Велигден – најголемиот христијански празник, ден на Христовото воскресение

Православните христијани го одбележуваат Велигден – празникот на Христовото воскресение, кој се смета за најважен во православниот календар и симбол на победата на животот над смртта.

Православните христијани го одбележуваат Велигден – празникот на Христовото воскресение, кој се смета за најважен во православниот календар и симбол на победата на животот над смртта.

Според христијанското учење, Исус Христос воскреснал третиот ден по неговото распнување, на првата недела по Велики петок. Во евангелијата се наведува дека во моментот на воскресението се случил силен земјотрес, а ангел слегол на гробот и го оттурнал каменот.

Велигден претставува централниот настан на христијанската вера, со кој се слави надежта за вечен живот. На овој ден верниците се поздравуваат со традиционалниот поздрав „Христос воскресна“, на што се одговара „Навистина воскресна“.

Овој празник е подвижен и не се празнува на ист датум секоја година, бидејќи се пресметува според лунарниот календар – првата недела по полната месечина по пролетната рамноденица, и секогаш по еврејскиот празник Пасха. Во периодот од 1900 до 2100 година, Велигден може да се падне помеѓу 4 април и 8 мај.

Подготовките за Велигден започнуваат со Велигденските пости, кои траат седум недели и претставуваат период на духовна подготовка, воздржување и молитва. По нив следуваат Цветници и Страсната седмица, која кулминира со Велики петок – денот на Христовото страдање.

Велигденската богослужба традиционално започнува на полноќ, кога верниците се собираат во храмовите за да го одбележат Христовото воскресение. Овој празник се смета за „празник над празниците“, по кој следува Светлата седмица, период без постење и исполнет со радост.

Велигден останува симбол на обновата, верата и надежта, празник кој ги обединува верниците ширум светот.