Францускиот дипломат и поранешен специјален претседавник на ЕУ за Македонија, Ален Лероа во ексклузивно интервју за Трилинг смета дека Македонците може да останат оптимисти за влез во ЕУ. Тој уверува дека Бугарија е последна пречка за Македонија да влезе во ЕУ.
Тој на почетокот го кажа неговото мислење за односите на релација Македонија и ЕУ.
Знам, го чувствувам разочарувањето во земјава, околу долгиот пат до пристапувањето во ЕУ. Тоа е фрустрација, чувствувам дека луѓето сметаат не сте доволно наградени за она што С.Македонија го постигна во последниве години: Договорот од Преспа, рамковниот договор со Бугарија и многу постигнувања во земјата и дека ЕУ не го награди тоа доволно, започнува дипломатот.
И покрај ваквите околност Лероа вели дека останува оптимист.
Но, останувам оптимист, зошто остана последната пречка, спорот со Бугарија, и сигурен сум дека постои начин да се надмине оваа пречка, тоа сега е на масата на Македонија и ЕУ, и потоа сум сигурен дека Македонија ги има сите средства, штом ќе започнат преговорите, за брза имплементација на она што се бара од ЕУ, затоа што во оваа земја има многу потенцијали и тоа би бил од взаемна полза за вас и ЕУ. Затоа, секако дека постои скептицизам во земјата, како и разочарување и фрустрираност, но останувам оптимист. Македонија во минатото покажа како е способна да ги избегне пречките, ова е последната пречка, и потоа наградата ќе уследи, веројатно кога С.Македонија ќе биде во ЕУ, тоа ќе биде крајот на транзицијата. С.Македонија ќе стане членка на ЕУ не ја знам точната дата, но сигурен сум дека тоа е во непосредната иднина.
На новинарско прашање „дали постои ли ризик за нова дестабилизација во регионот или во Македонија“ тој вели дека не гледа таков ризик.
Не. Не гледам таков вид на ризик, не од надвор, секако, постојат неко внатрешни спорови, би рекол нормални политички спорови како и во секоја демократија, а наскоро ќе имате и избори, но не гледам ризик од дестабилизација однадвор. Не. Воопшто не гледам нешто такво. Имаше во минатото, но не повеќе.
Препознавате ли лидерство и визија за иднината на земјата меѓу македонските политичари?
Да. Како во секоја земја и демократија, во Франција и во Европа, политичарите ги критикуваат. Но во исто време, тие си ја вршат работата, и ќе имате избори, се надеваме дека тие ќе бидат слободни и фер, луѓето мора да одат на гласање и потоа ќе видиме кој ќе биде исходот, но, сигурен сум дека во текот на кампањата ќе ги изложат своите визии и Македонците ќе решат не морам да го коментирам тоа, тоа е изборот на македонските граѓани.
Во текот на едно интервју пред неколку години, ќе изјавите: „Мислам дека потпишувањето на Охридскиот договор беше добра работа која се случи на Македонија“. Како сега ги оценувате меѓуетничките односи во Македонија?
Би ја дал истата изјава, мислам дека Охридскиот рамковен договор беше критикуван, секако, затоа што е компромис, кој никогаш не е совршен, но таков каков што е е големо постигнување за земјата. Бидејќи тој донесе мир во земјата и би ве потсетил на една мисла на Бенџамин Френклин, рекол „не постои такво нешто како добра војна и лош мир“. Тоа значи дека благодарение на Охридскиот договор избегнавте можна крвава војна,пред 20 г. Сега земјата живее во мир, секако, со внатрешни, домашни проблеми, како во секоја жива демократија, и мислам дека сега луѓето разбраа како овој договор беше корисен за да обезбеди доволни права за албанската заедница и сега тие се дел од нормалниот демократски живот. Сигурен сум дека тука и таму има критики, но чувствувам дека населението разбира дека е крајно корисно за земјата што се потпиша овој договор за да се избегне војната и да има мирна коегзистенција меѓу сите заедници.
Во регионот, а и во Македонија, постои националистичка реторика. Како гледате на ова прашање?
Секогаш го преферирам патриотизмот наместо национализмот. Како патриот сте среќни што ја дефинирате земјата и идентитетот, што е во ред, а национализмот… претпочитам соработка меѓу заедниците и соседните земји. Што повеќе патриотизам има, толку подобро. Се надевам дека национализмот не е премногу радикален. Најзагрижувачките аспекти на извештајот на ЕУ е во однос на судството со негативните оцени за независноста и интегритетот на судиите и судските институциите во земјава.
Дали судството и корупцијата се проблемот во Македонија сега?
Секако, го видов извештајот на Европската Комисија за С.Македонија и судскиот систем беше голем дел од загриженоста во него. Тоа беше јасно изложено во извештајот на Е.К. Но, во исто време, знаеме дека е клучно да го подобрите судскиот систем, и прилично сум сигурен дека кога ќе започнат преговорите и С.Македонија ќе биде во фаза на пристапување, ќе има многу помош од ЕУ за да ви помогнеме да имате понезависно судство, и подобра поделба на моќта. Ќе има помош, за што имаме искуство со многу земји во ЕУ. Запознаен сум со загриженоста, Европската Комисија го кажа тоа но се надевам дека тоа ќе се надмине кога ќе започне пристапниот процес, со помош на ЕУ. По Преспанскиот договор, Брисел рече дека може да започне преговарачкиот процес, но следниот чекор е да се реши проблемот со Бугарија. Сега чекаме да изнајдеме прифатливо решение со Бугарија.
Дали Бугарија сега е последниот чекор за зачленувањето на Македонија во ЕУ?
Да, убеден сум дека е последниот чекор, последната пречка. Покажавте голема храброст, решителност за зачленување во ЕУ, дури и минатата недела на самитот на З.Балкан овде со претставниците на ЕУ одобрени се 6 милијарди евра за регионот, ја видов решителноста на лидерите вклучувајќи го и раководството на С.Македонија постои волја од страна на земјава, како и од страна на ЕУ и се надевам дека ЕУ и лидерите на С.Македонија ќе најдеме начин да ја надминеме оваа последна пречка.
https://www.youtube.com/watch?v=30_yb4L0iDE