
Сега веќе е и официјално, Александар Васоски повторно е шеф на стручниот штаб на Вардар, а во клубот се враќа и легендарниот тренер Ѓоко Хаџиевски, овојпат во улога на спортски директор на „црвено-црните“.
Она што беше најавено пред неколку часа, сега е и официјално по објавата на ФК Вардар дека Васоски е наследникот на доскорешниот тренер Бобан Грнчаров, додека Хаџиевски седнува во директорската фотелја што до неодамна му припаѓаше на Александар Бајевски.
Објавата на официјалниот профил на ФК Вардар ја пренесуваме во целост:
„Со огромно задоволство ја соопштуваме веста, дека од денес за нов тренер на ФК Вардар е назначен Александар Васовски – Тетовче, играчка легенда на клубот и човек под чие водство ФК Вардар ја освои последната шампионска титула во 2019 година. Покрај него, во клубот се враќа и големата спортска легенда Ѓокица Ѓоко Хаџиевски, најтрофејниот Вардаров тренер и човекот кој со “црвено-црните” има освено вкупно пет шампионски титули и два национални купа. Веруваме дека со неговото богато интернационално тренерско искуство и знаење, ќе биде од огромна помош за тренерот Васовски, но и за целокупниот тим.
Особено не радува искрениот пристап на двајцата тренери, кои веднаш и без размислување ја прифатија понудата на клубот. Сметаме дека спојот на професионализам и искуство и на желбата и знаењето, ќе биде темелот врз кој во понатамошниот период ќе се развива клубот, градејќи го постепено потребниот победнички менталитет.
Првиот официјален натпревар за тренерот Васовски, како и за Ѓоко Хаџиевски ќе биде веќе во среда, против екипата на Силекс, кој нашиот Вардар ќе го одигра на стадионот “Борис Трајковски” во населбата Маџари, со почеток од 16:30ч
Ги покануваме сите навивачи на клубот да присуствуваат на натпреварот, да ги поздравиме како што доликува големите Вардарови легенди и да им дадеме поддршка на нашите фудбалери, за да стигнат до првата победа.
Обединети се бориме, за клубот на народот!