Велика Британија ја презеде контролата врз фабриката за челик „Бритиш Стил“

Британскиот парламент и кралот го одобрија итниот закон со кој се спасува фабриката во Скантроп од затворање, што значи дека законот веднаш стапи во сила, соопшти Би-би-си.

Велика Британија ја презеде контролата врз челичарницата Бритиш Стил (British Steel) и ги задржа во функција високите печки, а министерот за економија изјави на вонредна седница на парламентот дека целосна национализација на производителот на челик е многу веројатна.

Компанијата British Steel, која од 2020 година е во сопственост на кинеската групација Jingye Group, вработува 3.500 луѓе во фабриката во Скантроп. Нејзината иднина беше доведена во прашање откако Владата и компанијата не постигнаа договор за финансирање на транзицијата кон еколошки поприфатлива технологија за производство на челик.

Иако пратениците беа на велигденска пауза, Владата ги повика назад за да донесат закон што ѝ овозможува управување со компанијата и нејзините вработени – обезбедувајќи исплата на платите и набавка на суровини за продолжување на работата на високите печки.

Британскиот парламент и кралот го одобрија итниот закон со кој се спасува фабриката во Скантроп од затворање, што значи дека законот веднаш стапи во сила, соопшти Би-би-си.

Премиерот Кир Стармер рече дека презема чекори за да го одложи затворањето на високите печки, кои во моментов прават дневна загуба од 700.000 фунти.

Тој додаде дека вонредниот закон е „речиси без преседан“, но оти ќе обезбеди иднина за британската челична индустрија и оти тоа е прашање од национален интерес. Седницата на парламентот што се одржа вчера, за време на велигденската пауза, е прва од војната на Фолкландските острови во 1982 година.

Министерот за економија Џонатан Рејнолдс во обраќањето до пратениците изјави дека законот ќе овозможи повеќе време за преговори околу иднината на British Steel.

– Преносот на сопственоста на државата сè уште е опција, особено поради однесувањето на компанијата, рече Рејнолдс и додаде дека Владата сè уште се надева на партнерство со приватниот сектор за долгорочно решение.

Ако се затворат високите печки, Велика Британија ќе стане единствената членка на Г7 што нема да може да произведува примарен челик од железна руда, кокс и други суровини.

British Steel и пред зголемувањето на енергетските трошоци имаше проблеми поради заситеност на глобалниот пазар со челик. Дополнителен удар беа 25-процентните царини што САД ги воведоа на целиот увоз на челик во март оваа година.

САД увезуваат околу пет проценти од британскиот челик, во вредност од околу 400 милиони фунти годишно.