(Видео) Алтипармаков: Не живееме во добар филм – живееме во лош, психоделичен филм

„Се доживувам како филмски работник кој има голема љубов кон музиката. Не живееме во добар филм – живееме во лош, психоделичен филм. Иако не е се толку лошо. Ми се чини дека немаме добра стратегија за културата, одамна е тоа проблем. Многу луѓе се разочаруваат, се отселуваат. Губиме образован кадар“ вели режисерот Јане Алтипармаков во најновото издание на Трилинг.

Тој вели „ми се чини дека во културата наместо она 5 до 12, дојдено е веќе 12 и 20“.

„Македонија ништо посебно не успеа да вложи во културата, не ја научивме лекцијата од СФРЈ. Соседите работат интензивно, тука некако се е замрено. Еден ден се надевам дека некој ќе разбере дека е направена кардинална грешка. Потребен ни е ристарт“ вели Алтипармаков.

Зошто филмските проекции не ги промовираме како што треба во странство, тој вели „промоцијата ни е слаба страна, и маркетингот исто. Треба да бидеме присутни и похрабри по изборот на проекти. Треба да има повеќе луѓе задолжени за тоа. Да се окрупнат менаџерските екипи, и со таков ланец на дистрибуција би можеле да стигнеме некаде близу до Косово и Албанија“.

„Сива зона“ – за проектот на кој Алтипармаков работи подолг период ќе каже „Идеја на мој пријател Ратко Букшиќ, да се направи филм кој ќе биде базиран на роман, психолошки трилер за полицаец од Балканот кој запаѓа во мрежа на корупција и криминал. На Балканот се гушиме од мито и корупција“.

Алтипармаков е со став „Без промена нема прогрес. Оној кој ќе остана на едно ниво, запаѓа во апатија. Да ја оставиме историјата и да разбереме дека треба да се менуваме, светот се менува и само таму лежи новиот прогрес“.

„Жртви сме на историски специфики, ама влеговме во 21 век, да расчистиме со временската капсула која не враќа назад. Не сме ниту полоши, ниту подобро од светот“ вели режисерот.