(Видео) Аврамовски: Состојбите во судството претставуваат сериозен безбедносен проблем

Од друга страна, како што имам истакнато многу пати, би било многу проблематично доколку извршната и законодавната власт успее да прекине мандатот на членови на тела коишто се избрани од страна на судската власт. Ќе има сериозен дисбаланс и сериозна надмоќ од страна на извршната или законодавната власт врз судството што впрочем и ни е главниот проблем кога ја констатираме онаа недоверба во судскиот систем, вели Аврамовски.

Неопходни се решителни чекори во насока на забрзување на реформите кон Европската Унија. Покрај неопходноста од уставни промени, ЕУ во најновиот извештај нотира дека има ограничен напредок во судството и испорачување на правдата.

Гостин во „Трилинг“ беше Дарко Аврамовски од „Коалицијата за правично судење“ кои на дневна основа ги следат состојбите во македонскиот правосуден систем.

„Интересно е доколку ги прочитатеваквите извештаи, укажувања повеќе години наназад, ќе забележите дека има повторување на многу од работите. Вообичаено се нотираат некои нови чекори напред, како што е усогласување на законодавтсвото со европското, донесување на некои закони коишто биле проблематични и претходно, но факт е дека сите оние недостатоци на системот се во суштина истите. Ние немаме практична имплементација на тоа што го имаме ставено на хартија во законите“, изјави Аврамовски на прашањето колку сугестиите, оценките и проценките на Брисел ја одсликуваат реалната состојба во македонскиот правосуден систем.

Во поглед на правосудството ЕК изразува загриженост за најавите на актуелната владејачка гарнитура за распуштање на судскиот Совет и Советот на обвинители. Дали поваквите оценки на Брисел всушност Владата и пред се премиерот Мицкоски, би се откажал од најавената намера да ги распушти овие тела и дали е тоа решение, Аврамовски вели дека незнае дали би се откажале, меѓутоа факт е дека долго време се зборува за распуштање на овие тела.

„Но освен вака декларативно и начелно кажување на определени ставови, не сме виделе никаков конкретен план, програма и стратегија како би се спровело тоа. Од друга страна, како што имам истакнато многу пати, би било многу проблематично доколку извршната и законодавната власт успее да прекине мандатот на членови на тела коишто се избрани од страна на судската власт. Ќе има сериозен дисбаланс и сериозна надмоќ од страна на извршната или законодавната власт врз судството што впрочем и ни е главниот проблем кога ја констатираме онаа недоверба во судскиот систем. Тоа токму заради тоа што граѓаните имааат перцепција дека судството не одлучува самостојно, туку дека е под некаков притисок од страна на политиката.

– Судскиот Совет и Советот на обвинители се меѓу главните генератори на ваквата недоверба и за жал се меѓу главните на повеќето проблеми со коишто се соочуваме во пракса. Можеме да забележиме дека постојано кога има некои големи, крупни скандали постојано тие се поврзани на еден или на друг начин со судскиот Совет или со Советот на јавните обвинители, посредно или непосредно и Академијата за судии и за јавни обвинители, додава Аврамовски.

Целиот разговор во магазинот „Трилинг“ со Дарко Аврамовски од „Коалицијата за правично судење“ погледнете го во видеото.