
(Видео) Бужаровски: Социјалното раслојување е дел од отсуство на ефикасни политики за менаџирање и управување
„Но тука пред сѐ е улогата на државата и механизмите кои таа ги има на располагање, во даночната политика, но и во просторната политика, она што значи социјално раслојување во Македонија е дел од отсуството на ефикасни политики за менаџирање и управување со просторот, со регионалниот, со урбаниот развој. Тоа придонесува тие нееднаквости да растат, па дури и во рамите на еден град како Скопје. Имате големи делови од градот каде што условите за живеење се несоодветни, има деградација на животната средина, па имате и голема нееднаквост меѓу регионите во земјата. Концентрација во едни региони за разлика од други, така што државата има механизми и доколку има волја и капацитет може да ги спречи тие раслојувања, смета Бужаровски.
„Јас бев номиниран од Кралското географско друштво во Обединетото Кралство и сум многу благодарен за таа номинација. Основен критериум е не само оној академски ангажман туку ангажман во јавната сфера, политика во смисла на влијаење и ангажирање со темите кои ги засегаат граѓаните и тоа е она што секогаш ме водело. Јас не сум некој што сака само да истражува туку многу ми е битно да можам да бидам вклучен во градењето на јавните политики изјави во „Трилинг“ проф. д-р Стефан Бужаровски за тоа кои се предусловите, перформансите што еден научник од Македонија успеа да се стекне со титулата Академик во Академијата за општествени науки во Обединетото Кралство.
Говорејќи за тоа со каков предизвик ќе се соочи светот во наредниот период на социо-економски план, Бужаровски смета дека како тој како истражувач и активист во областа на животната средина, климатските промени се број еден проблем.
„Дури некој ми кажа и тоа е сосема точно, уживај во ова лето бидејќи ова ќе биде најстуденото во твојот живот. Нормално е да има варијации но во просек температурите растат вртоглаво и нашиот капацитет како општество, како јавна политика, како економија да се соочиме со овој горлив проблем е несоодветен. Страв ми е и жал за новите генерации кои доаѓаат, бидејќи им го оставаме овој свет со тој огромен проблем за којшто недоволно се ангажираме. Не го гледаме колку тоа тоа се случува, бидејќи се случува на релативно бавен начин, има екстреми – некаде поладно, некаде потопло, но не делуваме доволно. Сѐ уште се гори јаглен, сѐ уште испуштаме стакленички гасови, возилата што ги возиме се нафта. Тоа требаше да биде завршено веќе. Тоа е основниот проблем“, вели Бужаровски.
Околу предвидувањата дека во наредните 50 до 100 години во светот ќе дојде пад на населението и дали може да се спречи депопулализацијата на светско ниво, па и во Македонија, бидејќи одредени предвидувања се и дека во земјава ќе дојде до пад на бројот на населението, Бужаровски вели дека тоа веќе наголемо се случува.
„Во случајот со Македонија проблемот е и со миграцијата. Но мора да го гледаме 20-от век како еден чуден момент во историјата на населението, кога имаше демографска транзиција, поради која што дојде до нагло зголемување на населението од причина што се подобри животниот стандард, а наталитетот подоцна се намали. Тој процес на намалување на наталитетот на разни места во светот доаѓа полека. Во Европа и Северна Америка се случи, сега се случува и во Африка и во други делови каде животниот стандард подоцна се подобрува, така што 20-от век е аномалија. Ние ќе се вратиме на многу помал број на население како што и било во текот на историјата. Некои го користат терминот и „Втора демографска транзиција“. Онаа првата кога се зголеми, а сега поминуваме во втората на намалување.
-Причините се, пред сѐ намалувањето на наталитетот. Никој не сака да има повеќе од две деца и толку дали има. Тоа е од редица причини – културни, економски и тн. Морам да кажам дека морталитетот исто се намалува и луѓето живеат подолго. Значи сега имаме и стареење на населението и тоа ќе трае бидејќи се подобруваат здравствените услуги, но од друга страна се намалува наталитетот и тоа е една нова ситуација на која треба да се приспособиме.
-Имаме и тренд на иселување, а немаме тренд на вселување. Тоа е еден проблем. Тој тренд на иселување е многу рапиден, многу бргу паѓа населението и тоа значи изумирање на економскиот живот. Но може да научиме од други земји во Европа. На пример Полска успеа тој тренд да на иселување да го запрат последниве години. Сега имаат ремиграција на луѓето што се иселиле, но и емиграција на луѓе од други држави. Во контекстот за Македонија тоа е многу битно прашање. Значи како ќе се менаџира демографскиот елемент е апсолутно клучно во овој период. И самите знаете дека има страшен притисок врз пазарот на труд – компаниите веќе не можат да најдат работници“, вели Бужаровски.
Говорејќи за тоа дали има начин да се спречи трендот на социјално раслојување и јазот помеѓу богатите и сиромашните и перцепцијата дека средната класа исчезна, проф. Бужаровски вели дека генерално последните 20 години, на глобално ниво, социјалните нееднаквости растат, со тоа што општиот животен стандард се подобрува, но во рамките на тоа имаме растечки нееднаквости, посебно во некои држави вклучително и тука.
„Но тука пред сѐ е улогата на државата и механизмите кои таа ги има на располагање, во даночната политика, но и во просторната политика, она што значи социјално раслојување во Македонија е дел од отсуството на ефикасни политики за менаџирање и управување со просторот, со регионалниот, со урбаниот развој. Тоа придонесува тие нееднаквости да растат, па дури и во рамите на еден град како Скопје. Имате големи делови од градот каде што условите за живеење се несоодветни, има деградација на животната средина, па имате и голема нееднаквост меѓу регионите во земјата. Концентрација во едни региони за разлика од други, така што државата има механизми и доколку има волја и капацитет може да ги спречи тие раслојувања, смета Бужаровски.
Целиот разговор погледнете го во видеото.