(Видео) Бела чума ја десеткува Македонија – дали земјата може да има недостаток од работна сила?

Населението старее, државата забрзано се празни, проекциите се дека до 2070 година македонското население може да се намали на 1.3 милиони жители.

2.500 образовани кадри годишно во просек ја напуштаат државата.

Бела чума ја десеткува Македонија.

Особено проблем е одливот на висококвалификувани млади кадри.

Дали може Македонија да има недостаток од работна сила, овој проблем почнува да тлее.

„Се иселуваат сите со ред, за жал. Ова е процес кој нема етнички граници. Младите луѓе немаат правна сигурност овде, сакаат за себе да има подобар здравствен систем. Сосема се реални проценките дека годишниот миграциски бран е 15.000 луѓе“ рече во Трилинг директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Поранешната директорка на ДЗС, д-р Благица Новковска која во јануари гостуваше во Трилинг рече дека „ако ни се иселуваат оние што се на студии, заминуваат и оние кои што се веќе со работно искуство. Тоа сигурно ќе направи поместување на пазарот на трудот. Ќе имаме многу поинаква слика на работоспособното население. Ако ги губите младите кога се уште се на студии, ако ги губите и професионалците, веќе ги губиме и оние кои се со занаети“.

„Треба да се има реална слика, колкава е поддршката на оние кои остануваат тука. Младите не бегаат, тие си одат. Треба да направиме добри услови за да останат тука“ вели Новковска.