
Велика Британија во „воена подготвеност“
Британскиот премиер Кир Стармер денеска во Глазгов изјави дека Обединетото Кралство преминува на „воена подготвеност“, претставувајќи ги новите планови на владата за зголемување на одбранбените трошоци и воените способности. Во својот говор, тој предупреди дека земјата денес се соочува со закана „посериозна, поитна и понепредвидлива од кога било по Студената војна“.
Британскиот премиер Кир Стармер денеска во Глазгов изјави дека Обединетото Кралство преминува на „воена подготвеност“, претставувајќи ги новите планови на владата за зголемување на одбранбените трошоци и воените способности. Во својот говор, тој предупреди дека земјата денес се соочува со закана „посериозна, поитна и понепредвидлива од кога било по Студената војна“.
– Првата линија на бојното поле е овде, рече Стармер, укажувајќи на зголемената агресија на Русија по инвазијата на Украина во 2022 година.
Владата објави изградба на до 12 јуришни подморници во рамките на програмата AUKUS – безбедносно партнерство меѓу Обединетото Кралство, САД и Австралија. Британскиот премиер вети дека новите подморници ќе се испорачуваат на секои 18 месеци. Покрај тоа, ќе бидат изградени најмалку шест нови фабрики за муниција и илјадници нови проектили со долг дострел.
Стармер потврди и инвестиција од 15 милијарди фунти (околу 17,6 милијарди евра) во британската програма за развој на нуклеарни боеви глави, што владата го опишува како темел на долгорочната безбедност на земјата.
Најавените мерки се дел од новата Стратешка одбранбена ревизија, предводена од Џорџ Робертсон, колега на Стармер од Лабуристичката партија и поранешен генерален секретар на НАТО. Целосниот документ ќе биде објавен во текот на денот.
– Оваа ревизија носи единство во целите на целото Обединето Кралство. Во овие опасни времиња, кога станува збор за одбраната на државата и сè што ни е важно, ништо не функционира ако не работиме заедно, рече Стармер.
Тој додаде дека земјата се соочува со војна во Европа, нови нуклеарни ризици, секојдневни сајбер-напади и зголемени руски притисоци – во британските води и воздушен простор – кои, според него, „ги зголемуваат трошоците за живот, создаваат економска болка и најтешко ја погодуваат работничката класа“.
Стармер нагласи три клучни промени што владата планира да ги спроведе:
-Воената подготвеност станува централна цел на вооружените сили. „Најдоброто одвраќање од директните закани на напредните воени сили е да бидеме подготвени – и да покажеме дека сме подготвени да го обезбедиме мирот преку сила“, рече тој.
– Сè ќе биде во функција на зајакнување на НАТО. Стармер истакна дека членството во Алијансата гарантира дека Британија „никогаш нема да војува сама“.
-Иновации со воено темпо. Забрзаниот развој на воената технологија треба да ѝ овозможи на Британија да стане најбрз иноватор во НАТО.
Стармер не можеше да прецизира кога одбранбениот буџет ќе ги достигне посакуваните 3% од БДП, иако оваа амбиција претходно беше спомената како цел за следниот парламентарен мандат. – Нема да објавам точен датум додека не сум сигурен од каде доаѓаат средствата и како ќе можеме да го исполниме тоа, изјави тој утрово за Би-би-си.
Во февруари, владата објави дека до 2027 година ќе го зголеми одбранбениот буџет на 2,5% од БДП, делумно под притисок на американската администрација на претседателот Доналд Трамп. Дел од средствата ќе бидат обезбедени со намалување на издатоците за меѓународна помош.
На прашањето на новинарите во Глазгов за изводливоста на овие планови, Стармер одговори: „Сто проценти сум сигурен дека ова може да се реализира“. Минатата недела, министерот за одбрана Џон Хили објави дополнителни инвестиции во вештачка интелигенција и борбени дронови.