Последен ден од кампањата за претседателските избори на 24 април.
Вечерва на полноќ почнува молкот, што завршува на денот на гласањето во 19 часот. И покрај молкот за претседателските избори, изборната кампања за парламентарните избори на 8 мај ќе се одвива и нема да биде прекината.
Гласачите на седмите парламентарни избори ќе можат да се определат за еден од седуммината кандидати за претседател – петмина мажи и две жени.
Кандидирани се актуелниот претседател Стево Пендаровски поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска поддржана од Левица, Максим Димитриевски – ЗНАМ, Стевчо Јакимовска – ГРОМ, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи поддржан од Европскиот фронт.
Карактеристично за овие избори е што тие наместо во недела, ќе се спроведат во среда, ден што Владата го прогласи како неработен. Исто така, овие избори се поклопуваат со изборите за пратеници, а идентификацијата на гласачите повторно ќе биде со апарати за биометриска идентификација.
Вториот круг од претседателските избори, што е извесно дека ќе го има, ќе се поклопи со парламентарните избори на 8 мај, а гласачите кога ќе дојдат на избирачките места пред да ги добијат гласачките ливчиња, ќе треба да се изјаснат дали ќе гласаат за двата избори или не.
Доколку не сакаат да гласаат на некој од изборите, нема да можат во текот на денот да се премислат и да се вратат на избирачкото место повторно и да гласаат.
За изборите за претседател во Избирачкиот список се запишани 1.814.317 избирачи. Во изводите од Избирачкиот список за гласање во државата се запишани 1.713.758 избирачи, додека во странство во ДКП-та или конзуларни канцеларии ќе гласаат 2.569 избирачи.
Според најавите, првичните информации за изборните резултати би требало ДИК да ги објави пред полноќ на 24 април.