Ветото за Македонија да остане додека не се формира парламентарно мнозинство во Бугарија, побара Радев

Ветото за Македонија да остане се додека не се формира ново парламентарно мнозинство во Бугарија.

Ова денес го побара бугарскиот претседател Румен Радев.

Како што пренесува БНТ, Радев наведува дека политичката криза е факт, но како што вели, за разлика од претходните кризи, оваа се одвива во услови на прогресивна инфлација, социјална, економска и прехранбена криза предизвикана од војната во Украина.

– Партиите застапени во парламентот мора што поскоро да најдат излез од ситуацијата, бидејќи ни треба одговорно и одржливо владеење. Додека партиите бараат формирање на владејачко мнозинство, Владата мора да обезбеди социјални плаќања и поддршка за бизнисот. Да остане ветото за Pепублика Северна Македонија во согласност со рамката усвоена на консултативниот совет за национална безбедност и да се обезбеди функционалност на државата, вели Радев во изјава за медиуми.

Изјавата на Радев следува откако партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов најави излегување од владината коалиција повлекувајќи ги и своите четворица министри, меѓу кои и шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска.