Вајц за притисокот врз Судскиот совет: Ова е загрижувачко мешање од Владата

„Овој повик од Владата е загрижувачки знак за политичко мешање во судството. Независноста на судскиот систем е од клучно значење за владеењето на правото и поделбата на власта, кои се фундаментални вредности за патот на Северна Македонија кон ЕУ“, е реакцијата на Вајс за „Независен“.

Известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, оцени дека повикот на Владата до членовите на Судскиот совет да поднесат оставки или да бидат разрешени поради нивната наводна политичка припадност, е загрижувачки знак за политичко мешање во судството.

„Независноста на судскиот систем е клучна за владеењето на правото и поделбата на власта, коишто се темелни вредности на патот на Северна Македонија кон ЕУ, наведува Вајц во пишаната изјава до медиумите.

Собранието на седницата во вторникот изгласа недоверба на петмината членови на Судскиот совет избрани од Собранието – Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми. Интерпелацијата беше поднесена на 7 февруари, а зад неа застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство. За заминувањето од функциите на петте члена на Судскиот совет ќе треба да одлучат самите, а така налага и Законот за Судски совет.

Премиерот Христијан Мицкоски завчера во изјава за медиумите рече дека очекува овие членови на Судскиот совет да ги напуштат позициите, затоа што немаат кредибилитет да бидат на тие места.

„Јас очекувам нивна морална одговорност и да ги напуштат позициите коишто ги имаат заробено, затоа што немаат никаков кредибилитет да бидат на тие места“, изјави Мицкоски.

Американската амбасадорка Анџела Агелер денеска изјави дека многу внимателно ги следат процедурите во Собранието и изјавите во врска изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет.

Таа нагласи дека не може да ги коментира, но, како што рече, најважно од сѐ е процесот да се следи на јасен и транспарентен начин.