(Видео) Бубо Каров: Живееме во лудо, незаборавно и идиотско време
„Има повеќе причини зошто ја нема К-15. Едната, што можеби би им била драга на некои што коментираа зошто ја нема емисијата е дека сме биле добри комичари, а лоши бизнисмени, што одма можам да кажам дека не е точно, а втората работа е што можеби ние самите направивме неколку потези за коишто, што уште ги правевме бевме свесни или имавме некоја дилема дали се баш исправни во тој момент“, рече за Трилинг, Љубчо Бубо Каров, мултимедијален уметник и добитник на наградата 11 Октомври, на прашањето Зошто повеќе од 10 години К-15 ја нема на телевизиите и дали на народот не им до смеа, или се нема инспирација.
„Глобално гледано, во демократските општества има простор за критика, за сатира. За цинизмот зависи од кој агол го гледаме и како го толкуваме. За мене цинизмот не е некоја многу позитивна категорија, иронијата е поблага форма. Значи има простор за иронија, критика, условно кажано да се исмејуваат некои негативни работи, но простор имало секогаш. Ако сега се вратиме назад и сега ги гледаме некои од скечевите што се работени пред 20 или 30 години, изгледаат како завчера да се снимани. Поголем доказ од тоа што времето изминало е 30 години било многу добро за нашата струка, за нашата работа, нема“, вели Каров.
„Нашево општество мислам дека се развиваше во погрешен правец. Мислам дека им овозможи на поединци, наместо придонесот што треба да го дадат во развојот на општеството, сите тие го насочуваа кон опстанокот или развојот на партиите во коишто делуваат, вели Каров и додава дека сето тоа направило мали херои од луѓе коишто никогаш во животот не очекувале повеќе од тоа да добијат гратис карта за фудбалска утакмица или за некој концерт.
„Одеднаш такви луѓе станаа битни, станаа големи фактори и тие такви луѓе не можат да поднесат кога ќе слушнат критика за себе или за нивната партија или за нивната „идеологија“. Тие такви луѓе почнаа да се претвораат во критизери и да бидам до крај објективен, не ни се случило никогаш некој лично да ни реагира, но како времето течеше, како годините одминуваа, почнав да слушам коментари кои не беа вообичаени на почетокот на појавувањето на К-15“.
За тоа дали постои притаен страв кај политичарите, од нивна реакција кога многу често ги критикуваме или им се исмејуваме, Каров вели дека сега постои.
„На времето мислам дека, што се однесува до К-15 и во мојата работа како сатиричар уште од времето на радиото, сметам дека на почетокот се гледаше со многу симпатии. Во Македонија има многу малку сатиричари, отсекогаш било така. Ако го тргнеме на страна „Остен“, во времето на Дарко Марковиќ и не само во негово време, или ако ги тргнеме „Хихирику“ како хумористично-сатирична емисија на Радио Скопје, ННРВ, Кавадерачка династија и К-15 како врв на медиумската сатира, мислам дека нема нешто позначајно што ја размрдувало јавноста. Значи ние сме, комотно можам да кажам, Друштво со пречки во развојот, изјави Каров.
Говорејќи за политиката и политичките сучувања во државава Каров смета дека ние сме излажани од Европа.
„На времето имав информации од прва рака. Ниту една мала земја не може да биде толку влијателна и така да се наметне, за да постави свои условии под нејзини услови да ги избутка до крај своите планови“, изјави за „Трилинг“, Каров и додаде дека им е потешко да си на власт, само на оние луѓе коишто одговорно сакаат да си ја завршат работата.
„Мислам дека многу згрешивме што уште на време на луѓето не им објаснивме дека работите не зависат од нас, туку партиите и политичарите сакајќи да ги набилдаат своите рејтинзи, мислам дека многу често го залажуваа народот“, додаде Каров.