Васко Ковачевски: Успешно ја менаџираме кризата!
„Ние сме една од ретките држави во Југоисточна Европа која нема ниту еден ден рестрикција, намалено производство или проблем со снабдувањето, а и поскапувањето на струјата е најмало во регионот“. Ова е ставот на генералниот директор на ЕСМ – Васко Ковачевски.
Тој вели дека е тешко да се менаџира ситуацијата во криза која дополнително е обременета и со руско-украинскиот конфликт, но ЕСМ со поддршка на Владата засега успева во тоа.
„Јас очекувам, со вакво производство, зголемено, сигурно и стабилно, како и со намалено купување електрична енергија, дека цената повторно ќе биде најмалку со зголемување не во државата, него во регионот“ – потенцира Ковачевски.
Во ноември и декември, кога беа клучните удари од кризата, биле набавени 108 000 мегаватчасови електрична енергија за 29 579 000 евра, а во јануари и февруари 18 240 мегават часови за 4,851 милиони евра. Овие средства, како што истакна Ковачевски, се исплатени со финансиската поддршка од Владата.
„Со капацитетите во моментов не е возможно да се произведат 5 000 гигават часови. Кога имате енергетска стратегија и одите кон обновливи извори, а притоа изодите половина пат и треба да се враќате назад, повторно кон јаглен, е многу тешко. Ако со поддршка на Владата не ги ставевме во функција ТЕЦ Неготино и ТЕ-ТО, немаше да заштедиме 37 милиони евра во државната каса“ – истакна Ковачевски.