Најмалку 120 лица загинаа кога патнички авион утрово се запали на писта на аеродромот во јужнокорејскиот град Муан, соопшти Националната противпожарна агенција.
Несреќата се случила во утрово во 9:03 часот по локално време кога летот на Jeju Air од Бангкок со 175 патници и шест членови на екипажот слетувал на меѓународниот аеродром Муан на југозападот на земјата.
Horrifying footage emerging of a Jeju Air Boeing 737-800 (not a Max) with 175 onboard involved in a crash at Muan International Airport in South Korea — video shows the aircraft attempting a ‘belly landing’ (without its landing gear extended) before impacting the perimeter wall pic.twitter.com/C3JCUz8Iw8
— Alex Macheras (@AlexInAir) December 29, 2024
Авион со 175 патници и шест членови на кабинскиот екипаж се лизна од пистата и удри во ограда на меѓународниот аеродром Муан во Јужна Кореја, објави новинската агенција Јонхап.
Пожарникарите соопштија дека се претпоставува дека загинале 179 лица. Станува збор за летот 2216 на Jeju Air од Бангкок. Авионот е Боинг 737.
Вршителот на должноста претседател на Јужна Кореја, Чои Сунг-мок го прогласи аеродромот Муан за „зона на катастрофа“, објави јужнокорејскиот весник „Јонхап њуз“.
Официјалниот број на загинати во трагедијата се искачи на 120, соопшти Националната противпожарна служба на Јужна Кореја. Властите веруваат дека тој број на крајот ќе биде 179, што значи дека само две лица ја преживеале оваа авионска несреќа.
Официјални извори во Јужна Кореја наведуваат дека досега само две лица се извлечени живи од запалените остатоци. Речиси сите патници се од Јужна Кореја, а има и двајца тајландски државјани.
На мрежата Икс беше објавено грозоморно видео од несреќата. Се гледа како авионот се лизнува по пистата и со полна брзина удира во оградата, по што се крши на два дела и го голта огромен пламен.
На видеото се гледа и дека авионот практично се лизга по пистата по моторите и долниот дел од трупот, односно дека поради некоја причина опремата за слетување не се активирала при слетувањето. И покрај овој дефект, пилотот успеал да го приземји авионот, но очигледно немал начин да го забави авионот по контактот со пистата.
Трагедијата во Јужна Кореја е втора голема авионска несреќа за само 5 дена. Претходно, на 25 декември во Казахстан се урна авион на „Азербејџан ерлајнс“. Најпрво се веруваше дека причина за трагедијата е судир со јато птици, но се покажа дека падот на авионот „Ембраер“ најверојатно го предизвикал проектил на руската армија.
Рускиот претседател Владимир Путин во саботата му се извини на претседателот на Азербејџан Илхам Алиев за, како што рече Кремљ, „трагичен инцидент“ во рускиот воздушен простор.
Најмалку 38 луѓе загинаа, а 29 преживеаја откако авион Embraer 190 се урна во средата при принудно слетување во близина на Актау, Казахстан, за време на лет од Баку до градот Грозни во Чеченија.