
(ВИДЕО) Божиновски: Во Скопје победникот е речиси извесен – вистинската војна е кај албанските партии
➡Најинтересно на овие избори нема да биде битката за Скопје, туку ќе биде битката за Чаир, Тетово, Гостивар. Тука мислам дека ќе биде и изборниот фокус затоа што тука има премногу непознати во однос на тоа кој и како ја има поддршката од граѓаните. Битката за Чаир ќе биде битка лично за кариерите на Меџити и Османи. ➡Хипотетички гледано, доколку ВЛЕН победи во Тетово, а ДУИ во Гостивар, битката за Чаир ќе одлучи каква е перцепцијата за победник помеѓу етничкиот албански блок, смета Божиновски.
„Секогаш партијата којашто ќе победи на изборите си го носи тоа бреме на поддршка и доверба којашто ја имале гласачите и им овозможиле да дојдат на власт да покажат што, дали и како можат. Се разбира дека после извесен период на практикување на власт, не се или граѓаните не чувствуваат дека се исполнети нивните надежи тоа ќе резултира со намалување на поддршка. Но ова не е нешто што се случува за месец или два, потребно е од прилика половина од мандатот за една влада за да се види дали таа влада успешно се справува со оние проблеми поради коишто граѓаните и ја дале довербата“, изјави во магазинот „Трилинг“ политикологот Владимир Божиновски колку убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори може да биде товар за владејачкото мнозинство да се исполни ветеното.
Прашан колку актуелната владејачка гарнитура може да ја добие речиси истата бројка на гласови без разлика што сега станува збор за локални избори во услови кога за една година практикување на власта се случи трагедијата во Кочани, случајот со депониите и Трубарево, голем број на проектите не беа целосно реализирани а беа ветени, Божиновски вели дека секогаш се случуваат одредени настани коишто се надвор од она практикување на владеење, дали станува збор за одредени несреќи, дали станува збор за трагедии, дали станува збор за одредени проекти неисполнети или делумно исполнети.
„Она што граѓаните го ценат, или би го ценеле е на кој начин власта или оние кои се одговорни се справуваат со такви ситуации. Доколку они сметаат дека власта успешно се справува со тие предизвици тога они ќе продолжат да и ја даваат поддршката. Доколку не, таа поддршка ќе биде ускратена.
-Еве со примерот во Кочани. Реакцијата, онаа првична реакција на државата, не само од мој аспект туку од аспект на генералната јавност и експертската јавност, е дека првичната реакција на власта на она што се случи во Кочани беше добра. Тоа не значи дека владата има неограничена доверба на граѓаните во однос на овој случај, туку сега треба да видиме вториот чин како ќе се одвива а тоа е одговорност на оние кои имаат одредена вина во однос на таа кобна вечер кога загинаа над 60 лица, вели Божиновски.
Прашан за оценка околу практикувањето на власта на актуелната гарнитура, Божиновски вели дека она што и според истражувањата и според него лично беше најзначајна потреба за македонското општество однос на практикување на власта е справувањето со криминалот и корупцијата и дека некаде напролет ќе може да се направи еден пресек дали власта успева да се справува и дали се преземени некои чекори да се справи со корупцијата или не. Доколку е тоа случај они ќе ја задржат поддршката, но доколку тоа не е случај се разбира дека може да очекуваме да ја изгубат таа поддршка.
„Ако се сеќавате кога дојде минатата влада на СДСМ 2017 година, граѓаните до кај 2019-та и дадоа ‘фора’ на таа власт да покаже што знае и дали знае. Кога видоа дека ништо од оние ветувања посветени на криминалот и корупцијата не се исполнуваат многу бргу таа власт ја изгуби поддршката“, вели Божиновски.
Говорејќи за тоа тоа каков би можел да биде распоредот на силите на локално ниво и градот Скопје, Божиновски истакна дека многу е важно оној што што ќе биде прв татко на градот да доаѓа со претходно познавање на проблемите на општините, како во случајот со Коце Трајановски кој како успешен градоначалник на Гази баба, според многумина беше и најуспешен градоначалник на метрополата.
„Сега имаме слична ситуација каде што еден успешен градоначалник на една од скопските општини, во случајов Кисела вода, се кандидира да ја добие довербата на граѓаните на Скопје и најверојатно ќе биде идниот градоначалник доколку се суди според истражувањата кои ги спроведувавме. Значи на Скопје му треба градоначалник кој ги познава проблемите и кој може да се справи со истите. Она што за жал се покажа како лоша комбинација е доколку во Скопје дојде некој без претходно искуство со поддршка од одреден политичка партија. За жал тоа се случи во изминативе четири години“, смета Божиновски и додава дека локалните избори се еден добар лакмус тест на демократската партиципација на граѓаните.
„Колку повеќе луѓе се кандидираат, колку повеќе независни групи се кандидираат, толку може да очекуваме и зголемување на интересот на младата популација да биде дел од тој изборен процес“.
Божиновски не очекува сериозен судир и емоции во однос на битката помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од аспект дека, според него, разликата е премногу голема и на едните и на другите им е јасно кој ќе победи, но она што го очекува е исклучително тешка битка во т.н албански кампус каде ДУИ и ВЛЕН ќе се обидат да се претстават дека тие се партиите или коалициите на кои што етничките Албанци им ја даваат својата доверба.
„Најинтересно на овие избори нема да биде битката за Скопје, туку ќе биде битката за Чаир, Тетово, Гостивар. Тука мислам дека ќе биде и изборниот фокус затоа што тука има премногу непознати во однос на тоа кој и како ја има поддршката од граѓаните“, вели Божиновски и додава дека битката за Чаир ќе биде битка лично за кариерите на Меџити и Османи.
„Хипотетички гледано, доколку ВЛЕН победи во Тетово, а ДУИ во Гостивар, битката за Чаир ќе одлучи каква е перцепцијата за победник помеѓу етничкиот албански блок“, додава Божиновски.
Целото интервју погледнете го во видеото.