„Ова е ненормална работа. Ова е лудило. Не знам зошто сите не излегуваат на улица. Треба цела Македонија да се дигне на нозе. Се обидувам да сум разумна, да не сум патетична, да ги разберам некако зошто би преговарале кога и вака и онака нема да влеземе во ЕУ во следните 10-15 години. Не сакам да ме нарекуваат Северна Македонка. Макрон, јас сум Македонка. Ако не разбираш ќе ти преведеме“ – рече актерката Весна Петрушевска на вечерашниот протест во Скопје против францускиот предлог.
Таа повика народот да се обедини околу ова „НЕ“.
„Како ќе ја чуваме македонската култура? Ние тука што сме, сме виновни за тоа што дојдовме до ова дереџе. Не сакаме насилство и не потклекуваме на провокации. Со достоинството и чест се раѓате. Секој ден на протест сѐ додека ја срушиме оваа влада“ рече Петрушевска.
Протестниот марш вечерва поминува мирно.
Учесниците пред да дојдат пред Собранието, пред Министерството за правда ги поставија транспарентите „Ова е Устав“, „Ова е тоалетна хартија“, „Ова се лисици“ и „Ова е Јустицијата, знаете што следи“.
На протестот се слушаат патриотски песни и скандирања: „Оставка“, „Никогаш Северна, само Македонија“.
Меѓу учесниците се претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, како и пратеници, градоначалници и високи функционери од оваа партија.