(Видео) Ангеловски: Постои опасност да останеме без храна во маркетите
„Ние имаме земја каде што симболот на нашето знаме е сонцето. Во светот во овој момент ако во нешто се инвестира се обновливите извори на енергија. Ние наместо да развиваме квалитетно земјоделство, ние инвестираме во обновливи извори, ама на земјоделско земјиште за да останеме без храна. Таму каде што треба да инвестираме за сопствени потреби на домаќинствата, тоа не го правиме“, вели Ангеловски.
„ЕУ не дозволува земјоделското земјиште, кое треба да служи за производство на храна, на пример кочанско, штипско, битолско, пелагониско, во нашата најголема житница, да се случува масовно да се инсталираат фотоволтаични системи, а од друга страна да им забранувате на домаќинствата да инсталираат на нивните домови.
-На тој начин дополнително го упропастуваме земјоделското земјиште и сето ова доведува до еден логичен заклучок дека ако продолжиме со ова темпо да не не зачудува дека можеме да дојдеме во ситуација да останеме и без храна или од ден на ден количините на наша домашно произведена храна да се намалува.
-Истото се случува со виното. Количината на грозје од година во година се намалува, вели за „Трилинг“, претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангеловски, говорејќи околу податокот дека во последнава декада се одобрени неколку стотици милиони субвенции во аграрот, а притоа имаме над 65% необработливо земјиште како и една милијарда увоз на храна годишно.
Ангеловски додава и дека од страна на државата и од одредени државни функционери во изминатиот период, за жал, се мотивирало инсталација на обновливи извори на енергија на земјоделско земјиште.
Околу можна спрега помеѓу партиските врхушки и неконтролираните фармери и трговци, Ангеловски вели дека корупцијата и криминалот во нашата земја е на прилично високо ниво и најголема последица зошто ние економски не растеме веројатно се должи на таа спрега.
„Не очекувајте криминал од некој мал трговец. Криминалот и корупцијата се случуваат на највисоките позиции, каде вие имате можност со еден потпис, со едно климање на глава или со една едноставна одлука да се доделуваат тендери“, смета Ангеловски.
Најголемите болки во нашето економско живеење, според Ангеловски се бирократијата, спорите процедури и тенденциозно негативно толкување на законите.
„Некогаш се носат европски закони, текстот и преводот се европски, а примената е балканска или македонска, вклучително, ќе видиме како ќе биде и со Законот за нефер трговски практики. Таму има одреден круг на производи каде што треба да се елиминираат одредени бариери, треба да се толкува и веднаш се излезе со квази толкувања надвор од економската логика, но ние ги охрабруваме институциите да ги применуваат законите на најдобар можен европски начин.
Говорејќи за евентуалната спрега во криминалот помеѓу газда – извршна власт – судии, Ангеловски вели дека судството ни е на најниски можни граници.
„Коорпоративното искуство говори дека ако влезете во судските лавиринти ретко кога вие може да ја добиете таа загарантирана правда, да го одбраните капиталот. Така што тука дефинитивно ни треба длабока реформа. Држава без судство мислам дека е нешто нефункционално“, потенцира Ангеловски.
Околу тоа дали можеме како економија да стигнеме до раст од 3,7% и отплаќањето на надворешниот долг кој е релативно висок, првиот човек на ССМ вели дека се што гледаме како економски раст, а почнува на три, на два, на еден, е еднакво на нула.
„За македонскава економија такви стапки на раст воопшто немаат никакво влијание. 3% ништо не мораме да правиме, само да купуваме во маркетите ќе имаме толкав раст. За оваа економија се што е над четири, пет, шест, седум проценти ние ќе можеме да го почувствуваме и ќе може да се види – преку изградба на квалитетна инфраструктура, нови економски капацитети, се останато. Повторно ќе нагласам – ние сме последни во нашиот регион, а нашиот регион е економски еден од најзаостанатите во Европа. Но јас сѐ уште верувам дека можеме да бидеме економски „тигар“ во регионот, вели Ангеловски.
„Ние имаме земја каде што симболот на нашето знаме е сонцето. Во светот во овој момент ако во нешто се инвестира се обновливите извори на енергија. Ние наместо да развиваме квалитетно земјоделство, ние инвестираме во обновливи извори, ама на земјоделско земјиште за да останеме без храна. Таму каде што треба да инвестираме за сопствени потреби на домаќинствата, тоа не го правиме, додава Ангеловски.
Во однос на царинските тарифи Ангеловски вели дека ние се однесуваме како да сме остров на Атлантскиот океан.
„На дневна база наши граѓани пазарат во маркетите во Грција, Бугарија, Србија, затоа што за одредени ставки цените во тие маркети се пониски. Колку губиме ние во однос на ДДВ, што таа стока не е купена во наши компании, маркети. Треба да го смениме концептот на функционирање, било која влада да е. Нас ни треба нов правец на делување, смета Ангеловски.
„Секоја година ние имаме буџетски дефицит. По целата економска логика која постои во светот, една година треба да имаш буџетски дефицит, ама следната логично е да имаш буџетски суфицит, па до вратиш оној дефицит од минатата година. Ние 30 години имаме буџетски дефицит. Дали е тоа оддржливо? Дали има логика да се постапува на тој начин? Сите ги плаќаме даноците а зошто да не биде нула – нула. Зошто ние не се трудиме да имаме суфицит во буџетот. Не знам каде завршувале средствата. Тоа е прашање за ноки кои биле министри и веројатно Државниот ревизор може да објасни каде завршувале парите. Тука ќе видите – на почнати проекти, но незавршени, на платени камати за нешто што не се гради и никој не одговора во оваа држава“, вели Ангеловски.
„Во однос на цените и движењето на цените особено ако е таргетот на прехранбените производи, ние во повеќе наврати сме сигнализирале дека цените во нашите маркети, не поради самите маркети, поради поставеноста на самиот пазар се на високо ниво. Зошто? Прво имаме енормно намалено домашно производство на многу прехранбени производи – дали станува збор за житарици, за месо, за млеко… Во најголем дел се потпираме на увоз на овие производи, а последна точка од оваа реченица е дека имаме едни од највисоките царински стапки и на крајот на денот цените во нашите маркети се можда едни од највисоките во регионот, повисоки и од нашите соседи, вели Трајан Ангеловски околу растот на цените во маркетите и зошто коморите немаат реагирано на ова поле во изминатиот период. Тој додава дека нашите институции мора да го реформираат пазарот.
Околу владината мерка за замрзнувањето на цените на прозводите Ангеловски потсети дека кога министерството ги замрзна цените на овошјето и зеленчукот, маркетите скоро и да останаа празни.
„Веројатно увозниците увезувале по нереално ниски цени или по фингирани цени, министерството ги замрзна цените на тоа ниво според документите кое е веројатно нереално и маркетите останаа празни. Фали сериозен надзор од надлежните институции како Царинската управа и реформа на царинската тарифа. Мора нашите царински стапки да бидат конкурентни и на исто ниво со останатите земји од нашето соседство и од европските земји. Неможеме ние да имаме енормно високи царински стапки кои ќе претставуваат мотив за овие економски оператори да се занимаваат со нивно избегнување. Значи мора да бидат постаавени на реално ниво, за да им овозможат на компаниите конкуренција помеѓу нив и ние на тој начин да добиеме производи по конкурентни цени“, смета Ангеловски.
Институциите во оваа земја во нивниот опис на задачи кои треба да ги извршуваат не им е само собирање на даноците, вели Ангеловски, туку овие институции треба да инвестираат во сопствената економија и да ги поддржуваат економските оператори се со цел во следниот временски период да можат да соберат адекватни даночни приходи од истите тие компании.
„Тоа значи дека онаму кадешто евентуално е детектирано дека има злоупотреба ги охрабруваме институциите да си настапат и да ја утврдат таа злоупотреба, но најголемиот дел од компаниите работат според законските прописи и мислам дека нивната поддршка мора да продолжи во следниот временски период“, смета Ангеловски.
Говорејќи за унгарскиот кредит, Ангеловски смета дека истиот како почетна точка за инвестирање е исклучително поволен по неколку основи.
„Тоа е неговата рочност која е на 15 години, каматната стапка која во овој момент е помеѓу најниските. За жал, македонската економија во сите овие години наназад има најниски стапки на раст во однос на сите останати земји од нашето соседство. Ние мора да се обидеме на активен начин да го промени ова и нашата економија да стане една од најбрзо растечките. Тоа е во интерес на сите нас. Не е во интерес само на компаниите, тоа е во интерес на македонската економија и е во интерес на македонската држава. Тоа е стратешко државно прашање“, додава Ангеловски.
Ова е само дел од разговорот со првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Трајан Ангеловски. Целото интервју дадено за „Трилинг“ погледнете го во видеото.