Велика Британија ги осудува „сецесионистичките потези“ на Додик

Велика Британија сериозно ги осудува сецесионистичките потези на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кои, според британскиот министер за европски и северноамерикански прашања, Стивен Даути, претставуваат закана за суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.

Велика Британија сериозно ги осудува сецесионистичките потези на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кои, според британскиот министер за европски и северноамерикански прашања, Стивен Даути, претставуваат закана за суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, јавува Бета.

-Овие чекори се неуставни и опасни, особено за граѓаните на Република Српска, кои Додик тврди дека ги штити. Велика Британија е целосно посветена на Дејтонскиот договор како една од неговите гаранти и ја поддржува БиХ како суверена и политички независна држава, изјави синоќа Даути во британскиот парламент, каде се одржа расправа за состојбата во БиХ.

Тој потсети дека Судот на БиХ веќе донесе првостепена пресуда против Додик за неизвршување на одлуките на високиот меѓународен претставник.

– Велика Британија недвосмислено го поддржува високиот претставник во БиХ, чија функција не е доведена во прашање. Непочитувањето на неговите независни одлуки ја поткопува владеењето на правото во БиХ, рече Даути.

Одлуките на Народното собрание на РС, со кои се забранува работењето на дел од државните правосудни институции и полициските агенции на територијата на овој ентитет, британскиот министер ги нарече „антидејтонски“ и предупреди дека станува збор за „сериозна ескалација што го загрозува суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ“.

Според него, Додик „ги засилува нападите врз државата, што го зголемува ризикот за меѓународната безбедност“.
„БиХ има институции и механизми за да одговори на ова, а ние ќе поддржиме секоја реакција што ќе ја стави оваа криза под контрола“, порача Даути.

Тој додаде дека постои единство во меѓународната заедница околу, како што нагласи, „антиуставните потези на Додик“, како и дека Велика Британија разгледува можност за соработка со Европската Унија во областа на надворешната политика, што би можело да доведе до нејзино враќање во мисијата ЕУФОР.