
(Видео) Академик Марковиќ: Македонски јазик признаен во ОН не може да биде предмет на дебата
🔴 -Стандардниот македонски јазик признаен во ООН, во сите меѓународни комисии воопшто, не може да биде предмет на никаква дебата, не верувам ни на загрозеност. Може да се јавуваат, како што сме сведоци, обиди за негирање дури и на нешто такво што е признаено, но тоа се јалови обиди. Битката за прифаќање на стандардниот македонски јазик во сите меѓународни тела и политички и научни завршила одамна во 20 век. Да немал моќ или да ги немал сите оние елементи што го прават јазик не би успеал да биде прифатен и признаен во сите тие тела, оценува академик Марковиќ.
„Ако гледаме од денешен аспект зборот „македонист“ повеќе е поврзано со лингвистиката. Значи оние коишто се занимаваат со македонистиката пред сѐ како главна гранка на пошироката област на лингвистиката се македонисти. Може да биде и македонист славист, македонист балканист, така што е лингвистичка и не би одел во друг тип на квалификација“, изјави во „Трилинг“ академик проф. Марјан Марковиќ говорејќи околу изразот македонист и дали е тоа лингвистичка или патриотска идентификација на научниците.
Говорејќи околу тоа дека после осум децении на етаблиран јазик дома и во лингвистичката мапа на Европа, зошто претседателската Гордана Сиљановска рече „сѐ уште се присутни знаци на балкански национализми што не го прифаќаат македонскиот идентитет“ и дали е тоа вкоренет страв со што се плашат граѓаните или така се браниме од грчко-бугарскиот напад врз нашиот говорен и литературен јазик, академик Марковиќ вели дека не се работи за колективен страв којшто таа го изрази при двојот говор, туку се работи за факти коишто присутни се можеби стотици години наназад.
„Можеби немањето на моќ во војска, држава, администрација поголем дел од функционирањето на македонскиот јазик , особено во 19 век, тие придонеле тие апетити, особено територијални, да се наметнат и врз јазичните права. Како што знаеме функционирањето на еден јазик не завршува само во државните граници, а има и други примери, но нема секогаш примери каде што соседите, односно таму каде што функционира македонскиот јазик го омаловажуваат или не го прифаќаат, не го признаваат. Ние би биле среќни да го подигнат неговото ниво. Сепак тоа би било богатство и за Грција, за Албанија, Бугарија, за сите соседи.

Околу тоа дали се реални стравувањата од напад врз постоењето на македонски јазик кој впрочем е и признат, Марковиќ вели дека секогаш постои една дилема кога ќе кажеме македонски јазик, дали сметаме на современиот нормиран, на стандардниот јазик или на јазик како средство за разбирање, артикулација на светот околу нас.
„Значи стандардниот македонски јазик признаен во ООН, во сите меѓународни комисии воопшто, не може да биде предмет на никаква дебата, не верувам ни на загрозеност. Може да се јавуваат, како што сме сведоци, обиди за негирање дури и на нешто такво што е признаено, но тоа се јалови обиди. Битката за прифаќање на стандардниот македонски јазик во сите меѓународни тела и политички и научни завршила одамна во 20 век. Да немал моќ или да ги немал сите оние елементи што го прават јазик не би успеал да биде прифатен и признаен во сите тие тела.
-Да појаснам. Во меѓународниот славистички комитет, врвно тело во однос на славистиката, има околу 38 комисии, за граматички систем, за атласи каде што сум вклучен, за општословенскиот лингвистички атлас, за фонетика, за сите сегменти од јазикот и многу повеќе, во најголем дел од тие комисии има и македонски претставници, што значи дека македонскиот јазик во меѓународните институции е рамноправен со сите други јазици. Ако некому не му се допаѓа тоа е индивидуално. Никогаш не било доведено под прашање рамноправноста и самостојноста на македонскиот јазик во меѓународната научна средина.
-Но стравувањата се оправдани во однос на тоа што надвор од границите на државата јазичните права се снижени дури и поништени. Дури и во однос на научните истражувања мене лично не ми е лесно во Грција да вршам истражување на македонските дијалекти. Морам да го правам тоа на многу посуптилен начин.
-Стандардниот македонски јазик си е државен, официјален и верувам дека таа размена со сите соседи и со Бугарија, гледам и во Грција има преводи, би требало да се одвива на цивилизиран и нормален начин, вели Марковиќ.

Околу изјавата на професор Симона Груевска – Маџовска, во деновите на одбележување на денот на македонскиот јазик каде бара да не се прави релативизирање на државниот статус на македонскиот јазик и дали е тоа дел од предупредувањето дека македонскиот јазик се повеќе е атакуван и дома, академик Марковиќ вели дека штом се почесто се слуша ова, штом луѓе коишто се занимаваат и од научен делумно и политичарите го сметаат тоа, секако дека има некаква логика, бидејќи и кога не бил нормиран македонскиот јазик бил обединувачки на целата територија. Луѓето без школи зборувале неколку јазици, дали на дијалектно ниво воопшто не е важно да се разбираме меѓусебе, но дали политиката се обидува да направи обратна доминација на други јазици мислам дека тоа е на штета на сите, на говорителите на сите јазици во нашата земја, бидејќи познавањето на македонскиот јазик, користењето, неговото ниво како официјален, службен, државен би требало да биде надпартиско, надетничко и треба да има обединувачка улога.
За тоа дали постои опасност од дерогирање на македонскиот јазик преку на пример рамноправност со албанскиот јазик, Марковиќ вели дека употребата на албанскиот јазик на одредени нивоа е веќе етаблирано, но нивото на македонскиот јазик би требало да биде на највисокото државно ниво и од него да излегуваат сите понатамошни јазични права.
„Далеку од тоа дека треба да се оспорат нечии јазични права“, вели Марковиќ.
На прашањето дали свесно ги одбегнуваме говорот на нашите егејци, пиринци или на Македонците од Преспа, академикот потсети дека претседателот на МАНУ спомнал такво нешто, неколку извадоци од текстот на Конески, каде што се вели дека еден од главните принципи на македонскиот јазик да продолжи да се темели на македонските народни говори.
„Тоа е една фасцинантна работа за мене од јазичен, од дијалектен, лингвистички аспект дека македонскиот јазик е еден од ретките словенски јазици којшто го има тоа едно дијалектно богатство како една основа од којашто може да црпи и за збогатување, не само на лексиката туку воопшто на самата структура. Толку многу без норма, со над 60 посебни говори на целата јазична територија и дел од тие говори се вградени како основа на стандардниот македонски јазик, мислам дека тоа е едно огромно богатство кое треба да се користи. Јас сум против тој пуризам да се исфрлаат дијалектните зборови или други дијалектни елемнети од стандардниот македонски јазик. Напротив, тој треба да продолжи да се збогатува, вели Марковиќ.
Целото интервју со проф. академик Марјан Марковиќ погледнете го во видеото.