(Видео) Во Трилинг за ЕУ, јазикот, блокадите, (не)реформите, изборите…

Во новото издание на Трилинг соговорници се Ненад Марковиќ универзитетски професор, академик Марјан Марковиќ, Марко Кртолица универзитетски професор и Симонида Кацарска од Институтот за европски политики.

Во новото издание на Трилинг соговорници се Ненад Марковиќ универзитетски професор, академик Марјан Марковиќ, Марко Кртолица универзитетски професор и Симонида Кацарска од Институтот за европски политики.

„Дека западните земји имаат изгубено интерес за Балканот е прилично јасно. Тоа не е нешто ново. Но тоа не е така страшно бидејќи процесот е трасиран. Ние треба да го изодиме. Нема да го изодиме“, вели за „Трилинг“ универзитетскиот професор од Правниот факултет Ненад Марковиќ.

Фото: Трилинг / Ненад Марковиќ

За тоа кога бугарскиот претседател Радев вели дека во неговиот речник не постои зборот отстапки и колку ваквиот став допира до македонските власти или до кога ќе се надеваме дека сепак во официјална Софија ќе преовладува разумот и дека ќе се направи некаков исчекор во кој би се дошло до ситуација на Вин – Вин позиција, Марковиќ смета дека се додека предоминантно луѓе како Радев ја водат Бугарија не треба да се очекува никаков напредок.

„Јас ако нешто не сакам да правам тоа е да давам некакви лажни надежи на јавноста независно дали тоа ме прави популарен или непопуларен, дали луѓето ме мразат заради тоа или ме сакаат. Јас очекувам нула отстапки од Бугарија и не само кога е Радев. И да се малку поумерени политички сили ќе постапат на истиот начин – само ќе не упатат на преговарачката рамка е веќе дефинирана и која за нас е неприфатлива врз база на која не можеме да преземеме политички чекори затоа што јавноста очекува сосема поинаков тип на акција а тоа е непреземање на таков чекор, односно не правење на таков компромис. Јасно е дека Радев припаѓа на онаа најантимакедонстичка струја во бугарската Влада без конкуренција. Он е дел од од една политичка структура која веројатно најрадикално сака да се спротивстави не само на Република Македонија туку генерално на македонизмот, што не ги прави другите политички сили поумерени. Дури најумерените имаат горе-доле ист став. Тоа нас не не амнестира од обврската да си го решиме проблемот затоа што ќе западнеме во истата заблуда во која бевме со Грција, дека времето работи за нас, дека ќе дојде некоја подобра влада и слично“.

Според Марковиќ стагнацијата на евроинтегративниот пат би значело истото она што се случуваше во десет години владеење на Груевски.

„Ќе биде реприза на сосема истото. Не очекувам нешто поразлично да се случи. Ќе изгубиме десет години. На крај ќе дојде некоја влада која ќе сфати дека мора некако да го реши проблемот. Ако тоа решение не биде уште порадикално и полошо од ова што сега го имаме, времето не работи за нас во таа смисла и ќе се случи тоа што се случуваше во периодот 2006-2016-та. Јас мислам дека имаме една комплетна реприза на целата таа епизода, само со нов билатерален проблем, кој по мене е дури можеби поосетлив од прашањето на географската одредница на државата и решавањето на проблемот со името, затоа што задира не некои уште почувствителни делови на македонскиот идентитет и задира многу непринципиелно. Но затоа велам, колку и да е болно и тоа да е еден непријатен процес кој нам ни предизвикува една нелагодност и страшни фрустрации, не не амнестира од фактот дека мораме да го решиме, мора да стиснеме заби и да најдеме начин некако да го надминеме. Отстапки од Бугарија не очекувам, отстапки од наша страна нема да има, така што овој статус кво ќе биде една подолгорочна ситуација во која нема да дојде до некое решение. Ако после локалните избори не се преземе нешто мислам дека возот ќе замине. Ќе ги гледаме другите држави како полека напредуваат. По сите индикации тоа ќе бидат Албанија и Црна Гора.

Фото: Трилинг / Ненад Марковиќ

-После изјавата на Мицкоски дека „во државата нема веќе место за врски, непотизам и заштита од одговорност. силата на државата не се мери со привилегиите на поединци, туку со тоа дали правдата стигнува и до најмоќните“, во истиот ден на неговиот коалициски партнер му се откри една прилично голема и скапа афера, така што го демантираше инстантно. Како изјава сето тоа е легитимно, но тоа ќе треба да се покаже на дело. Декларативниот дел на политички изјави апсолутно го игнорирам, мене треба некој тоа да ми го покаже реално време, да видиме колку актуелни функционери и политичари ќе отидат во затвор, бидејќи овие од бившата власт да ги затворате е многу лесно. Почна нешто со Рашковски, со Зеќири во минатата власт и тоа беше прилично недоволно, беше еден мал опсег кој со промените во Кривичниот законик заврши катастрофално. Така што да видиме кој модалитет сега ќе биде избран за амнестија на потенцијалните криминали на оваа политичка гарнитура, вели Марковиќ.

За комотноста на власта поради парламентарното мнозинство и дали превирањата во ВЛЕН се дополнителен товар создавајќи политички тензии внатре во коалицијата, проф. Марковиќ вели дека тоа е прилично лошо заради тоа што евидентно е дека се нема стабилен партнер од другата страна кај Албанците или ќе имате партнер кој може со време да стане репрезент на многу мал дел од гласовите на Албанците.

„Ќе видиме како ситуацијата ќе се развива. На локалните избори нема да бидат толку релевантни бројот на градоначалничките места, затоа што на многу места ВМРО-ДПМНЕ веројатно ќе помага на ВЛЕН со своите гласови, нешто што често му беше замерано на Пендаровски како со албански гласови станал претседател. Сега да видиме колку луѓе на ВЛЕН со македонски гласови ќе станат градоначалници. На советничките листи веројатно ќе биде порелевантно што ќе се случува. Ако тука има огромна дискрепанца помеѓу ВЛЕН и според мојата претпоставка АА и ДУИ одат заедно или ДУИ на некои места ќе ја поддржи Алијанса, тогаш Владата ќе има голем проблем со претставувањето на Албанците во владиниот состав.

-По се изгледа Таравари ќе мора да замине. Сите сигнали укажуваат на тоа, затоа што ВЛЕН нема да покаже голема трпеливост кон структура која соработува со ДУИ и пораката е јасно. Во даден момент ќе се искристализира таа слика или – или. Во овој момент тешка е позицијата на Мицкоски да ги избалансира интересите од една страна на Таравари, од друга страна на ВЛЕН затоа што тие се чинат непомирливи. Во таа смисла веројатно Таравари ќе мора д аго напушти ресорот и Владата, а понатаму како ќе настапува е прашање на политичка проценка – со ДУИ, без ДУИ, сами. Иако негов соло настап не знам што би значел. Би се изгубил помеѓу ВЛЕН и ДУИ. ВЛЕН ќе има сесрдна помош од ВМРО-ДПМНЕ и нивните гласачи. ДУИ веројатно е убеден дека е доволно силен на терен за да истрча. Гледаме дека дури и парламентарни избори бараат од ДУИ и се убедени дека добро би поминале во ваква ситуација особено што сега успеаја да направат маневар на привлекување на Таравари на своја страна. Затоа сметам дека Таравари ќе мора да напушти да се определи за некаква коалиција со ДУИ што од друга страна го става Села во една прилично непријатна позиција и да видиме каков ќе биде неговиот одговор. Првите реакции не беа многу позитивни. Веројатно Таравари реши да се евакуира од Влада која нема намера да направи нешто со прашањето со Бугарите во Уставот и со преговарачката рамка, вели проф. Марковиќ.

Фото: Трилинг / Марјан Марковиќ

-Стандардниот македонски јазик признаен во ООН, во сите меѓународни комисии воопшто, не може да биде предмет на никаква дебата, не верувам ни на загрозеност. Може да се јавуваат, како што сме сведоци, обиди за негирање дури и на нешто такво што е признаено, но тоа се јалови обиди. Битката за прифаќање на стандардниот македонски јазик во сите меѓународни тела и политички и научни завршила одамна во 20 век. Да немал моќ или да ги немал сите оние елементи што го прават јазик не би успеал да биде прифатен и признаен во сите тие тела, оценува академик Марковиќ.

-Да појаснам. Во меѓународниот славистички комитет, врвно тело во однос на славистиката, има околу 38 комисии, за граматички систем, за атласи каде што сум вклучен, за општословенскиот лингвистички атлас, за фонетика, за сите сегменти од јазикот и многу повеќе, во најголем дел од тие комисии има и македонски претставници, што значи дека македонскиот јазик во меѓународните институции е рамноправен со сите други јазици. Ако некому не му се допаѓа тоа е индивидуално. Никогаш не било доведено под прашање рамноправноста и самостојноста на македонскиот јазик во меѓународната научна средина.

-Но стравувањата се оправдани во однос на тоа што надвор од границите на државата јазичните права се снижени дури и поништени. Дури и во однос на научните истражувања мене лично не ми е лесно во Грција да вршам истражување на македонските дијалекти. Морам да го правам тоа на многу посуптилен начин.

-Стандардниот македонски јазик си е државен, официјален и верувам дека таа размена со сите соседи и со Бугарија, гледам и во Грција има преводи, би требало да се одвива на цивилизиран и нормален начин, вели Марковиќ.

Фото: Трилинг / Марјан Марковиќ

За тоа дали постои опасност од дерогирање на македонскиот јазик преку на пример рамноправност со албанскиот јазик, Марковиќ вели дека употребата на албанскиот јазик на одредени нивоа е веќе етаблирано, но нивото на македонскиот јазик би требало да биде на највисокото државно ниво и од него да излегуваат сите понатамошни јазични права.

„Далеку од тоа дека треба да се оспорат нечии јазични права“, вели Марковиќ.

На прашањето дали свесно ги одбегнуваме говорот на нашите егејци, пиринци или на Македонците од Преспа, академикот потсети дека претседателот на МАНУ спомнал такво нешто, неколку извадоци од текстот на Конески, каде што се вели дека еден од главните принципи на македонскиот јазик да продолжи да се темели на македонските народни говори.

„Тоа е една фасцинантна работа за мене од јазичен, од дијалектен, лингвистички аспект дека македонскиот јазик е еден од ретките словенски јазици којшто го има тоа едно дијалектно богатство како една основа од којашто може да црпи и за збогатување, не само на лексиката туку воопшто на самата структура. Толку многу без норма, со над 60 посебни говори на целата јазична територија и дел од тие говори се вградени како основа на стандардниот македонски јазик, мислам дека тоа е едно огромно богатство кое треба да се користи. Јас сум против тој пуризам да се исфрлаат дијалектните зборови или други дијалектни елемнети од стандардниот македонски јазик. Напротив, тој треба да продолжи да се збогатува, вели Марковиќ.

Фото: Трилинг / Марко Кртолица

„Оние кои не ја познаваат историјата и сопственото минато се осудени грешките од минатото да ги повторат. Ако погледнеме ние уште во 2003 година на Самитот во Солун добивме јасно уверување дека сите земји од Западниот Балкан ќе станат еден ден дел од европското семејство. Но почнувајќи од 2005-та година па некаде до 2022 година гледаме дека тоа ветување бледнее некако, односно дека датумот кога тоа ќе стане реалност станува некако недофатлив. Практично по 2005-та година се се забележува еден процес каде самата ЕУ има определен замор и недоверба кон наредно проширување. Она што за нас е релевантно, во моментот кога ние и нема да бидеме примарниот фокус на ЕУ, кај нас реформите запираат и доживуваме определени назадувања во поглед на владеење на право, во поглед на човекови слободи и права, во поглед на параметри кои се битни за едно демократско општество. Како ЕУ во тој период реагирала кон ваквите состојби и кај нас и во другите држави на Западен Балкан, односно подемот на авторитарните тенденции? Прилично тивко. Ако погледнете во извештаите за напредокот на сите држави забележани се аномалии, меѓутоа се прилично технократски направени и би рекол дека недоволно е акцентирано дека државата не оди во вистинската насока.

-Така е многу интересно да погледнете како Македонија која низ неколку години добива препорака да ги започне преговорите, наеднаш во 2015-2016 година Македонија да биде етикетирана, да биде условена како грабната држава, заробена држава. И во тој период кога ќе земете, покрај тој технократски моментум го имате и моментумот дека дури и во периоди кога таквото назадување на демократските вредности е многу евидентно, политичари од страна на ЕУ беа присутни во земјите на Западен Балкан истакнувајќи дека добри реформи се спроведуваат“, вели Кртолица.

Фото: Трилинг / Марко Кртолица

За тоа дали имаме демократска култура и искрена спремност во исполнувањето на критериумите кои ни ги испорачуваат од Брисел или само се реализираат козметички решенија, Кртолица вели дека таквиот капаците ние треба да го стекнеме низ процесот на преговорите.

„Тоа што е многу важно, самото членство во ЕУ не треба да се гледа низ призма како членство, туку треба да се гледа низ призма како создавање на држава која сите параметри ќе ги исполнува. Во моментот кога ние ќе станеме дел од ЕУ сите проблеми веројатно нема да исчезнат, така што процесот на преговори е замислен сите овие моменти станат реалност низ процес на преговори и од некој вид на козметички станат суштински“, смета проф. Кртолица.

Фото: Трилинг / Симонида Кацарска

„Партизацијата е проблем со кој оваа држава се бори долго време. Всушност ако погледнеме наназад од перспективата од којашто јас работам, оној прв извештај на Прибе 2015-та, па потоа 2017-та година во голема мера повторен, велеше дека, а јас се сложувам со таа оценка, дека всушност државата во најголема мера е заробена од страна на политичките партии. Како резултат на тоа немате систем на МЕРИТ и вредност во институциите и тоа понатаму се прелеа во неодговорност, во немање отчетност помеѓу институциите и генерално чувството на негрижа во контекст на тоа што и како државните институции испорачуваат, изјави во „Трилинг“, Симонида Кацарска од Институтот за европски политики говорејќи за неажурноста, нефункционалноста, партизираноста на институциите имајќи предвид дека многу често добиваме пораки од Брисел дека мора да ги ослободиме институциите од бирократската неефикасност, партизираност.

За тоа дека често се слушаат критики дека не се прави одвојување на државата од и партијата а притоа зборуваме за потреба од ослободување на институциите од партиските стеги и дали тоа всушност е возможно, Кацарска вели дека тоа е поголема општествена промена која очигледно не сме ја постигнале.

„Кај нас тоа ослободување од партиите може да го видиме во контекст на напорите коишто се прават или се правеле во изминатиот период, пред сѐ на одредени промени, напори во однос на назначувањето на високи функционери во јавната администрација. За жал многу од тие измени кои ги дебатираме подолго време ниту се усвоени, ниту пак се прави поширока дебата на тоа каде се недостатоците во назначувањето на системот.

-На ист начин ја имаме и дискусијата во правосудството, во контекст на политичкото влијание врз судиите, така што веројатно веќе подолг период, од оваа наша, ако сѐ уште може да ја наречеме транзиција, се бавиме со лоцирање односно дијагностицирање на тој проблем на партизација, наместо со решавање на истиот.

Говорејќи за тоа колку гледа кај новата Влада интерес во делот на брзата интеграција на земјата во ЕУ, Кацарска вели дека е јасно дека „слонот во собата“, односно уставните измени во контекст на започнување на преговорите се една од големите пречки со коишто, иако имаше најави дека Владата во првите шест месеци ќе се бави, тоа не се случи.

Целото издание на магазинот „Трилинг“ погледнете го во видеото