(Видео) Бошков: Целата политика се заснова на онаа скриена корупција
- Живееме во џунгла од пазарна економија и несовесно и неетичко работење без смисол, но ние збориме за правилата на игра, а сите ние ги погрешивме токму тие правила, вели Бошков.
„Испративме многу пораки, имајќи предвид дека принципот на слободната пазарна економија треба секогаш да биде на прво место, вклучувајќи ги и човековите права и сите други слободи, а тоа значи дека слабата помош и недосетливост, наназад на сите влади, во врска со слободната пазарна економија, доведе до мешање во креирањето на цените и во начинот на работење на трговците, изјави за магазинот „Трилинг“, Миле Бошков, претседател на Бизнис Конфедерацијата на Македонија, за тоа колку бојкотот на маркетите може да има ефективни последици до трговците и власта.
„Целата оваа состојба, внатре во мене, е парадоксална бидејќи купувачите, потрошувачите, граѓаните на крај реагираат, наместо да ја користат Организацијата на потрошувачите или одредени лоби иницијативи.
-Од друга страна компаниите воопшто не покажаа, смисол за своето постоење. Водењето на бизнис, економијата, не е само правење на профит преку плеќите на работниците, изигрување на даночниот систем или пак состојбата на „само да прашам, да направам некоја комбинација“ и така ја користат оваа шанса, вели Бошков.
-Ние генерално водиме економија по системот на грабливци на џунглата, како предатори и оние кои треба коорпоративно, општествено одговорно, долготрајно да ги пренесат бизнисите од менаџментот на семејството, од управувачките капацитети, на останатите да го следат примерот, тие не оставаат квалитетен и позитивен пример. Особено се радуваме и учиме на коорпоративни компании кои имаат традиции, постојат 200 години и ние сме вчудоневидени како тие функционираат, не навлегувајќи во нивниот смисол на работење и живеење, дека тоа е благородна работа – се вработуваат луѓе, се нудат квалитетни производи, особено регулативата вели дека тие треба да бидат во добар состав, со добра содржина, доборо спакувани, обележани, читливи, со сите последици и придобивки од тие услуги, ние тоа со сила го правиме, не го правиме на начинот на кој одлучуваме, со чест на исклучоци, не одлучуваме дека граѓанинот и потрошувачот ни е пред сѐза да го имаме долготрајно во државата, смета Бошков.
Околу податокот дека пред две години клучните 10 маркети освариле приходи од околу 700 милиони евра и колку жедта за профит ги одржува маржите на високо ниво, Бошков вели дека овие податоци пред сѐ покажуваат дека тие се добро организирани и знаат да го искористат присуството на пазарот.
„Овие бројки покажуваат дека на некој начин дури и е зголемена потрошувачката моќ и квалитетот на производите. Од друга страна тие го апсорбираат целиот куповен пазар со нивната понуда и нивните досетливи маркетиншки кампањи и производи. Во меѓувреме учат, но за жал, нашата најголема болка е слабата конкуренција на пазарот и донекаде можно договарање на цените на пазарот за сите производи.
-Не препознавам спрега помеѓу власта, производителите и трговците. Комуницираат, власта треба да биде умна, бидејќи тие се најголемите плаќачи на данок, даночни обврзници и треба да најдат начин како ќе комуницираат, како да најдат канали за лобирање за одредени политики, а не сето тоа да се случува преку прес-конференции без претходни состаноци, без претходно договрање и без претходно осигурување на јавноста дека власта и компаниите и трговците, особено живеат од задоволството и од вкусовите дали се политички или економски од граѓаните, вели Бошков.
Говорејќи за апсурдноста во тоа власта која ги има механизмите да ги контролира цените се придружува кон бојкотот и се придружува кон ова незадоволство и револт на граѓаните, Бошков вели дека катастрофална грешка е власта да зема страна.
„Како што претходно овие компании, овие трговци се едни од најголемите плаќачи на данок, кои вработуваат многу луѓе. Замислете она што може да се случи во социјалниот дијалог, одреден број да ги затворат компаниите и работниците да не дојдат на работа, било тоа во фабриките, во трговски марки или поголеми ланци од трговијата. ВО тој случај имаме социјален проблем. Тогаш ќе треба да настапуваат синдикатите, адвокатите, работните спорови итн., затоа што сите ние во општеството имаме слобода на избор, но имаме и слобода на делување. Замислете го изборот на „Lockout“ (затворање).
-Но повторно ќе напоменам, живееме во џунгла од пазарна економија и несовесно и неетичко работење без смисол, но ние збориме за правилата на игра, а сите ние ги погрешивме токму тие правила“, вели Бошков.
Според првиот човек на Бизнис Конфедерацијата на Македонија, целата политика се заснова на онаа скриена корупција, дека секој некого има во одредени сегменти во управувањето и во фер донесувањето на одлуки, односно во практикувањето на правдата во економска пракса и затоа се земаат такви позиции на моќ за да се злоупотребуваат или да се повредуваат потрошувачите и клиентите.
Бошков вели дека само со храбри политики може да се подобри животниот стандард на граѓаните.
„Ако тоа значи дека ние ја имаме хипотетички власта и управуваме со неа и извршно делуваме, тогаш може за домашните производители да направиме, одредени повисоки царински давачки за производи од странство кои ги увезуваме. Да го поттикнеме македонското производство, да го поттикнеме географското потекло, да ги поттикнеме компаниите да ги подобрат своите начини на привлекување на потрошувачите, со квалите, со стандарди, но обучувајќи ги и информирајќи ги, а не казнувајќи ги. И на крајот, она што е пракса, а тоа е намалување на даноците, особено за производителите и што повеќе иновативни производи од домашно производство“, потенцира Бошков.
Ова е само дел од интервјуто со Миле Бошков, претседател на Бизнис Конфедерацијата на Македонија. Целиот разговор погледнете го во видеото.