
Тажно и непрепознатливо е Кочани еден ден по трагедијата со пожарот што го разбуди градот. Полупразни се улиците, без многу посетители во кафулињата и рестораните, го нема вообичаениот џагор во училишните дворови и во детските паркови.
Граѓаните мирно и достоинствено, во Паркот на Револуцијата палат свеќи и носат цвеќе, оддавајќи им почит на жртвите во трагедијата.
Претпладневo e празен и кругот на Општата болница во Кочани, откако сите повредени се пренесени на лекување во клиниките во Скопје.
На состанок на стручниот колегиум во Општина Кочани донесени се препораки за активности во наредниот период. Со донесената одлука за седумдневна жалост, откажани се сите настани од забавен, културен и спортски карактер.
Упатена е препорака до комуналното претпријатие „Водовод“ за проширување на парцелите во Градските гробишта и определување посебно место за починатите во пожарот, како и одлука за бесплатно доделување парцели за починатите и за погребните услуги коишто се во надлежност на претпријатието.