
(Видео) Боцевски: Преговарачката рамка и Договорот за добрососедство се мртви!
🔴 Поранешниот вицепремиер за европски прашања Ивица Боцевски во интервју за магазинот „Трилинг“ вели дека резолуцијата на Европскиот парламент е разобличување на долгогодишните лаги за наводна заштита на македонскиот јазик и идентитет преку меѓународните договори. Според него, токму тие договори оставиле отворени врати за националистички напади врз македонската посебност.
„Ова е победа на вистината – се покажа дека Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство не го заштитиле македонскиот идентитет, туку го оставиле незаштитен и отворен за напади“. Со овие зборови Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за европски прашања, го оценува последниот извештај на Европскиот парламент. Во интервју за магазинот „Трилинг“, Боцевски децидно тврди дека преговарачката рамка со ЕУ е „мртва“, дека Бугарија не се противи на уставни формулации, туку на самото постоење на Македонците како народ, и дека целата епизода претставува пресвртница во европскиот пат на земјата – но не по заслуга на договорите, туку поради разобличување на вистината.
„Ова е победа за нас. Сѐ уште е победа. Ги извадивме работите на чистина. Победа е внатре во земјата, победа е и надвор од земјата. Победа е внатре во земјата затоа што се развеаја како магла сите оние тези дека наводно со Договорот за добрососедство, со Преспанскиот договор се „бетонирал“, се „цементирал“ македонскиот идентитет и јазик. Се виде дека стануваше збор за една голема лага која требаше да им се продаде на граѓаните на Македонија, а лага којашто ја знаеја оние коишто го склопуваа и Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, односно дека ништо во тие договори не гарантираше ниту македонски идентитет, ниту македонски јазик, туку ги остави да зјаат отворени, изјави во магазинот „Трилинг“ евроамбасадорот и поранешен вицепремиер за европски прашања Ивица Боцевски.
Говорејќи дали тоа значи дека преговарачката рамка со ЕУ, па и Договорот за добрососедство со Бугарија се мртви, Боцевски со дециден одговор: Да!
„Да. Во моментов се мртви – премртви. Повторно ќе кажам зошто е победа за Македонија – победа е зошто ја истеравме работата на чистина. Значи недоумици веќе нема. Бугарија нема проблем со некакви уставни дефиниции на Македонија, со некакви човекови права. Бугарија има само еден проблем – со постоењето на Македонците како засебен идентитет, со постењето на македонската нација, јазик и со начинот на којшто ние си ја толкуваме нашата национална историја, додава Боцевски.

На прашањето зошто во Европскиот парламент се отвори Пандорината кутија поврзана со македонскиот јазик и идентитет сега, а таков случај не беше минатата година, Боцевски смета дека Пандорината кутија е отворена од моментот кога Македонија прогласи независност.
„Пандорината кутија се отвори со Лисабонската декларација во ’92 година и зјае уште отворена и проширена. Значи во моментот кога Македонија се „испили“ како независна држава, а факт е дека Македонија е држава од 2 август 1944 година со комплетен континуитет во секој смисол“, значи како независна држава Македонија од Референдумот 8 септември потврден со Уставот 17 ноември 91 година и од првата секунда оваа земја наиде на противење. Нема противење околу начинот на кој е устроена, околу демократијата, човековите права. наиде на противење затоа што национализмите на Балканот, два национализми посебно, имаа проблем ја прифатат македонската посебност и сѐ уште го имаат. Грчкиот национализам и бугарскиот национализам. Начинот на кој е устроена грчката држава е дека таму имаме еден народ, една црква, јазик и тн. и нема простор за постоење на други малцинства, сем што договорно го признаваат турското малцинство и тоа во еден ограничен дел од нивната територија. Но имаат проблем со фактот дека на територијата на современа Грција со векови живее македонскиот народ. Бугарија исто така. Бугарија ја призна Македонија во 1991 година како втора бугарска држава на Балканот. Признавање на Бугарија беше само колку, според некоја нивна визија нели, Македонија да се откачи од Белград. Тоа се некои ситуации – ако гледаат како што не гледаат, српското влијание во Македонија директно престанува на 6 април 1941 година. Од тој момент па навака овде немаме непосредно српско влијание. Но во нивната глава што ние се дефинираме како Македонци значи некакво си српско влијание, некаков говор на омраза и тн. Значи од ’91 година овој проблем постои.
-Околу Договорот за добрососедство – катастрофалниот потег на Владата на Зоран Заев беше фактот што ја прифати бугарската верзија на овој Договор. МНР имаше една темелна анализа со години каде што се посочуваше кои се тие три, четири точки што се спорни во Договорот за добрососедство. Спорни затоа што ќе го предизвикаат ова што денеска го предизвикаа, вели Боцевски.
Говорејќи за реакцијата на Борисов – ќе им помогнеме на Македонците која доаѓа ден по Извештајот на ЕП, Боцевски смета дека тоа врвно лицемерие.
„Што ќе помогнат? Еве сега имаа шанса. Нели тврдеа дека не била работата околу спорењето за македонската нација, јазик, идентитет? Еве имаа шанси да помогнат. Можеше ова да помине во ЕП. Можеше тие, еве од неговата партија Андреј Ковачев да биде спонзор на резолуцијата. Зошто не го направија тоа. Ова е врвно лицемерие и срамота“, смета Боцевски.
За тоа дали понекогаш и со наши внатрешни постапки, реакции изјави иритираме некого, Боцевски смета дека никој не треба да биде изиритиран со изјавата „Јас сум Македонец и говорам македонски јазик“.
„Ова ги иритира. Што има иритантно во ова што го кажав? Ние живееме во земја каде секој може да се чувствува како што сака и да се изјаснува како што сака и имаме јазична политика која е пример. Македонското радио до скоро имаше програма на бугарски и на грчки јазик. Ете тоа кажува која Македонија и каква е Македонија. Има ли програма македонски јазик во Бугарија, во Грција, на било кој јавен сервис? Нема. Говорот на омраза во Бугарија е на телевизија. Сте виделе некој македонски министер за надворешни работи да не реагира кога се навредува било која земја од регионот во емисија? Сте виделе некој македонски министер за надворешни работи, премиер, претседател да навреди политичар од друга земја? Не сум видел. Да навреди друг народ, да оспори друг народ? Не сум видел. Кој сосед ние оспоруваме? Проблемот е кога има недостаток на добра волја од другата страна. Бугарија не приоѓа на ова прашање со добра волја. Бугарија приоѓа офанзивно и инванзивно кон ова“, вели Боцевски.
Целото интервју погледнете го во видеото.