(ВИДЕО) Актерката во шок: Ова ли е вистината за Кочани? Теодосиева за невниманието, негрижата и корупцијата
➡Првата асоцијација за Кочани ми е ориз. Но за жал не е веќе оризот или дека Кочани е мојот дом. Денес е катастрофата и пожарот што се случи во годинава. Таа среќа или несреќа му се падна на Кочани, а тоа можеше да се случи било каде во оваа држава. ➡Ако некогаш барам некакво објаснување зошто баш во Кочани, си реков можеби затоа што многу сакаме да се забавуваме. Меѓутоа не е тоа одговорот. Одговорот е невниманието, негрижата и корупцијата која веќе со години владее во нашата држава и во нашиот трул систем. ➡Имав прекрасна соработка со Унковски - три проекти кои одговорно тврдам дека ме имаат оформено како актерка. Тоа искуство не би го заменила со ништо. ➡Културата како да избледува. Не се инвестира доволно во културата, не се инвестира доволно во македонски автори, во драматурзи, писатели. Генерално македонскиот филм зависи од македонската филмска агенција која влече финансии од Министерство за култура. Значи се зависи од државниот буџет. ➡ Гласот на уметниците не се слуша, вели за „Трилинг“, актерката Наталија Теодосиева.
„Првата асоцијација за Кочани ми е ориз. Но за жал не е веќе оризот или дека Кочани е мојот дом. Денес е катастрофата и пожарот што се случи во годинава. Таа среќа или несреќа му се падна на Кочани, а тоа можеше да се случи било каде во оваа држава. Младите кои живеат во Кочани, излегуваат таму, познато е дека градот имал многу добар ноќен живот, многу добри рејв журки, културен живот, театарски претстави, театарски фестивали и тн. и самиот град е жив сам по себе. Луѓето кои живеат таму сакаат да излегуваат и до ден денес кога ќе отидете во Кочани, сите кафиќи и такви локални места се полни. Така што ако некогаш барам некакво објаснување зошто баш во Кочани, си реков можеби затоа што многу сакаме да се забавуваме. Меѓутоа не е тоа одговорот. Одговорот е невниманието, негрижата и корупцијата која веќе со години владее во нашата држава и во нашиот трул систем“, вели за магазинот „Трилинг“, филмската и театарска актерка Наталија Теодосиева, говорејќи за трагедијата која ја потресе Македонија.

„Кочани е мал град, мало место и сакале и не ние меѓу себе се познаваме. Се сеќавам на правата вечер, односно во понеделникот вечерта кога се случи пожарот, јас веќе бев дома во Кочани и сите бевме надвор излезени. Едноставно луѓето не можеа да седат дома. Палевме свеќи на плоштадот и никогаш нема да го заборавам тој момент кога излеговме со мојата фамилија надвор имаше премногу луѓе и верувајте не знаевме на кого кој му починал или на кого кој е во болница и едноставно не знаевме како да се поздравуваме меѓу себе, не знаевме кому да му изразиме сочувство, кому не и само поминувавме, климавме со главите и велевме Бог да ги прости. Добри три-четири дена така се поздравуваме ние во Кочани, затоа што сѐ уште не знаевме чија фамилија изгубила него. Инаку да, имам роднини кои беа на лекување во странство, за среќа се добри и се дома. Со добра психолошка поддршка добро се справуваат со таа траума. Меѓутоа има еден факт дека 90% од децата кои се преживеани не се сеќаваат воопшто на настанот и што точно се случило, како се спасиле и кој ги спасил и веројатно тоа е една олеснителна околност полесно да поминат низ траумите.
-Имам неколку другари кои починаа. Починаа спасувајќи други деца и верувајте дека тоа е првата помисла кога ќе влезам во Кочани. Често одам таму и дискотеката беше на самиот влез на градот. Секогаш кога поминувам од таму ги замислувам нивните ликови и како успевале да се справат со тоа, како го изгубиле животот, како се задушиле, кого спасиле. После тоа се замислувам себе си како јас сум таму, дали ќе се спасам или не. Секој друг кочанчанец истото би ви го одговорил. Ние пораснавме со таа дискотека. Таа постоеше некаде 15 години, јас работев таму кога бев помала, од самиот ден сум била во таа дискотека, така што без разлика дали имаме близок роднина, пријател другар кој е загинат или повреден, сите го чувствуваме тоа, затоа што сите можевме да бидеме на тоа место“, вели Теодосиева и додава дека по природа е оптимистичен човек и многу и е жал што се повеќе се чини дека живееме во некаков дистописки филм.
„Пред очи ни се случуваат трагедии од вакви размери. Буквално мирисот го осетивме на пожарот и на тие изгорени тела во таа дискотека. Буквално го осетивме“, вели Теодосиева.
„Бев многу амбициозна кога бев студентка и кога завршив. Мислев дека светот ми припаѓа на мене и дека се треба да работам и дека морам да работам. Ми се случуваа проекти, но и не ми се случуваа проекти, меѓутоа добро се снаоѓав со нив. Имав прекрасна соработка со Унковски – три проекти кои одговорно тврдам дека ме имаат оформено како актерка. Тоа искуство не би го заменила со ништо. Така што мислам дека почетоците ми беа доста плодни и креативни и шаренолики. Кога ќе кажам шаренолики мислам на тоа дека работев во повеќе театри, а не се вработив брзо. Јас се вработив пред три години. Тоа што долго време работев во различни театри, со различни ансамбли исто така ме оформи да бидам денес тоа што сум, да ги гледам работите малку поразлично и да сакам да работам нови работи и нови форми“, вели Теодосиева за нејзините почетоци како актерка.

Во „Врба“ на Манчевски доминираше голотијата, во „Мојот маж“ бевте избрана за најдобра женска улога. Не разголија или сами се разголуваме, ја прашавме Теодосиева.
„Кога ја спомнавте „Врба“. Јас немам никаков проблем со таквите сцени се додека се издржани и оправдани. Јас тогаш сметав дека да, дека тоа е во ред. За да се направи едно дете треба да се има интимен однос со партнерот. Тој филм зборуваше за плодноста и неплодноста и за желбата да е биде мајка. Така што тоа беше поврзано со самата тема на филмот.
-Дали не разголија или се разголивме? Понекогаш дозволуваме да бидеме разголени за да дојдеме до нешто или за да докажеме некому нешто. Меѓутоа секогаш преферирам сама да се разголам.
„Мојот маж“ од Румена Бужаровска беше многу голем предизвик. Предизвикот беше најмногу таму каде во моментот требаше да ги пишуваме нашите лични приказни, нашите лични трауми и искуства од минатото и денес. Така што таа претстава е комбинација од расказите на Румена и тргнувајќи од расказите на Румена, темите на расказите, ние се пронаоѓавме во нив и зборувавме за нашите случки, некои слични случки поврзани со темите на „Мојот маж“. Така што да, таму ние одлучивме да се разголиме“, вели Теодосиева.
За тоа колку македонската кинематографија дозволува домашни актери да продефилираат и на меѓународните сцени, Теодосиева вели дека минусот не го става кај продукциите или кај нашата кинематографија.
„Повеќе работи имаат влијание дека ние глумците од Македонија малку потешко се пробиваме, еве да речам на балканскиот пазар. Пред се јазикот е првата бариера, контактите и тн. Србите и Хрватите се многу тесно поврзани и југословенската кинематографија која во тоа време била голема, тие сѐ уште ја држат таа индустрија и нормално дека работат многу повеќе отколку ние. Ние потешко влегуваме во нивните кругови поради јазикот. Многу било полесно Срби да доаѓаат кај нас и да играат главни улоги во филмовите отколку ние кај нив. Веројатно затоа што тогаш се сметале како доминантна земја од тогашната Југославија. Така што ние продуцираме добри филмови. Колку и да сме сиромашни во поглед на квалитетот, односно квантитетот, ние имаме добри филмови и имаме многу добри глумци“, вели Теодосиева.

Прашана дали културата е на маргините, Теодосиева вели дека последните три години дури и малце бега од маргините.
„Како да избледува. Не се инвестира доволно во културата, не се инвестира доволно во македонски автори, во драматурзи, писатели. Генерално македонскиот филм зависи од македонската филмска агенција која влече финансии од Министерство за култура. Значи се зависи од државниот буџет и еден од проблемите, односно пречките е тоа што сите чекаат од државниот буџет. Кај нас сѐ уште се нема развиено онаа продукција која сама се финансира и сама си ги враќа парите. Така што сите чекаме од државата, а таа не нуди многу голем буџет“, вели Теодосиева.
„Ме прави среќна љубов. Ме прават среќна среќни луѓе. Кога ќе видам среќен човек и јас сум среќна. Ме прави среќна правда и ме прави среќна кога ќе добијам нешто што го заслужив само затоа што јас сум јас и сум го заслужила тоа.
-Неправдата и лагите ме вадат од такт. И непотизмот. Дупките ме иритираат. Како сакате сфатете ги – дупките на улица, дупките на тротоар, дупките во системот, дупките во душата, дупките во луѓето. Многу често гледам несреќни луѓе на улица. Сакам да одам пешки и луѓето со кои се разминувам се тажни и разочарани. Тоа е затоа што живеат во општество кое ги тера да бидат исплашени, да се плашат од комшијата, да се плашат од системот, да се плашат од болести, да се плашат ако отидат во болница дека не можат да се излечат и тн. Се плашат дека не можат да си ги вратат кредитите кои ги извадиле за некои елементарни работи“, вели Теодосиева.
За тоа колку денес се слуша гласот на уметниците, актерката се прашува дали воопшто некогаш се слушал.
„Додека јас сум овде и творам не мислам дека се слуша. Ние си мислиме дека се слуша и некои луѓе ни даваат простор и само не залажуваат дека нашиот глас се слуша. Мислам дека најмалку се слуша гласот на уметниците. Се слуша гласот на политичарите. Тоа многу ме иритира. Не мислам дека јас како уметник можам да кажам нешто што некој до сега не го кажал и дека јас ќе ја поправам државата, меѓутоа моето искуство, јас со тоа што се бавам, со емпатијата, со емоциите и со проблемите на некои карактери и луѓе, можат да допрат и тоа како до некого. Има некои луѓе кои не почитуваат, доаѓаат во театар, ги гледаат нашите филмови, веруваат во нас и можеби тие луѓе кога ќе не видат на други платформи исто така ќе веруваат во нас и можеби ќе поправиме нешто. Секој карактер кој го износувам на сцена има порака, има нешто да каже и има луѓе кои го слушаат тоа“, смета Теодосиева.
Целото интервју погледнете го во видеото.