Величковски од Народната банка: Финтек-решенијата носат промени во плаќањата и нови можности за трговците и граѓаните

Новата правна рамка за платните системи во земјава создаде основа за зајакнување на конкуренцијата во платежната индустрија и намалување на трошоците за прифаќање дигитални плаќања во малопродажбата.

Новата правна рамка за платните системи во земјава создаде основа за зајакнување на конкуренцијата во платежната индустрија и намалување на трошоците за прифаќање дигитални плаќања во малопродажбата. Во своето излагање на конференцијата во организација на „Блумберг Адрија“, директорот на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи при Народната банка, Игор Величковски, посочи дека во 2024 година просечниот надоместок што трговците го плаќаат за прифаќање картички изнесува 1,1%, забележувајќи намалување од 0,1 п.п. во однос на 2018 година, од кога Народната банка објавува податоци за овој вид надоместоци, при што намалувањето кај одредени сектори е поизразено достигнувајќи 0.7 п.п. Во истиот период, бројот на трговци коишто прифаќаат дигитални плаќања на продажните места е зголемен за 36% и достигна 16,4 илјади трговци.

Правната рамка веќе отвори простор за појава на нови учесници – платежни институции и институции за електронски пари, коишто нудат алтернативи за граѓаните и трговците. Се очекува дека дел од овие институции наскоро ќе понудат иновативни решенија во земјава, во согласност со светските трендови во финтек-секторот.

Во контекст на очекувањата за следните 3 до 5 години, Величковски истакна дека финтек-решенијата ќе извршат голема промена.

„Се очекува дека финтек-компаниите ќе понудат дигитални паричници, коишто ќе овозможат побрзи и поевтини трансакции, нови начини на иницирање плаќања преку кодови за брз одговор (QR кодови) и опции за прифаќање плаќања без потреба од традиционалните ПОС-уреди. Овие решенија ќе им овозможат и на малите продавници да влезат во дигиталниот простор, а потрошувачите и компаниите ќе имаат подобра контрола врз своите финансии“, рече Величковски.

Тој додаде дека новите решенија, поддржани од концептот на отворено банкарство којшто треба да се примени најдоцна до март 2026 година, ќе придонесат за повеќе иновации и поефикасна малопродажба, приспособена кон дигиталните навики на потрошувачите. Истовремено, трендот на дигитализација на плаќањата ќе биде зајакнат со вклучувањето на банките во платежните шеми во СЕПА од 6 октомври 2025 година, што ќе донесе побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра за граѓаните и компаниите.