Независен кандидат за претседател поддржан од народот е добра можност за обединување и функционирање на државата, изјави професор д-р Вело Марковски.
Тој очекува поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Марковски ќе побара поддршка од 10.000 граѓани, чии потписи, како што информираше денеска на прес-конференција, ќе се собираат во согласност со законските прописи по распишување на изборите.
Иако е член на ВМРО-ДПМНЕ, тој рече дека не разговарал со лидерот на партијата Христијан Мицкоски за неговата кандидатура. Но, според негови сознанија, бил на листите на партиите за мерење на рејтинзи за можни кандидати.
„Сметам дека не е во ред да се вадат кандидати за претседател кои народот не успеал да ги запознае. Се случуваше во овие 30 години ВМРО-ДПМНЕ многу често да поддржува независни кандидати или многу често функционери од други партии на многу клучни места“, рече Марковски.
Марковски рече дека целата процедура со промената на Уставот треба да се прекине.
„Не смееме да прифаќаме промени кои ќе навлезат во негирање на постоењето на македонскиот народ и јазик и современа нација“, изјави тој.
Кажа дека треба да почекаме Европа да ги реши прво своите проблеми, па потоа да се размислува како ќе се одвиваат преговорите со ЕУ.