Ватикан: Тажни сме поради сцената од отворањето на Олимписките игри

Ватикан соопшти дека е тажен поради сцената од отворањето на Олимписките игри во Париз која личеше на пародија на сликата „Тајната вечера“ на Леонардо Да Винчи, како што пишува Reuters.

„Светата столица е тажна поради одредени сцени од церемонијата на отворањето на Олимписките игри во Париз и не може, а да не им се придружи на оние кои ја осудија навредата направена кон многу христијани и верници од други религии во последните денови“, се вели во необична изјава.

Сцената на церемонијата на 26 јули наликуваше на библиската сцена на Исус Христос и неговите апостоли кои го делат последниот оброк пред распнувањето, но на неа имаше трансродова манекенка, неколку драг кралици и гол пејач кој ја игра улогата на грчкиот бог на виното, Дион.

Организаторите на церемонијата се извинија два дена подоцна, велејќи дека немале намера да непочитуваат ниту една религиозна група.

Уметничкиот директор објасни дека сцената не е инспирирана од христијанската последна вечера, туку од паганската гозба поврзана со историските Олимписки игри.

„На престижен настан, кога целиот свет се собира околу заедничките вредности, не треба да има алузии со кои се потсмеваат религиозните верувања на многу луѓе“, соопшти Ватикан.