„Взаемното признавање годинава нема да се случи“

Поранешната министерка за надворешни работи на Косово, Мељиза Харадинај-Стубла вели дека взаемно признавање нема да се случи годинава.

Како што објаснува, взаемното признавање нема да дојде годинава поради „помирувачката политика на ЕУ кон безмилосното однесување на Србија, а не поради неодамнешните настани на северот на Косово“.

„Взаемното признавање меѓу Косово и Србија нема да се случи оваа година поради децениската политика на смирување што ЕУ (како посредник во дијалогот) ја користи кон безмилосното однесување на Србија. Не поради неодамнешните настани на северот на Косово“ – објави Харадинај-Стубла на Твитер.

Бодо Вебер, висок соработник на Советот за политика на демократизација во Берлин, оцени дека последните настани на северот на Косово не даваат голема надеж дека постои атмосфера за воспоставување дијалог што води кон договор меѓу Косово и Србија.

Вебер изрази скептицизам дека евентуалниот договор може да се постигне до крајот на 2023 година врз основа на француско-германскиот план, бидејќи моменталната атмосфера, како што тој ја опишува, е „многу жешка“.