На Античкиот театар во Охрид се прават последните подготовки за вечерашното отварање на 62-то издание на најпрестижната културна манифестација во земјава, фестивалот Охридско лето. Фестивалот ќе биде отворен со концерт на четири италијански тенори, заедно со оркестарот на Националната опера и балет.
„Отварањето годинава е концепирано да биде достапно на пошироката публика, со избедба на популарни арии и песни во изведба на четирите тенори. Станува збор за четворица тенори кои се во голем подем во моментот во Европа“, рече Бисера Чадловска, селекторка на музичката програма.
На фестивалот годинава се предвидени да настапат 1.000 уметници од 25 држави, а публиката ќе ужива во 36 концерти, 9 театарски претстави и 6 настани во дополнителната програма.
„Да очекуваме многу богата програма и во музичкиот и во драмскиот дел, а оваа година и многу повеќе публика. Не би издвојувала никој, сите се најдобри“, изјави Наташа Поповиќ, директорка на Охридско лето.
„Освен отварањето, јас би одвоила и неколку настани. Прво концертот на Стефан Миленковиќ. Потоа камерниот оркестар на македонската филхармонија, потоа камерниот оркестар Профундис. Роденденот на Охридско лето на 4-ти август, со Фламенго балет. Во театарскиот дел, ќе имаме десеттина театарски претстави, кои се многу интересни за публиката. Украинците ќе дојдат со помош на нашата драмска селекторка.Тоа е театарски проект. Не беше лесно тоа да се направи, со оглед на ситуацијата. Во музичкиот дел исто така имаме една пијанистка од Украина, која што во моментот е во голем подем во светот“, додава Чадловска.
Фестивалот завршува на 20-ти август, со концерт, посветен на познатиот македонски композитор, Александар Џамбазов, кој почина минатата година. Познати македонски уметници ќе изведат негови дела, добро познати на макеоднската публика.