рекордни, над 1,2 милијарди инвестиции, не беа само реални инвестиции, туку беа и меѓукомпаниски заеми кои на еден или друг начин беа вратени од сестринските компании кон некои од компаниите тука во Македонија пред сѐ една компанија. Така што тие финансиски движења статистички влегоа како странски инвестиции. Минатата година намалени се инвестициите.
-Ние како Совет за странски инвеститори активно не сме вклучени во тој процес на привлекување на инвестиции. За нас е многу поважно какви се, каква е бизнис климата, условите за водење бизнис или за потенцијално реинвестирање. Но можам да кажам дека во еден подолг временски период на еден или друг начин, мислам дека државата не се фокусира толку во привлекување на странски инвестиции како во некој изминат период. Може да видиме дека голем број на конкурентски земји од регионот, но се повеќе и од Северна Африка се многу проактивни во процесот на привлекување на странски инвестиции, но сепак имаме реинвестирање на постоечки компании“.

Осврнувајќи се на податокот дека странски компании си заминуваат од државата и дали власта се обидува да ја релативизира работата велејќи дека иако едни си заминуваат а други ќе дојдат, и колку таквите потези на странските инвеститори се индикатор за деловната клима дома, Мизо вели дека е лошо за било која држава кога има повлекување на странски инвеститор, без разлика на причините и секогаш треба активно да се работи.
„Според мене целиот оној процес на услуги кои се дават кон компаниите, не само странски, туку и домашни, е на кој начин институциите на државата се проактивни во директно барање од компаниите – дали е нешто потребно, што и на кој начин може бизнис климата, условите за работа да се подобрат, да се намали нивото на бирократизација, за тие да се осеќаат дека се добредојдени тука. Потребно е да се има средби со менаџерските тимови на тие компании. Не на локално ниво, туку на европско и глобално ниво. На тој начин како држава вие давате еден сигнал дека овие компании се не само добредојдени, но многу важни за локалната економија, и ќе им се отвори можноста на лице место да ги кажат некои од нивните потреби, забелешки, индикации како некои работи да се подобрат. На тој начин мислам дека ќе успееме не само да задржиме повеќе компании, туку и да ги стимулираме тие да реинвестираат“, вели Мизо.

Околу тоа дека за прв пат по 12 години, минатата година доцнеше исплатата на државна помош во однос на странските инвеститори во државата и дали е исплатена во целост сумата во однос на долговите и за колкава сума станува збор, Мизо вели дека тоа било кажано од еден инвеститор пред крајот на минатата година, дека има доцнење во исплата, пред сѐ од една институција.
„Она што беше потоа објаснето е дека не било транспарентно дефинирано дали или не треба да се врши исплата за време на локалните избори. Коментарот на инвеститорот, но мислам и на голем број на инвеститорите кои се присутни долго време, е дека низ целиот овој изминат период имало многу изборни циклуси, но сепак овие договори се повеќегодишни договори и обврски кои се преземени од страна на државата. И мислам дека тука треба да се изнајде едно правилно толкување, бидејќи е малку чудно дека во 11 ипол години претходно ова можело, а сега одеднаш не може. Обично има лимит на годишно ниво на исплата на траншите“, смета Мизо.

„Во рамки на Универзитетот се води дебата. На факултетите им беше пратен нацрт законот за високото образование. Се направија специјални работни групи во кои учествуваат буквално сите професори. Секој факултет дава забелешки. Тие забелешки се сумираат за да не се повторуваат. Во текот на наредната недела ќе имаме јавна расправа најпрво со Министерството за образование, потоа имаме Сенат на којшто ќе се сумираат сите забелешки и во одредена форма ќе бидат дадени во Министерството.
-Како и сите други закони, посебно овој сензитивен закон, секогаш имате повеќе мислења. Едни го поздравуваат, други сметаат дека не е соодветно решение. Генерално за мене е важно што, барем на нашиот Универзитет, се прифаќа потребата за донесување на нови законски решенија кои ќе овозможат малку појасна регулатива и ќе го насочат високото образование повеќе кон развој и ориентирано кон општеството, односно реалните услови околу нас. За жал дискусиите најчесто се сведуваат околу изборите во научно-наставни звања, бидејќи тие најчесто ги засегаат луѓето. Структурата на вработените кај нас е таква да имаме многу повисок процент на редовни професори, односно доживотни звања, така што секој гледа од свој аспект. Јадрото од дискусиите кои до сега се искристализираа не се негативни за воведување на соодветни услови, такви какви што има и во другите држави, за да избере квалитетен научно-наставен кадар и за навистина да се овозможи правилна селекција на идните колеги, професори и тн.“, изјави во „Трилинг“, Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“, говорејќи околу предлог законот за високото образование.

Прашан колку се издржани тврдењата на дел од колегите, дека со овој предлог закон всушност се прави упад во автономијата на универзитетите, Мираковски вели дека тоа е стара тема и долго се дискутира.
„Државата и јавна сфера во крајна инстанца ги финансира универзитетите и треба да знае што добива за тие финансии. Таа дискусија е прилично присутна во последно време насекаде во светот. Од друга страна мора да ја задржиме академската слобода, универзитетите да останат центар на слободна мисла, критичко размислување, така што навистина треба да се направи добар баланс за да се задржи таа културна, таа научна автономија, слободната мисла, критичкото размислување да останат јадрото на функционирање на универзитетите, а од друга страна да ги направиме јавните универзитети и потранспарентни и поотворени“, смета Мираковски.
Осврнувајќи се на самостојноста на универзитетите наспроти финансиската зависност од државата и првата теза во одбрана на новиот закон е дека државата, владата дава пари и треба да се знае како и за што се трошат средствата, а од друга страна пак има забелешка дека сепак со ова на некој начин се става капа врз автономијата, односно слободата на професорите и генерално врз факултетите, Мираковски вели дека како универзитети треба да бидат поотворени и потранспарентни, но и мора да се задржи високиот степен на слободна мисла на професорите и општо на целата академска средина, за да можат да се изразат и критичките мислења и начинот на којшто секоја прогресивна мисла функционира.

Околу тоа дали со овие законски решенија се отвора пат кон непотизам и централизација на моќта, особено од страна на извршната власт, Мираковски вели дека и до сега универзитетите се зависни од финансирањето на државата.
„Веројатно поефикасно би било со подолгорочни буџети на финансирање, појасна политика. Сега тука има и одредени работи кои до сега ги немаше, можност за ангажирање на млади соработници како соработници на проекти и тн., директно финансирање од универзитетите или од проекти, што до сега како можност беше многу нејасна или многу тешко изводлива. Во моментов ги немам фактите околу можното директно учество, влијание на државата врз управувањето на универзитетите, коешто и до сега не беше случај. Значи универзитетите се самостојни во донесувањето на одлуките поврзани со академските работи и тн. Но финансиите, јавните универзитети мора да ги почитуваат и ги почитуваат. Имаат целосна следливост, бидејќи државата е финансиер во голема мера. Дури и приходите кои ние ги викаме сопствени приходи, приходи од проекти, апликации и слично, дури и тие се дел од системот кое што е во рамки на трезорското работење. Така што тоа и до сега беше фактичка состојба. Како е регулирано сега не знам“, вели Мираковски.
Најновото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото