(Обновено) Хронолошки преглед на сведокот Димовски за убиството на Вања и Панче

„Работевме на различни теории произлезени од родителите, а една од нив беше поврзана со нејзиниот виртуелен дечко од Шведска,“ изјави Димовски.

Во текот на судењето за свирепото двојно убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски, сведочеше и началникот на единицата за насилен криминал, Дејан Димовски. Во своето сведочење, тој откри дека истрагата ги следела повеќе различни теории, од кои една била базирана на информации дадени од родителите на Вања.

„Работевме на различни теории произлезени од родителите, а една од нив беше поврзана со нејзиниот виртуелен дечко од Шведска,“ изјави Димовски.

Според него, Вања комуницирала со момче преку интернет, разговарале на англиски јазик, а деталите што ги откриле на неговиот профил ги вознемириле истражителите.

„Го проверивме профилот и забележавме дека на неговата страна имаше знамиња поврзани со ИСИС. Тоа го направи случајот уште посериозен и веднаш вклучивме колеги од други оддели за да ја провериме таа можна закана,“ додаде тој.

Се преземале обемни проверки, вклучително и соработка со шведските власти, како и проверки на границите, но истрагата не резултирала со конкретни наоди.

„За жал, сите проверки беа негативни и оваа трага не водеше никаде. Изгубивме два дена работејќи на оваа теорија,“ сведочеше Димовски, објаснувајќи дека полицијата морала да одземе телефони и компјутери за детални анализи, кои траеле неколку дена, јавува 21ТВ.

Таткото на Вања давал фотографии и посочувал на постаро лице и поврзаност со Велес, на полицијата ништо не ѝ било јасно во тој момент

Фото: Архива

Димовски во своето сведочење, откри дека се водела уште една истрага за запалено возило.

-Се водеше уште една истрага за запаленото возило. Тоа го работеше единицата за крвни деликти. Но тогаш немаше поврзаност на случајот. На 27-ми во вечерните часови бевме известени дека е пронајдено запалено возило, целосно изгорено. Тогаш се работеше како предизвикување на општа опасност. Колегите кои го работеа возилото, бараа камери. Најдоа некоја камера на општината мислам од Чучер Сандево беше.

– Таткото на Вања на 1-ви декември подоцна ни даде фотографија од возилото и рече дека му е сомнително. Не ни кажа зошто им е сомнително. Но тој го посочуваше и велеше дека има уште едно возило. Ние пребаруваме и го најдовме возилото. Таткото потоа пак ми се јави и рече дека може да биде инволвирано друго постаро лице од Охрид, од Велес… Да не е надвор од Скопје.. Ние тогаш веќе имавме конекција и со Реното Кангу. Подоцна, полицајци го здогледаа Реното Канго паркирано пред политичката партија Десна. Полицајците провериле на интернет дека претседател е Љупчо Палевски Палчо.

– Обвинителите или судиите не ни даваа веднаш наредба за претрес. Бидејќи било политичка партија. Подоцна добивме наредба на физичкото лице сопственик на зградата. Ова беше на 2-ри декември во 01:00 часот. Кога влеговме внатре имаше три лица, Влатко Кекишев ни рече: Ајде каде сте до сега ве чекавме. Го прашав зошто, ми рече дека ја виделе полицијата и возилото. Тогаш го прашавме каде ви е претседателот, Кекишев ни рече дека е во Белград дека имал проблеми со кичмата.

– Викнаа и адвокат и тој ни рече дека тој го изнел Палчо преку граница пред два дена. Палчо по пат додека се возеле во Србија му кажувал на адвокатот дека последните денови го следело велешко возило. Ние додека вршевме претрес немавме поврзаност на настаните. Ние само тогаш мислевме дека е поврзан со грабнувањето на Панче од Велес. Со Вања немавме поврзаност. Знаевме само дека возилото поминува покрај зградата на Вања. Цитроенот и Кангуто. Таткото на Вања снимките кои ни ги даваше ние веќе ги имавме. Дури еден ден ние се начекавме на едно место во фризерница, како и тој и ние ги бараме снимките. Тој беше со еден човек за кој рече дека е кум. Рече дека се вика Гоце, кој имал контакти со полицијата. И рече дека Палчо бил зет за прва братучеда на мајката на Гоце. И дека тие се познаваат, изјави Димовски.

„Мртов агол“ го отвори сомнежот: Истрагата не открива трага од Вања Ѓорчевска на камерите околу зградата

Фото: ТВ21

Истрагата за свирепото убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска се соочила со бројни пречки, откри началникот на единицата за насилен криминал, Дејан Димовски, при неговото денешно сведочење во Основниот кривичен суд.

Една од главните пречки во случајот била „мртвиот агол“ во близина на зградата на улицата „Наум Наумовски Борче“, каде што девојчето било киднапирано.

„Направивме круг околу зградата на Илинденска и ги мапиравме сите камери. Забележавме дека има еден мртов агол, точно на излезот од зградата. Ниту една камера не го покриваше тој простор. Тогаш заклучивме дека девојчето нема шанси пешки да ја напуштило зградата,“ изјави Димовски.

Откако не се пронајдени снимки од Вања на камерите, истрагата се насочила кон возилата во околината.

„Ги прегледавме сите возила што беа паркирани, но во ниту едно не најдовме девојче,“ додаде тој.

Ова ја продолжило потрагата, која вклучувала проверки на регистарски броеви и детектирање на возила со потенцијално фалсификувани таблици.

Истрагата работела со голем напор, но мртвиот агол остана нерешлив елемент во обидите да се утврди како и каде Вања ја напуштила зградата тој кобен ден.

Велибор Манев се онесвестил кога упаднала полицијата, Кекишев рекол: Јас не сум човек штом сум дел од ова

Во сведочењето на началникот Дејан Димовски за судењето на Љупчо Палевски – Палчо и соизвршителите, беа изнесени нови детали за истрагата што ги поврзува осомничените со свирепите убиства. Влатко Кекишев, еден од осомничените, под притисок почнал да открива информации кои ги насочиле истражителите кон нови сознанија.

„Кекишев првично тврдеше дека не го напушта објектот на политичката партија. Кога го прашавме дали бил во Велес, рече дека не бил. Но од неговото однесување и разговори знаевме дека нешто крие,“ изјави Димовски. Според Кекишев, тој му готвел на Палчо и му правел кафе кога имал гости, споменувајќи некој Веља, но одбивал да каже кој е тој. Подоцна, преку системски проверки, истражителите откриле дека Веља е всушност Велибор Манев од Велес, кој живеел на иста улица со киднапираниот и убиен Панче Жежовски.

Димовски објасни дека Кекишев, по долг разговор, конечно признал дека учествувал во злосторството, но не дал детали веднаш. „Тогаш рече дека со Палчо оделе кај Бразда, каде што Палчо му покажувал место каде сакал да гради некој објект,“ додаде Димовски. Оваа информација била клучна за натамошниот тек на истрагата.

На рано утро, околу 4-5 часот, истражителите заедно со Кекишев се упатиле кон местото на Бразда, каде што им била покажана локацијата на запаленото возило. Кекишев исто така изјавил дека Палчо имал „свои луѓе“ во полицијата, што дополнително го вознемирувало и плашело.

Со новите откритија, истрагата почнала да добива јасна насока, поврзувајќи ги осомничените со злосторствата во Велес и Скопје, јавува ТВ21.

Велибор Манев им го покажал телото на Панче, Кекишев не сакал да гледа каде што е телото на Вања

Истрагата за свирепото убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска кулминирала со мрачно откритие, кога истражителите го пронашле телото на девојчето во околината на Бразда. Началникот Дејан Димовски во своето сведочење ги опиша клучните моменти од тој ден.

„Продолживме со копање, иако беше тешко. Колегата дури мораше да земе лопата од селото. Во еден момент се појави нешто бело – тоа беше лицето на девојчето. Престанавме да копаме за да не го оштетиме телото,“ изјави Димовски. Истражителите веднаш ги известиле надлежните, а на местото останале да го осигураат доказот.

„Телото на девојчето изгледаше како да е живо. Рацете ѝ беа врзани позади грб, исто така и нозете, а на устата имаше лента. Носеше иста облека каква што ја баравме,“ продолжи Димовски, опишувајќи ја шокантната сцена која истражителите ја откриле.

Истовремено, колегите во Велес разговарале со Велибор Манев, кој признал дека постои уште едно тело, кое го однеле на друга локација. Според Манев, со групата бил и Боре, познат по својот карате тренинг.

Оваа трагична и емотивно тешка сцена наоѓањето на телото го означила клучниот момент во истрагата, поврзувајќи го убиството на Вања со претходните злосторства.

Таткото на Вања пишал во група со останатите родители, па избришал: Кажете само колку пари треба?

Таткото на 14-годишната Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, при истрагата за киднапирањето и убиството на својата ќерка се однесувал на начин што предизвикал сомнежи кај полицијата. Началникот на единицата за насилен криминал, Дејан Димовски, во своето сведочење откри дека Ѓорчевски не само што ја предвидувал судбината на девојчето, туку и се движел на места што полицијата ги следела како дел од истрагата.

„Го следевме и однесувањето на таткото. На 27-ми ноември, неговото возило го видовме како поминува покрај Александар Палас кон Качанички пат околу 9.15 часот, само еден час откако истото го сторило Рено Кангу, возилото на Палчо. Кога го прашавме зошто не продолжил, тој рече дека го фатила гужба во сообраќај,“ сведочеше Димовски.

Таткото не само што ги предвидувал настаните, како што сам истакнал, туку и веднаш тврдеше дека Вања е киднапирана, а потоа убиена. „Кога го прашавме зошто е толку сигурен, тој рече дека логично му било по филмовите што ги гледал, девојчето да биде однесено на граница,“ додаде Димовски.

Истражителите откриле и комуникација скрин шот во мобилниот телефон. Тоа било разговор со ќерка му вечерта пред киднапирањето, советувајќи ја за облеката за следниот ден, нагласувајќи дека ќе биде ладно.

Димовски, исто така, посочи дека други родители од училиштето, кои биле дел од заедничката група за комуникација, истакнале дека таткото пуштил порака во која пишувало: „Кажете само колку пари треба?“ Пораката била брзо избришана, но некои родители ја виделе.

Таткото на Вања, исто така, бил директно споменат од Велибор Манев и Боре Видевски, кои сведочеле дека тој му кажал на Палчо кога девојчето ќе биде сама, што ги вклучило овие информации во истрагата и ја проширило мрежата на осомничени, јавува ТВ21.

По расправија меѓу родителите, Вања сакала да се самоповреди, открила сестрата Миња, а потврдила мајката пред полицијата

Во текот на истрагата за киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, полицијата добила нови сознанија за психолошката состојба на девојчето пред трагичниот настан. Според сведочењето на началникот Дејан Димовски, родителите и сестрата на Вања откриле дека таа претходно се обидела да се самоповреди поради семејни конфликти.

„Во разговорите со родителите, ги прашувавме дали имало сомнителни однесувања кај Вања. Добиена е информација дека еднаш Вања се обидела да се повреди со цврст предмет, по расправија меѓу нејзините родители,“ изјави Димовски. Според информациите, по караница со мајката, девојчето живеело кај таткото, но по нов конфликт и со него, таа се вратила кај мајката.

Овие моменти ја истакнуваат тешката емоционална состојба на девојчето, која била во притисок од нарушените односи меѓу родителите. Сестрата на Вања, Миња, ја потврдила информацијата дека Вања имала обиди за самоповредување, а подоцна и мајката ја потврдила оваа приказна.

Велибор и Боре кажале дека и таткото е инволвиран во грабнувањето, рече началникот Димовски

„Велибор и Боре отворено ни кажаа дека и таткото е инволвиран во киднапирањето и убиството на Вања. Со нивните искази, заедно со внимателно разгледување на сите околности, се создаде силен сомнеж во неговата улога во ова злосторство,“ објасни Димовски.