Величковски: Кочанска истрага на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ три недели подоцна: „Хапсимо Шиптаре и држимо се Вучиќа“

Во објава на својот ФБ профил, лидерот на Движењето Нова република, Ивон Величковски прави портрет за тоа што се случува три недели после трагедијата во Кочани и начинот на кој се води истрагата околу пожарот во кој животот го загубија 61 лице.

Во објава на својот ФБ профил, лидерот на Движењето Нова република, Ивон Величковски прави портрет за тоа што се случува три недели после трагедијата во Кочани и начинот на кој се води истрагата околу пожарот во кој животот го загубија 61 лице. Анализата ви ја пренесуваме во целост:

Кочанска истрага на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ три недели подоцна: „Хапсимо Шиптаре и држимо се Вучиќа“

Од денот на трагедијата во Кочани власта на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го води јавниот дискурс околу прашањето „Кој ја издал лиценцата на дискотеката“ – за да го одвлече вниманието од централното прашање: „Кој и за чиј интерес во МВР го толерира „Пулс“ 13 години“.

Затоа, да се потсетиме на прашањата што веќе трета недела во (медиумското) следење на истрагата се запоставуваат. На пр. за улогата на Агенцијата за обезбедување која го контролира бројот на гости во објектот, сосе прашањето кој ја лиценцирал и за одговорноста на проектантот на објектот и одговорноста за неговото лиценцирање.

Со објавите на социјалните мрежи од бројни настани во „Пулс“, стана јасно дека практично нема повисок полициски функционер од Кочани и Штип кој не бил гостин во дискотеката, но никој не одговара на прашањата:

– Како „Пулс“ работи иако фирмата што ја управува дискотеката има блокирана сметка. Како исплатувала плати? Објектот бил „пломбиран“. Па кој ја отстранил „пломбата“ и објектот продолжил со работа? Ова е прашање што ја инволвира и УЈП.

– Како полициски службеници го толерираат работењето на „Пулс“ вклучително на денот на кобниот настан и покрај пријавите за присуство на малолетници во него и употребата на пиротехнички материјал без притоа со него да оперира овластен/лиценциран оператор?

Затоа, да ја прекинеме шарадата „Сите се виновни освен МВР“.

Припадници на МВР се присутни во „Пулс“ и на трагичната вечер. Само по основа на присуство на малолетници и нелегална употреба на пиротехника – концертот требало да биде прекинат. Како и настаните организирани таму во сите претходни прилики.

Тоа не’ враќа на потребата од констатирање на работата на локалните полициски раководители. Полицијата морала да знае и за „пломбата“ на „Пулс“ и за начинот на организирање концерти во затворен простор и за пиротехничките ефекти на нив.

Вака поставено – произлегува дека полицијата (намерно) не го прекинува работењето на „Пулс“.

Ова отвора сет непријатни прашања:

– Дали раководителите на ПС во Кочани или во СВР во Штип знаеле зошто нивните службеници не го запирале работењето на „Пулс“? Со години?
– Ако не знаеле – како воопшто биле на тие позиции?
– Ако знаеле за чиј интерес не реагирале? По сопствена одлука или „по наредба од горе“?
– Каква е одговорноста за именувањето на овие полициски раководители во мандати на три министри за внатрешни работи: Јанкуловска, Спасовски и Тошковски? Во чиј интерес и по чие барање ги именувале овие раководители? Лично, партиско…?

Со оглед на прашањата кои се премолчуваат за изместување на фокусот, очигледно е етно-партиското таргетирање:

– За издавање лиценца може да се виновни само поранешни, но не и сегашни функционери.
-„Пулс“ функционирал цела година со фалсификувана лиценца и тоа не го засега актуелниот министер за економија кој е на должноста 10 месеци, но ги засега сите претходни?!
– Сите министри за економија – Албанци од претходните влади се виновни, но сите министри за внатрешни – Македонци во истиот период се ненадлежни?!

Тајмингот на таргетираната пресметка со Албанците низ пресметка на веќе јавната коалиција на олигархијата, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ контра Албанците за враќање контрола врз Македонците треба да ја врати „јавноста“ само на дозволените теми за Македонците.

Целта е власта на ВМРО-ДПМНЕ сообразена со СДСМ по последната „лидерска средба“ да настапи во паралелна општествена поделба со онаа што вечерта на 12 април ја „обзнани“ Вучиќ во Белград.

Етно-партиската поделба во Северна Македонија треба да ги поларизира Македонците со Албанците – за да не ги поларизира Македонците со споделената власт на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ цели 35 години. Само така никој нема да праша со чија поддршка „Франкфуртската мафија“ завладеа со подземјето и економијата во централниот и источниот дел на Северна Македонија.

Во „недостаток“ на Албанци, Вучиќ произведува општествен судир во Србија на пан-српството како покритие за партиски спонзорираниот криминал со србијанството како концепт на владеење на правото во нацијата на Србија. И за тоа има потреба од инволвирање во БиХ, Северна Македонија, Косово и Црна Гора, несудените членки на „скратената“ Југославија.

Целта е иста – одржување на „газиместанскиот“ кадровско-оперативен систем, во кој службата ги „децентрализираше“ и своите криминалци и своите бизнисмени, политичари, новинари, интелектуалци, академици… на истите позиции – во новите држави по 1991.

За илустрација, затоа „нашите“ телевизии на македонски јазик егзалтирано известуваат за митингот на Вучиќ во Белград, но не и за протестите во Кочани посветени на над 60 изгубени млади животи – на Македонци.